Гледиште на Библијата
Зошто да бараме совети во Библијата?
„Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите“ (2. Тимотеј 3:16).
КОГА Ви треба совет, каде го барате? Денес можат да се најдат бескрајно многу совети за речиси секоја можна тема. Сепак, има многу луѓе што, кога им треба совет, бараат во древните записи на Библијата.
Меѓутоа, повеќето сметаат дека Библијата не е многу корисна, особено во оваа ера на информации и современа технологија. Некои ценети педагози и научници ја застапуваат идејата дека Библијата повеќе нема вредност. Дали се во право? Бидејќи денес можат да се најдат совети на толку многу места, зошто да ги бараме во Библијата?
Книга на вистината
Во една прилика Исус Христос се одморал покрај еден бунар и разговарал со една Самарјанка. Тогаш ѝ рекол: „Бог е Дух, и оние кои го обожаваат, мораат да го обожаваат со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Овие зборови покажуваат дека има еден облик на обожавање што Бог го прифаќа. За да обожаваме со вистина, нашето обожавање мора да биде во склад со она што Бог го открива за себе во Библијата. Вистината е во Божјата реч (Јован 17:17).
Меѓутоа, има многу религии чии верници тврдат дека веруваат во Библијата, а се чини дека секоја од нив поучува за различни работи. Како последица од тоа, луѓето се збунети во врска со тоа што навистина учи Библијата. Дали Исус е Бог или е Божји Син? Има ли живот по смртта или не? Дали пеколот е вистинско место каде што луѓето се мачат откако ќе умрат? Дали Сатана е вистинска личност? Што значи да се биде христијанин? Дали на Бог му е навистина важно како се однесуваме и како размислуваме? Дали вистинската љубов го оправдува предбрачниот секс? Дали е погрешно да се пие алкохол?a Различни религии тврдат дека ја поучуваат вистината во врска со овие прашања. Но, верските учења честопати си противречат. Не може сите да бидат вистина (Матеј 7:21-23).
Тогаш, како да ја најдете вистината за Бог и како да дознаете кој облик на обожавање го прифаќа тој? Претпоставете си дека сте дознале дека е потребно да се подложите на операција поради некој сериозен здравствен проблем. Што ќе направите? Ако е можно, темелно ќе се распрашате за да го најдете најдобриот хирург за таков вид операција. Ќе размислите за неговите квалификации и искуство, и ќе стапите во контакт со него за да разговарате. На крајот, откако на темел на доказите ќе се уверите дека тој е најдобриот избор, ќе имате потполна доверба во него и ќе му дозволите да Ве оперира. Другите можеби ќе имаат поинакво мислење. Но, вашата доверба во тој хирург сега е добро основана.
Слично на тоа, ако искрено и темелно ги испитате доказите, можете да изградите вера во Бог и во Библијата (Пословици 2:1-4). Кога барате одговори во врска со тоа какво обожавање прифаќа Бог, имате избор. Можете да барате одговор во противречните учења и мислења на луѓето или, пак, да го земете предвид гледиштето на Библијата.
Точна и практична
Ако внимателно ја испитате Библијата, ќе најдете многу докази дека „целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно“b (2. Тимотеј 3:16, 17). На пример, Библијата е полна со детални пророштва. Историјата потврдува дека тие се исполниле (Исаија 13:19, 20; Даниел 8:3-8, 20-22; Михеј 5:2). Иако не е учебник по наука, Библијата е научно точна. Содржи факти за природата и за здравјето што се напишани илјадници години пред научниците да можат да дојдат до слични сознанија (Левит 11:27, 28, 32, 33; Исаија 40:22).
Освен тоа, Библијата ни помага да донесуваме мудри одлуки. Во неа има многу практични совети за семејниот живот, за физичкото и емоционалното здравје, за работата и за други секојдневни работи. Во Пословици 2:6, 7 се вели: „Господ дава мудрост, од Неговата уста доаѓа знаењето и разумот. Тој им ја укажува Својата помош на праведните“. Ако барате совети од Библијата, ќе можете да си ја извежбате моќта за согледување „да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:14).
Божјата реч ни помага и да ја разбереме смислата на животот (Јован 17:3; Дела 17:26, 27). Таа ни го објаснува значењето на она што се случува во светот (Матеј 24:3, 7, 8, 14; 2. Тимотеј 3:1-5). Во неа Бог ни кажува дека ќе ја отстрани злобата од земјата и дека на луѓето ќе им даде совршено здравје и вечен живот (Исаија 33:24; Даниел 2:44; Откровение 21:3, 4).
Милиони луѓе се увериле лично дека Библијата навистина е веродостоен и точен извор на практична мудрост. Издавачите на Разбудете се! Ве покануваат да ѝ обрнете подобро внимание на рубриката со наслов „Гледиште на Библијата“, која излегува во секој број на ова списание. На тој начин, ќе можете да најдете дополнителни докази кои покажуваат дека Библијата е најдобриот извор на совети за животот.
[Фусноти]
a Овие и други прашања ќе бидат разгледани во идните броеви на Разбудете се!, во оваа редовна рубрика, „Гледиште на Библијата“.
b Докази за тоа дека Библијата е инспирирана од Бог можете да најдете во книгата Библија — Реч Божја или човечка?, издадена од Јеховините сведоци.
СТЕ СЕ ПРАШАЛЕ ЛИ НЕКОГАШ?
◼ Каков облик на обожавање прифаќа Бог? (Јован 4:24).
◼ Што мораме да правиме за да извлечеме корист од мудроста на Бог? (Пословици 2:1-4).
◼ Во кој поглед Библијата е извор на практични совети? (Евреите 5:14).