ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/6 стр. 23-27
  • Неспоредлива радост!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Неспоредлива радост!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Моите почетоци
  • Втората светска војна — време на испит
  • Во полновремена служба
  • Проблемите и предностите на проповедањето
  • Тажна разделба
  • Ја дознав библиската вистина во Романија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Дали ги сакаш и ги цениш духовните богатства?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
  • Да се држат очите и срцето вперени кон наградата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Писменце што ми го промени животот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/6 стр. 23-27

Животна приказна

Неспоредлива радост!

РАСКАЖАЛ РЕЏИНАЛД ВАЛВОРК

„Ништо на овој свет не може да се спореди со радоста што ја имавме во полновремената мисионерска служба за Јехова!“ Ова набрзина напишано писменце го најдов во документите на жена ми набрзо

по нејзината смрт во мај 1994.

ДОДЕКА размислувам за зборовите на Ајрин, се присетувам на 37-те среќни, задоволувачки години што ги поминавме како мисионери во Перу. Уживавме во едно скапоцено христијанско партнерство уште од нашата венчавка во декември 1942 — и ова е добро место да ја започнам мојата приказна.

Ајрин била воспитана како Јеховин сведок во Ливерпул (Англија). Како една од трите ќерки, го изгубила својот татко за време на Првата светска војна. Подоцна, мајка ѝ се омажила за Винтон Фрејзер и имале син, Сидни. Токму пред Втората светска војна, семејството се преселило во Бангор, Северен Велс, каде што во 1939 Ајрин се крстила. Сидни се крстил претходната година, па така тој и Ајрин служеле заедно како пионери — полновремени евангелизатори — по должината на северниот брег на Велс, од Бангор до Карнарвон, вклучувајќи го и островот Англси.

Во тоа време, јас бев во собранието Ранкорн, околу 20 километри југоисточно од Ливерпул, служејќи како претседавачки надгледник, како што тоа денес се вика. На еден покраински собир Ајрин ми пристапи за да ме праша дали може да добие подрачје каде што ќе може да проповеда, зашто планираше да остане кај нејзината мажена сестра Вера која живееше во Ранкорн. Ајрин и јас добро се сложувавме за време на двете седмици додека таа беше со нас, а јас подоцна во неколку прилики ја посетив во Бангор. Колку бев радосен кога еден викенд Ајрин ја прифати мојата понуда за брак!

Враќајќи се дома во недела, веднаш почнав да правам планови за нашата венчавка, но во вторник ме чекаше една телеграма. „Жал ми е што оваа телеграма ќе те повреди“, пишуваше. „Ја откажувам нашата венчавка. Ќе добиеш и писмо“. Бев шокиран. Што можело да се случи?

Писмото на Ајрин пристигна следниот ден. Ми кажа дека ќе оди во Хорсфорт во Јоркшир да служи како пионер со Хилда Паџет.a Ми објасни дека 12 месеци пред тоа се согласила да служи таму каде што има поголема потреба, ако тоа се побара од неа. Таа пишуваше: „За мене тоа е како да сум му дала завет на Јехова и мислам дека, затоа што него му ветив пред да те запознаам тебе, морам да го исполнам“. Иако бев тажен, многу се восхитував на нејзиниот интегритет и со една телеграма ѝ одговорив: „Оди. Ќе те чекам“.

Додека беше во Јоркшир, Ајрин доби затворска казна од три месеци поради тоа што совесно одбиваше да ја поддржува војната. Но, 18 месеци подоцна, во декември 1942, се венчавме.

Моите почетоци

Во 1919 мајка ми купи комплет од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото).b Иако, како што татко ми со право забележа тогаш, мајка ми никогаш порано немаше прочитано книга, беше решена внимателно да ги проучи овие книги заедно со својата Библија. Го стори тоа и, во 1920, се крсти.

Татко ми беше толерантен човек и не ја спречуваше мајка ми да го прави она што го сака, а тоа вклучуваше и да ги воспита нивните четири деца — моите две сестри, Гвен и Ајви; брат ми, Алек; и мене — на патот на вистината. Стенли Роџерс и други верни Сведоци од Ливерпул патуваа за да држат библиски предавања во Ранкорн, каде што наскоро беше формирано ново собрание. Нашето семејство напредуваше духовно заедно со собранието.

Гвен одеше на часови по конфирмација во Англиканската црква, но штом почна да ја проучува Библијата заедно со мајка ми, престана. Кога свештеникот нѐ посети за да види зошто таа повеќе не одеше на неговите часови, го пречека дожд од прашања за кои не беше подготвен. Гвен го праша за значењето на Господовата молитва и на крај излезе таа да му ја објасни нему! Заврши цитирајќи од 1. Коринќаните 10:21, јасно ставајќи му на знаење дека повеќе не може да ‚јаде на две трпези‘. Кога си одеше, свештеникот рече дека ќе се моли за Гвен и дека ќе се врати за да ѝ одговори на прашањата, но никогаш повеќе не се врати. Набрзо откако се крсти, Гвен стана полновремен евангелизатор.

Грижата за младите во нашето собрание беше за пример. Се сеќавам дека слушав едно предавање што го одржа еден патувачки старешина кога имав седум години. Потоа ми пријде и разговараше со мене. Му реков дека читав за Авраам и за тоа како се обидел да го жртвува својот син, Исак. „Оди таму на ќошот на подиумот и раскажи ми за тоа“, ми рече. Колку бев воодушевен што стоев таму и го држев моето прво „јавно предавање“!

Се крстив на 15 години, во 1931, истата година кога почина мајка ми, и го напуштив училиштето за да учам занает како електричар. Во 1936, јавно се пуштаа снимени библиски предавања и една постара сестра нѐ охрабри мене и брат ми да се вклучиме во оваа активност. Така, јас и Алек отидовме во Ливерпул да купиме велосипед и дадовме да ни направат приколка на која ќе го носиме нашиот фонограф. На задниот дел од приколката, на една цевка што се собираше и која беше висока два метра, беше прицврстен звучник. Механичарот ни рече дека никогаш пред тоа немал направено нешто слично, но функционираше! Одушевено го обработивме нашето подрачје, благодарни за охрабрувањето од таа сестра и за предноста што ни беше доверена.

Втората светска војна — време на испит

Како што облаците на војната надвиснуваа, јас и Стенли Роџерс бевме зафатени најавувајќи го јавното предавање „Соочете се со фактите“ што требаше да се одржи во Royal Albert Hall во Лондон, на 11 септември 1938. Подоцна учествував во дистрибуирањето на овој говор во форма на џебна брошурка, заедно со брошурката Fascism or Freedom (Фашизам или слобода), што беше издадена следната година. И двете брошурки отворено ги разоткрија тоталитарните амбиции на Хитлерова Германија. Дотогаш, мојата јавна служба направи да бидам добро познат и почитуван во Ранкорн. Навистина, тоа што секогаш бев во првите редови на теократската активност добро ми послужи.

Фирмата за која што работев склучи договор за да ја постави електричната инсталација на една нова фабрика во околината на градот. Кога дознав дека тоа ќе биде фабрика за производство на оружје, јасно кажав дека на можам да работам таму. Иако моите работодавци не беа задоволни, мојот шеф се зазеде за мене и ми беше дадена друга работа. Подоцна дознав дека имал тетка што била Јеховин сведок.

Еден колега многу ме охрабри кога ми рече: „Од тебе не би очекувале и ништо друго, Реџ, зашто веќе толку многу години си вклучен во библиското дело“. Сепак, морав да бидам претпазлив, зашто многу од колегите сакаа да ми направат проблеми.

Мојата регистрација како лице со приговор на совеста беше прифатена од судот во Ливерпул во јуни 1940 под услов да не ја сменам струката. Се разбира, ова ми овозможи да продолжам да ја извршувам мојата христијанска служба.

Во полновремена служба

Како што се наближуваше крајот на војната, решив да ја напуштам работата и да ѝ се придружам на Ајрин во полновремената служба. Во 1946 година, изградив една приколка долга 5 метри што ни стана дом, и следната година бевме замолени да се преселиме во Алвестон, село во грофовијата Глостер. Подоцна, служевме како пионери во древниот град Сајренсестер и во градот Бат. Во 1951 бев поканет да ги посетувам собранијата во јужен Велс како патувачки надгледник, но помалку од две години подоцна бевме на пат кон Библиската школа Гилеад на Watchtower за обука на мисионери.

Обуката на 21-от клас на школата се одржа во Саут Ленсинг во северниот дел на Њујорк, и дипломиравме во 1953 на Собирот „Општеството на Новиот свет“, што се одржа во градот Њујорк. Јас и Ајрин не знаевме каде ќе биде нашата доделба сѐ до денот на дипломирањето. Колку бевме воодушевени кога дознавме дека нашето одредиште е Перу. Зошто? Зашто Сидни Фрејзер, полубратот на Ајрин, и неговата сопруга, Маргарет, служеа во канцеларијата на подружницата во Лима повеќе од една година откако дипломираа во 19-от клас на Гилеад!

Додека ги чекавме нашите визи, поминавме кратко време работејќи во Бетелот во Бруклин, но наскоро бевме на пат за Лима. Првата од нашите мисионерски доделби беше Калао, главното пристаниште во Перу, малку западно од Лима. Иако имавме основно познавање на шпанскиот јазик, во тој момент ниту јас ниту Ајрин не можевме течно да зборуваме на овој јазик. Како ќе се снајдеме?

Проблемите и предностите на проповедањето

Во Гилеад ни беше кажано дека мајката не го учи бебето да го зборува јазикот. Наместо тоа, бебето го учи јазикот додека мајката зборува. Затоа, советот што го добивме беше: „Веднаш излезете да проповедате и учете го јазикот од народот. Народот ќе ви помогне“. Додека се трудев да го совладам овој нов јазик, замислете си како се чувствував кога, по две седмици откако пристигнавме, бев наименуван за претседавачки надгледник во собранието Калао. Отидов да се видам со Сидни Фрејзер, но неговиот совет беше ист како и советот што го добивме во Гилеад — дружи се со собранието и со луѓето на твоето подрачје. Решив да го послушам овој совет.

Едно саботно утро се запознав со еден столар во неговата работилница. „Јас морам да продолжам со работата“, ми рече, „но, повели, седни и зборувај ми.“ Му реков дека ќе направам така, но под еден услов: „Кога ќе направам грешка, те молам, поправи ме. Нема да се навредам“. Тој се насмеа и се согласи. Го посетував двапати неделно и сфатив дека тоа е идеален начин да се запознаам со мојот нов јазик, токму како што ми беше кажано.

Случајно, во Ика, нашата втора мисионерска доделба, се запознав со еден друг столар и му објаснив за договорот што го имав во Калао. Се согласи да ми помогне на сличен начин, па така мојот шпански продолжи прилично да се подобрува, иако ми требаа три години пред да станам навистина вешт со јазикот. Овој човек секогаш беше многу зафатен, но успеав да водам библиска студија читајќи му библиски стихови и потоа објаснувајќи му го нивното значење. Една недела, кога отидов да го видам, неговиот работодавец ми кажа дека заминал на нова работа во Лима. По некое време, кога јас и Ајрин отидовме во Лима на конгрес, пак го сретнав овој човек. Колку бев воодушевен кога дознав дека стапил во контакт со локалните Сведоци за да ја продолжи својата студија и дека тој и целото негово семејство станале предадени слуги на Јехова!

Во едно собрание, откривме дека еден млад пар не се венчани, а сепак се крстени. Додека дискутиравме со нив за библиските начела што се однесуваа на тоа, решија да ја озаконат својата врска, што ќе ги квалификуваше да бидат крстени Сведоци. Затоа организирав да ги однесам во градското собрание за да го регистрираат својот брак. Но, се појави еден проблем зашто имаа четири деца што, исто така, не беа запишани во матичната книга на родените, а тоа беше законско барање. Нормално, се прашувавме што ќе преземе градоначалникот. „Бидејќи овие добри луѓе, вашите пријатели Јеховини сведоци, се погрижија законски да се венчате“, рече градоначалникот, „нема да издадам судски налози што би требало да се врачат за секое од децата и ќе ги запишам во матичната книга на родените бесплатно.“ Колку само бевме благодарни, зашто тоа беше сиромашно семејство и секоја парична казна ќе беше голем товар за нив!

Алберт Д. Шредер од седиштето на Јеховините сведоци во Бруклин подоцна нѐ посети и предложи да се основа нов мисионерски дом во друг дел на Лима. Така, јас и Ајрин заедно со две сестри, Франсис и Елизабет Гуд од Соединетите Држави и една канадска брачна двојка, се преселивме во областа Сан Борха. За две-три години бевме благословени со уште едно напредно собрание.

Служејќи во Хуанкајо, на повеќе од 3.000 метри надморска височина во централното планинско подрачје, се дружевме со тамошното собрание од 80 Сведоци. Таму бев вклучен во изградбата на втората Сала на Царството што требаше да се изгради во земјата. Бев наименуван како законски застапник на Јеховините сведоци, зашто моравме трипати да одиме на суд за да ги установиме нашите законски права за земјата што ја купивме. Ова дело, заедно со правењето ученици што во големи размери го извршуваа многуте верни мисионери во тие рани денови, положија цврст темел за прекрасниот напредок што сега го гледаме во Перу — од 283 Сведоци во 1953 на 83.000 денес.

Тажна разделба

Уживавме во прекрасното дружење со другите мисионери во сите наши мисионерски домови, каде што честопати имав предност да служам како надгледник на мисионерскиот дом. Секој понеделник наутро ќе се соберевме заедно за да разговараме за нашите активности за таа седмица и да доделиме должности околу грижата на нашиот дом. Сите сфативме дека главната работа беше проповедањето и за таа цел сите работевме сложно. Среќен сум кога ќе се сетам дека никогаш немавме некоја голема расправија во кој и да било од нашите домови.

Нашата последна доделба беше во Брења, едно друго предградие на Лима. Бројот на тамошното љубезно собрание од 70 Сведоци брзо порасна на повеќе од 100 и затоа беше формирано уште едно собрание во Паломинија. Во тоа време Ајрин се разболе. Прво забележав дека одвреме навреме не можеше да се сети што кажала, а понекогаш ѝ беше тешко да се сети како да стигне до дома. Иако ѝ беше пружена одлична медицинска нега, состојбата полека ѝ се влошуваше.

За жал, во 1990, морав да направам подготовки за да се вратиме во Англија каде што сестра ми Ајви љубезно нѐ прими во својот дом. Четири години подоцна, на 81 година, Ајрин почина. Јас продолжив со полновремената служба, служејќи како старешина во едно од трите собранија во мојот роден град. Одвреме навреме патував и до Манчестер за да ја охрабрам тамошната група на шпански јазик.

Неодамна имав едно радосно искуство што започна со децении пред тоа, кога на мојот фонограф им пуштав петминутни проповеди на станарите. Живо се сеќавам на една млада ученичка што стоеше зад мајка си на вратата, слушајќи ја пораката.

По некое време, оваа девојка се преселила во Канада, а една пријателка што сѐ уште живее во Ранкорн и која сега е Сведок, се допишувала со неа. Неодамна напишала дека две жени Сведоци дошле кај неа и дека користеле изрази што и го вратиле во сеќавање она што го чула на таа петминутна снимка. Препознавајќи го звукот на вистината, сега таа е предаден слуга на Јехова и замолила нејзината благодарност да му биде пренесена на младиот човек што дошол во домот на мајка ѝ пред повеќе од 60 години! Навистина, никогаш не знаеме како семето на вистината ќе пушти корен и како ќе порасне (Проповедник 11:6).

Да, со длабока благодарност си спомнувам на мојот живот поминат во Јеховината скапоцена служба. Од моето предание во 1931, никогаш не сум испуштил ниту еден собир на Јеховиниот народ. Иако јас и Ајрин немавме деца, среќен сум што имам повеќе од 150 синови и ќерки во духовна смисла, што сите му служат на нашиот небесен Татко, Јехова. Како што мојата драга сопруга рече, нашите предности навистина беа неспоредлива радост.

[Фусноти]

a Животната приказна на Хилда Паџет „Следејќи ги стапките на моите родители“ излезе во Стражарска кула од 1 октомври 1995, страници 19—24.

b Издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 24]

Мајка ми, во почетокот на 1900-те

[Слика на страници 24 и 25]

Лево: Хилда Паџет, јас, Ајрин и Џојс Роули во Лидс (Англија), 1940

[Слика на страница 25]

Горе: Јас и Ајрин пред нашиот дом-приколка

[Слика на страница 27]

Најавувам јавно предавање во Кардиф (Велс), 1952

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели