Пилгрими и пуританци — кои биле тие?
ВО ПЛИМУТ (Масачусетс), на северноамериканското крајбрежје, има еден голем гранитен камен на кој е издлабен бројот 1620. Се смета дека овој камен, кој е наречен Плимутски камен, се наоѓа близу до местото каде што пристигнала една група Европејци пред околу 400 години. Можеби ти се познати под името пилгрими.
Мнозина ги знаат приказните за гостољубивите пилгрими што ги канеле староседелците на Америка на богати гозби на крајот од жетвата. Но, кои биле пилгримите, и зошто дошле во Северна Америка? За да ги дознаеме одговорите, ќе се вратиме во Англија, во времето на кралот Хенри VIII.
Религиозни превирања во Англија
Помалку од 100 години пред пилгримите да отпловат за Америка, Англија била римокатоличка земја а кралот Хенри VIII ја носел папската титула „Бранител на верата“. Но, дошло до раскол меѓу него и црквата кога папата Клемент VII одбил да го поништи бракот на Хенри со Катерина Арагонска, првата од неговите шест жени.
Додека Хенри бил зафатен со своите семејни проблеми, во поголемиот дел од Европа протестантската реформација довела до превирања во римокатоличката црква. Не сакајќи да го изгуби влијанието што го имал благодарение на црквата, Хенри отпрвин не дозволувал реформаторите да влезат во Англија. Но, подоцна се премислил. Католичката црква не сакала да го прогласи неговиот брак за неважечки, па затоа Хенри ја прогласил црквата за неважечка. Во 1534 година, ѝ ставил крај на контролата што ја имал папата над англиските католици, и се прогласил себеси за врховен поглавар на Англиканската црква. Набрзо почнал да ги затвора манастирите и да го продава нивниот голем имот. Кога Хенри умрел во 1547 година, Англија веќе била на пат да стане протестантска земја.
Синот на Хенри, Едвард VI, ја држел Англија одвоена од Рим. По смртта на Едвард во 1553 година, кралица станала Мери, ќерката што на Хенри му ја родила Катерина Арагонска. Таа била католик и затоа се обидела да го натера народот да ѝ се подложи на папската власт. Протерала многу протестанти од земјата, и наредила повеќе од 300 луѓе да бидат запалени на клада, со што си го заслужила името Крвавата Мери. Но, не можела да го спречи бранот на промени. Умрела во 1558 година, а на престолот дошла нејзината полусестра Елизабета I. Елизабета се погрижила папата да нема никакво влијание врз религиозниот живот во Англија.
Меѓутоа, некои протестанти сметале дека не е доволно само да се отцепат од католичката црква — тие барале да се отстранат сите остатоци од римокатолицизмот. Бидејќи сакале да го прочистат обожавањето на црквата, биле наречени пуританци (анг. pure — „чист“). Некои пуританци сметале дека воопшто нема потреба од бискупи и дека секое собрание треба да си управува само, независно од државната црква. Тие биле наречени сепаратисти.
Пуританците, кои ја критикувале установената црква, се појавиле на сцената за време на владеењето на Елизабета I. Кралицата не можела да ја трпи неформалната облека што ја носеле некои свештеници, па затоа во 1564 година му наредила на надбискупот од Кантербери да воведе правила за облекување. Насетувајќи дека со ова повторно ќе им се наметне формална облека слична на онаа што ја носат католичките свештеници, пуританците одбиле да послушаат. Дошло до уште поголеми несогласувања околу старата хиерархија на бискупи и надбискупи. Елизабета ги задржала бискупите и барала од нив да ѝ се заколнат на верност како на поглавар на црквата.
Од сепаратисти до пилгрими
Во 1603 година, Елизабета ја наследил Џејмс I кој вршел силен притисок врз сепаратистите да се покорат на неговата власт. Во 1608 година, едно сепаратистичко собрание од градот Скруби избегало во Холандија зашто во таа земја можеле да имаат поголема слобода. Меѓутоа, со текот на времето сепаратистите почнале да чувствуваат поголем страв таму отколку во Англија, затоа што во Холандија имало голема толерантност кон другите религии и кон распуштениот морал. Затоа решиле да ја напуштат Европа и да започнат нов живот во Северна Америка. Бидејќи оваа група сепаратисти биле спремни да отпатуваат далеку од дома поради своите верувања, со текот на времето станале познати како пилгрими.
Пилгримите, меѓу кои имало многу сепаратисти, добиле дозвола да се населат во британската колонија Вирџинија и запловиле кон Северна Америка во септември 1620 на еден брод што се викал Mayflower. Отприлика 100-тина возрасни и деца поминале два бурни месеца на Северноатлантскиот Океан пред да пристигнат во Кејп Код, стотици километри северно од Вирџинија. Таму ја потпишале Мејфлауерската спогодба, документ во кој била наведена нивната желба да основаат заедница и да се подложуваат на нејзините закони. На 21 декември 1620 година се населиле во близината на Плимут.
Почеток во Новиот свет
Овие бегалци пристигнале во Северна Америка неподготвени за зимата. За неколку месеци, половина од членовите на групата умреле. Но, со доаѓањето на пролетта дошло и олеснувањето. Оние што преживеале изградиле соодветни куќи и од староседелците научиле како да ги одгледуваат тамошните земјоделски култури. До есента 1621 година, пилгримите толку добро стоеле во материјален поглед што одвоиле време за да му заблагодарат на Бог за благословите. Од тој настан потекнува Денот на благодарноста, кој се слави како празник во Соединетите Држави, а и во други земји. Продолжиле да пристигнуваат нови доселеници, и за помалку од 15 години, бројот на населението во Плимут пораснал над 2.000.
Во меѓувреме, и некои пуританци во Англија заклучиле, како што заклучиле и сепаратистите, дека нивната „Ветена земја“ лежи од другата страна на Атлантикот. Во 1630 година, една група пуританци пристигнале малку северно од Плимут и ја основале колонијата Масачусетс Беј. Во 1640 година, во Нова Англија живееле околу 20.000 англиски имигранти. Откако колонијата Масачусетс Беј презела контрола над Плимут во 1691 година, сепаратистичките пилгрими веќе не биле толку одвоени. Бостон станал верски центар на тој регион, бидејќи сега пуританците доминирале во религиозниот живот на Нова Англија. Каква била нивната религија?
Религијата на пуританците
Пуританците во новиот свет најпрвин изградиле молитвени домови од дрво, во кои се собирале во недела наутро. Кога времето било убаво, внатре било подносливо, но в зима, богослужбите ја ставале на испит издржливоста дури и на најтврдокорните пуританци. Во молитвените домови немало греење, па верниците се смрзнувале од студ. Проповедниците честопати носеле ракавици за да си ги заштитат од смрзнувачкиот воздух рацете со кои гестикулирале.
Верувањата на пуританците се темелеле врз учењата на францускиот протестантски реформатор Жан Калвин. Тие ја прифатиле доктрината за предодреденост и верувале дека Бог има однапред одредено кои луѓе ќе ги спаси а кои ќе ги осуди на вечен пеколен оган. Што и да правеле, луѓето не можеле да си го сменат пишаното од Бог. Човек не знаел дали кога ќе умре ќе ужива во рајот или вечно ќе гори во пеколот.
Со текот на времето пуританците почнале да проповедаат за покајание. Тие предупредувале дека, иако Бог е милостив, оние што не се послушни на неговите закони ќе одат право во пеколот. Тие проповедници го разгорувале огнот на пеколот, дотурајќи му дрва, за да ги држат луѓето покорни. Еден проповедник од 18 век, Џонатан Едвардс, еднаш зборувал на тема „Грешниците во рацете на еден гневен Бог“. Толку страшно го опишал пеколот што другите свештеници морале да ги смируваат потресените членови на собранието кои ја слушале таа проповед.
Проповедниците што доаѓале од други места за да проповедаат во Масачусетс, го правеле тоа на сопствен ризик. Властите трипати ја протерале квекерката Мери Дајер; но таа секојпат се враќала и проповедала за своите верувања. Била обесена на 1 јуни 1660 година во Бостон. Изгледа дека Филип Ратклиф заборавил со каква ревност пуританските водачи се справувале со противниците. Поради неговите говори против владата и против црквата во Салем, наредиле да биде камшикуван и му одредиле парична казна. Потоа, за да не заборави, му ги исекле ушите пред да го пуштат да си оди. Поради нетолерантноста на пуританците, луѓето си оделе од Масачусетс, и така почнале да никнуваат други колонии.
Ароганцијата раѓа насилство
Со оглед на тоа што самите се сметале за Божји „избраници“, многу пуританци гледале на староседелците како на нижи суштества кои немаат право да живеат на таа земја. Поради ваквиот став кај некои староседелци се родила огорченост и тие почнале да ги напаѓаат пуританците. Затоа пуританските водачи направиле некои измени во законите во врска со сабатот со кои на луѓето им било дозволено да носат оружје кога оделе на богослужба. Но, во 1675 година ситуацијата се влошила.
Свесен дека неговиот народ ја губи територијата, Метакомет, познат и како крал Филип, Индијанец од племето Вампаноаг, почнал да ги ограбува населбите на пуританците, да им ги пали куќите и да ги масакрира доселениците. Пуританците возвратиле, и борбите продолжиле со месеци. Во август 1676 година, тие го заробиле Филип на Роуд Ајленд. Му ја отсекле главата, му ја извадиле утробата и му го исекле телото на четири дела. Така завршила Војната на крал Филип и независноста на староседелците на Нова Англија.
Во текот на 18 век, Пуританците ѝ дале оддишка на својата ревност на поинаков начин. Некои свештеници од Масачусетс јавно зборувале против англиското владеење и така придонеле да се разгори желбата за независност. Во своите дискусии за револуција ги измешале политиката и религијата.
Пуританците биле трудољубиви, храбри луѓе, оддадени на својата религија. Луѓето сѐ уште зборуваат за „пуритански карактер“ и „пуританска чесност“. Но, не е доволно човек да биде чесен за да се исчисти од погрешните учења. Исус Христос никогаш не ги мешал политиката и религијата (Јован 6:15; 18:36). А суровоста е сосема спротивна на оваа важна вистина: „Кој не љуби не го запознал Бог, зашто Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).
Дали твојата религија поучува за пеколен оган, за предодреденост или за други небиблиски учења? Дали твоите верски водачи се мешаат во политика? Ако со отворен ум ја проучуваш Божјата реч, Библијата, ќе можеш да го најдеш „обликот на обожавање кој е чист и неизвалкан“, вистински чист и прифатлив за Бог (Јаков 1:27).
[Рамка/слика на страница 13]
ПУРИТАНЦИТЕ И ПЕКОЛНИОТ ОГАН
Проповедајќи за пеколен оган, пуританците зборувале нешто што е спротивно од она што стои во Божјата реч. Библијата поучува дека мртвите не се во свесна состојба, и не чувствуваат ни болка ни радост (Проповедник 9:5, 10). Освен тоа, на вистинскиот Бог никогаш не му ни ‚паднало на ум‘ такво мачење (Еремија 19:5; 1. Јованово 4:8). Тој ги преколнува луѓето да се променат, и постапува милосрдно дури и со грешниците што не се каат (Езекиел 33:11). Спротивно на овие библиски вистини, пуританските проповедници честопати го опишувале Бог како суров и одмаздољубив. Исто така, немале никакво ценење за животот, штом користеле сила за да ги замолчат противниците.
[Слика на страница 10]
Пилгримите пристигнуваат во Северна Америка, 1620 година
[Извор на слика]
Harper’s Encyclopædia of United States History
[Слика на страница 12]
Празнување на првиот Ден на благодарноста, 1621 година
[Слика на страница 12]
Пуритански молитвен дом (Масачусетс)
[Слика на страница 12]
Жан Калвин
[Слика на страница 12]
Џонатан Едвардс
[Слика на страница 13]
Вооружени пуританци одат на црква
[Извор на слика на страница 11]
Library of Congress, Prints & Photographs Division
[Извори на слики на страница 12]
Најгоре лево: Snark/Art Resource, NY; најгоре десно: Harper’s Encyclopædia of United States History; Жан Калвин: Portrait in Paul Henry’s Life of Calvin, од книгата The History of Protestantism (Vol. II); Џонатан Едвардс: Dictionary of American Portraits/Dover
[Извор на слика на страница 13]
Фотографии: North Wind Picture Archives