ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g97 8/4 стр. 20-23
  • Пилгримите и нивната борба за слобода

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Пилгримите и нивната борба за слобода
  • Разбудете се! 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Религиозната ситуација во Англија
  • Бегство во Холандија
  • Mayflower плови!
  • Основање на колонијата
  • Пилгримите и Индијанците
  • Натамошни настани
  • Наследството на пилгримите
  • Пилгрими и пуританци — кои биле тие?
    Разбудете се! 2006
  • Младите католици беа поттикнати да сведочат
    Разбудете се! 2009
  • Писма од читателите
    Разбудете се! 2006
  • Златната ера на кралицата Елизабета I — мит или стварност?
    Разбудете се! 2010
Повеќе
Разбудете се! 1997
g97 8/4 стр. 20-23

Пилгримите и нивната борба за слобода

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ХОЛАНДИЈА

ВО 1620 година, една група англиски пуританци, кои отпловиле од Делфсхејвен, во близината на Ротердам (Холандија), ја основале првата трајна населба на Европејци во Нова Англија — колонијата Плимут — во денешен југоисточен Масачусетс. Што ги натерало тие длабоко религиозни луѓе да ризикуваат толку долго и макотрпно патување преку несигурниот Атлантски Океан во малечкото бротче Mayflower? Како прво, што правеле во Холандија? Зошто си заминале оттаму?

Религиозната ситуација во Англија

Во текот на 1500-тите години, римокатоличката црква била потресена од Реформацијата. По цела Европа се појавиле протестантски цркви, вклучувајќи ја и Англија. Во случајот со Англија, до конечен расцеп со Рим дошло откако папата одбил да го одобри барањето на кралот Хенри VIII за распуштање на својот прв брак. Црквата на Англија се одвоила од Рим и во 1534 година, англискиот парламент официјално го признал Хенри како „Врховна Глава на Земјата, веднаш под Бог, во Црквата на Англија“. Неговата ќерка Елизабета, родена 1533, била воспитана како протестант и, откако станала Кралица Елизабета I, на Англиканската црква ѝ дала силно протестантско обележје. Сепак, постоеле помали протестантски групи кои не се согласувале со преовладувачката Англиканска црква. Многу од нив почнале да се нарекуваат пуританци затоа што сакале да ја прочистат Англиканската црква од секаква трага на римокатолицизмот. Една од пуританските групи особено се сметала за радикална затоа што се отцепила од црковната хиерархија на бискупи и свештеници. Тие сметале дека нивното собрание е во потполност независно, под владеењето на нивните сопствени старешини.

Кралицата Елизабета се плашела дека ќе ја изгуби контролата врз народот ако пуританците не се држат под надзор. Затоа вовела жестоки закони против нив. И покрај тоа, разновидните пуритански групи продолжиле да се состануваат, но тајно во приватни куќи. Пуританците, исто така, дистрибуирале многу религиозни летоци во кои ги образложувале своите верувања. Лондонските пуританци поставиле свои старешинства, кои се состоеле главно од суспендирани англикански министри. Групите кои се откажале од реформацијата на Англиканската црква и кои се отцепиле од неа, биле класификувани како сепаратисти.

Кралот Џејмс I, наследникот на Кралицата Елизабета, ја следел нејзината религиозна политика, заканувајќи се дека ќе „ги прогони [пуританците] од земјата“. Во исто време, тој дал налог за еден нов англиски превод на Библијата — King James Version, кој бил завршен во 1611. Таа нова верзија мотивирала многу луѓе да ја испитаат Библијата. А резултатот? Уште повеќе луѓе почнале да не се согласуваат со државната црква. Што би сториле Вие кога би живееле во тоа време? Мислите ли дека под заканата на прогонувањето би ги промениле Вашите религиозни верувања? Дали цврсто би се држеле за Вашите уверувања без оглед на цената? Многу пуританци го сториле тоа и одбиле да направат компромис.

Бегство во Холандија

Една група сепаратисти кои не извршиле компромис, се нашла во малото англиско гратче Скруби. Таму се среќавале тајно во домот на шефот на поштата, Вилијам Брустер, нивниот „Владеачки старешина“. Со нив бил поврзан и Џон Робинсон, поранешен англикански свештеник. Освен што ја застапувала црковната влада на старешините наместо на свештениците и бискупите, групата во Скруби ја отфрлила и свештеничката носија, како и голем дел од ритуалите од службите на Англиканската црква, иако тие работи се барале по закон.

Поради сѐ поголемиот притисок, таа мала група одлучила да побегне во Холандија, единственото место во Европа во тоа време каде што би се толерирале нивните мислења и постапки. Меѓутоа, емигрирањето било илегално. Затоа, колку што можеле да го направат тоа во тајност, ги продале своите домови и сѐ што не можеле да понесат со себеси, и во 1608 година отпловиле со брод за Амстердам. Токму во Холандија, сепаратистите почнале да се сметаат себеси за пилгрими.

Пилгримите се преселиле во Лајден по една година од нивното пристигнување, истата година кога едно примирје ја попречило војната која беснеела помеѓу Шпанија и Холандија. Примирјето довело до помирна клима за пилгримите. Постепено, од Англија пристигнале уште бегалци и групата пораснала на околу 300. На крајот, купиле една голема куќа каде што живеел Џон Робинсон со неговата фамилија и каде што можеле да одржуваат и состаноци.

Откако поминале околу десет години во Лајден, пилгримите почнале да се чувствуваат вознемирено. Примирјето со Шпанија требало да се укине, па се плашеле дека доколку шпанската инквизиција ја земе контролата во Холандија во свои раце, ќе им биде потешко отколку кога биле под кралот Џејмс. Освен тоа, не се согласувале во доктринарен поглед со нивните полиберални холандски соседи и биле загрижени поради тоа што нивните деца се дружеле со холандските млади, кои тие ги сметале за развратни. Што требало да направат? Размислувале за една друга многу поголема преселба — овојпат за Америка!

Mayflower плови!

Нивниот најголем предизвик било финансирањето на едно такво големо патување. Друг прилично голем проблем било тоа што морало да се добие дозвола за експедицијата и тоа од кралот на Англија — истиот крал од кого се обидувале да избегаат кога побегнале за Холандија! Пилгримите му здосадиле на кралот Џејмс со нивните петиции, сѐ додека конечно не им дал дозвола. На крајот, една група лондонски трговци го финансирале потфатот.

Конечно, дошло време да заминат! Оние од црквата на пилгримите во Лајден кои одлучиле да се преселат, се качиле на бродот Speedwell и на 22 јули 1620 година тргнале од Делфсхејвен кон Англија, каде што им се придружиле додатни членови. Пилгримите тргнале со два брода, Speedwell и Mayflower. Меѓутоа, сериозни пукнатини во трупот на бродот Speedwell ги присилиле бродовите да се вратат назад за Англија, каде што Mayflower ги зел патниците и залихите од Speedwell. Конечно, на 6 септември, малиот Mayflower, долг 27 метри, отпловил сам од Плимут (Англија) со 24 фамилии — вкупно 102 патника — и посада од 25 луѓе. Каква само храброст им била потребна на тие патници — почетници да се обидат да преземат едно океанско патување од 5.000 километри! Бродот бил преполн и морал да се бори со опасното време на Северниот Атлантик. Замислете ги чувствата на оние кои биле на него кога после девет долги седмици на океанот здогледале копно!

Основање на колонијата

Пред да пристигнат, пилгримите склучиле еден меѓусебен договор, односно сојуз, во врска со идната влада на новата колонија. Со овој договор, кој го потпишал 41 маж од групата, пилгримите се организирале во „Граѓанско државно тело“ и ја презеле одговорноста да подготват закони за управување со сите работи и да останат при истите. Иако некои историчари го нарекле овој документ — првиот американски устав, Grote Winkler Prins Encyclopedie истакнува дека, кога го составиле, пилгримите „имале на ум да основаат еден авторитет од религиозна природа“. Неговата цел била да ги обврзе сите членови на колонијата да останат заедно, како физички така и религиозно.

Откако го прегледале брегот и откако презеле походи во внатрешноста, во ладниот декември групата се сместила во местото кое го нарекла Нов Плимут, подоцна наречен колонијата Плимут. Тие наишле на полиња кои биле обработувани од Индијанците. Но, огромната индијанска популација која била посматрана од истражувачите само неколку години пред тоа, била опустошена од болестите на истражувачите — вклучувајќи ги вариолата и сипаниците. Инаку, Индијанците можеби би им пружиле отпор на напорите на пилгримите да основаат колонија.

Пилгримите започнале на тој начин што изградиле заедничка куќа и неколку приватни куќи. Почетокот бил тежок затоа што стигнале во зима и не им останало доволно храна од залихите од нивните бродови. Во текот на таа прва зима, умреле 52-јца од болест, вклучувајќи 13 од 24-те сопрузи и дури 14 од 18-те сопруги. Меѓу жртвите бил и нивниот прв управител, Џон Карвер. Но, преживеаните одлучиле да останат во Нов Плимут. Следниот управител, ентузијастичниот Вилијам Бредфорд, водел детален записник за историјата на младата колонија и затоа се смета за првиот американски историчар.

Пилгримите и Индијанците

Првите пилгрими кои пристигнале во Нов Плимут склучиле взаемна мировна спогодба со Масасоит, врховниот поглавар на локалното индијанско племе, Вампаноаг. Во спогодбата, пилгримите и Вампаноаг ветиле дека нема да си наштетуваат едни на други и се заколнале на взаемна заштита во случај на војна со надворешни луѓе. Без пријателството на Масасоит, веројатно ниеден од пилгримите не би преживеал. Тие Индијанци им давале на доселениците да јадат и да садат пченка, и сојузот со нив помогнал да се спречи пилгримите да погинат од рацете на другите племиња.

Во раните денови, колонистите добивале многу помош од Индијанците. Според зборовите на управителот Вилијам Бредфорд, еден Индијанец по име Тисквантум ги научил колонистите „како да ја садат својата пченка, каде да фаќаат риби и да прибават други производи, и тој бил нивни водач за да ги доведе до непознатите места за нивна полза“. Првата жетва на пченка им била добра, а пилгримите имале успех и во уловот на птици. Му биле благодарни на Бог и одлучиле да одржат тридневен фестивал на жетвата. Дошле и Масасоит и уште 90 негови воини, носејќи со себе пет елени како прилог за банкетот.

Како и самата колонија, прославата имала силни религиозни призвуци. Иако пилгримите не го одржале фестивалот следната година поради лошата жетва, Денот на благодарноста подоцна станал годишен национален и религиозен празник во Соединетите Држави, Канада и уште неколку други земји. Денес, Денот на благодарноста во Северна Америка е типична прилика за фамилијарна гозба со мисирка, сос од боровинки и пита со тиква — но во принцип, останува како „време за сериозно религиозно размислување, црковни служби и молитва“ (The World Book Encyclopedia, 1994).a

Натамошни настани

Во 1622 година дошле уште пилгрими од Лајден и Англија. Подоцна, пристигнале додатни бродови со соверници од Европа. Во 1630, последната група пилгрими од Лајден ѝ се придружила на колонијата, достигнувајќи го нивниот број од околу 300. Колонијата на крајот се споила со многу поголемата колонија Масачусетс Беј, недалеку на север. И овие колонисти имале пуритански верувања. Меѓутоа, во меѓувреме растела напнатоста помеѓу колонистите и нивните индијански соседи. Пуританците, кои верувале дека Бог ги предодредил да доминираат со новата земја, станувале сѐ поарогантни. Гледајќи го тоа, Индијанците станувале сѐ поогорчени на нив. За жал, само 55 години после спогодбата со Вампаноаг, колонијата во Плимут, во сојуз со три други англиски колонии и некои други Индијанци, отишле да војуваат против синот на Масасоит. Тој и околу три илјади индијански мажи, жени и деца биле убиени, а пуританците продале уште стотици други во ропство. Племето Вампаноаг изумрело.

Наследството на пилгримите

Во Холандија сѐ уште можете да го посетите делот на Лајден каде што живееле пилгримите, како и Делфсхејвен, пристаништето од каде што отпловиле за Америка. Во денешниот град Плимут (Масачусетс), можете да ја видите колонијата Плимут, реконструкција на првобитното село кое го изградиле пилгримите, како и музејот Пилгрим и дупликатот на Mayflower. Во селото, некои актери ги прикажуваат првобитните жители. Ќе Ви кажат дека Божјето име е Јехова и дека „црквата“ не е камена зграда, туку дека ја сочинуваат луѓе. На прашањето: „Колку старешини има во вашата црква?“ тие одговараат: „Онолку колку што ги задоволуваат библиските барања“.

Пилгримите се обидувале да го обликуваат своето општество „колку што е можно послично на дванаесетте племиња Израелови под Мојсеј“, според книгата The Puritan Heritage—America’s Roots in the Bible (Пуританското наследство — Корењата на Америка во Библијата). Но, пуританците понекогаш оделе во крајности. На пример, нивната репутација како вредни работници делумно извирала од нивното верување дека материјалната благосостојба ја покажува Божјата наклоност. Иако искрено ги сакале своите деца, многу рани пуританци верувале дека треба „да ги сокријат своите . . . неодмерени чувства“. Според тоа, „пуританското“ почнало да се поврзува со суровост, острина и претерана строгост. Меѓутоа, и покрај нивните несовршености, пилгримите имале одредена мера на морална јачина, биле побожни и вложувале напори да живеат според Библијата. Јасно дека тоа биле особини кои ги одржале пилгримите заедно и ги поддржувале низ многу од нивните испити.

[Фуснота]

a На вистинските христијани не им е потребен посебен празник за да му се заблагодаруваат на Бог. За додатни информации, Ве молиме да видите во изданието на Разбудете се! од 22 ноември 1976, страници 9—13 (англ.).

[Слика на страница 22]

Индијанците Вампаноаг им помагале на пилгримите

[Извор на слика]

Harper’s Encyclopædia of United States History

[Извор на слика на страница 20]

Горе: Model van de Mayflower

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели