Младите прашуваат . . .
Како да ги избегнеш безобразните разговори и неморалот на училиште?
„На училиште секој ден се зборува за секс. Девојките сами им приоѓаат на машките и имаат секс со нив во училиштето“ (Елена, 16).
„Во моето училиште, хомосексуалците прават неморални работи пред сите и воопшто не им е гајле за тоа“(Давид, 15).a
ДАЛИ твоите соученици постојано зборуваат за секс? Дали некои не остануваат само на зборови? Ако да, можеби и ти се чувствуваш како една тинејџерка која го споредила училиштето со место за „снимање на еротски филм“. Факт е дека многу млади редовно се ставени во ситуации да зборуваат за секс — па дури и да имаат секс на училиште.
Можеби слушаш како другите на училиште зборуваат за „секс-шеми“ — израз што се однесува на секс без никакви емоционални обврски. Понекогаш младите влегуваат во „секс-шема“ со некој што случајно го запознале. Во други случаи, имаат секс со тотално непознати лица што ги запознале на Интернет. И во двата случаја целта на „секс-шемата“ е иста — љубовта не смее да влезе во игра. „Тоа не значи ништо — едноставно двајца им се препуштаат на своите физички желби“, вели 19-годишната Даниела.
Не изненадува тоа што „секс-шемите“ се топ-тема во многу училишта. „После секој викенд, низ ходниците врие од новости за последната ‚секс-шема‘, а пријателите си ги раскажуваат искуствата во сочни детали“, напишала една 17-годишна девојка во училишниот весник.
Доколку се трудиш да живееш според библиските мерила, можеби се чувствуваш отфрлен ако се најдеш меѓу луѓе на кои изгледа сексот им е единствена тема на разговор. Ако, пак, не му се придружиш на мноштвото, може многу лесно да станеш мета на потсмев. Во извесна мера, тоа треба и да се очекува. Библијата вели дека, кога другите не го разбираат твојот начин на живот, можеби ќе ‚зборуваат срамно за тебе‘ (1. Петрово 4:3, 4). Сепак, никој не сака да му се потсмеваат. Тогаш, како можеш да кажеш ‚не‘ кога станува збор за секс на училиште и да бидеш горд, во позитивна смисла, на својот став? Прво, важно е да разбереш зошто сексуалната привлечност е толку силна.
Запознај се себеси
За време на тинејџерските години доживуваш брзи промени — и физички и емоционални. Додека минуваш низ овој период, чувствуваш силен сексуален нагон. Биди свесен дека тоа е сосем нормално. Така, ако на училиште почувствуваш силна привлечност кон некого од спротивниот пол, немој да заклучиш дека во суштина си лош или дека едноставно не си човек што може да задржи морална чистота. Само ако сакаш, ти можеш да останеш морално чист!
Освен внатрешната борба, која е карактеристична за тинејџерските години, треба да бидеш свесен за уште нешто. Како несовршени, сите луѓе се склони да постапуваат лошо. Дури и апостол Павле признал: „Во своите членови гледам еден друг закон кој војува против законот на мојот ум и ме заробува под законот на гревот што е во моите членови“. Павле рекол дека поради своите несовршености се чувствува ‚бедно‘ (Римјаните 7:23, 24). Но, ја добил битката, а можеш да ја добиеш и ти!
Разбери ги соучениците
Како што веќе спомнавме, можеби твоите соученици цело време зборуваат за секс или можеби се фалат со своите наводни авантури. Треба да се чуваш од нивното штетно влијание (1. Коринќаните 15:33). Но, не треба да ги сметаш за непријатели. Зошто?
Твоите соученици имаат исти желби како и ти. И тие се склони да го прават она што е лошо. Но, за разлика од тебе, некои од нив можеби се „љубители на уживањето наместо љубители на Бог“. Можеби во нивните семејства нема „природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1-4). Можеби некои од нив не се воспитани со љубов и немале добри родители што би ги поучиле за моралните вредности (Ефешаните 6:4).
Без повисокиот извор на мудрост којшто тебе ти е на дофат — имено, Божјата реч, Библијата — твоите соученици можеби не се ни свесни каква штета ќе претрпат ако ѝ се препуштат на секоја своја желба (Римјаните 1:26, 27). Тоа е исто како родителите да им дале еден брз автомобил и да ги пуштиле на прометен автопат — а пред тоа не ги научиле да возат. Можеби возењето ќе им донесе моментална возбуда, но несреќата е неизбежна. Затоа, што можеш да сториш ако соучениците почнат да зборуваат за секс пред тебе или ако се обидат да те натераат да им се придружиш во неморалното однесување?
Тргни се кога зборуваат за безобразни работи
Ако соучениците почнат да зборуваат за секс, можеби ќе се најдеш на искушение да слушаш, па и да се вклучиш во разговорот — само колку да не се разликуваш од сите други. Но, размисли каква слика ќе оставиш за себе. Дали тоа што си заинтересиран за нивните разговори покажува каква личност си, односно каква личност сакаш да бидеш?
Тогаш, што да направиш ако се најдеш среде разговор кој полека се свртува на тема секс? Треба ли едноставно да станеш и да си заминеш? Да! (Ефешаните 5:3, 4). Библијата вели: „Претпазливиот го предвидува злото и се скрива“ (Пословици 22:3). Значи, со тоа што ќе си заминеш, нема да бидеш непристоен — напротив, ќе бидеш претпазлив, односно мудар.
Не треба да ти биде непријатно да си заминеш кога другите ќе почнат да зборуваат за безобразни работи. И другпат би се тргнал од некое друштво без да се срамиш, особено ако се зборува за нешто што не те интересира или ако не сакаш да се вклучиш во разговорот. На пример, да речеме дека неколку соученици почнуваат да зборуваат како да извршат оружен грабеж. Ќе останеш ли да им го слушнеш планот? Ако останеш, може да бидеш сметан за соучесник. Во таков случај би било мудро да си заминеш. Па, направи го истото и кога другите ќе почнат да зборуваат за секс. Обично има начин да си заминеш без да изгледа дека се правиш важен и без да предизвикаш потсмев.
Точно, можеби не е секогаш можно да се тргнеш од некоја ситуација. На пример, можеби оној со кого седиш во иста клупа ќе се обиде да те вовлече во разговор за секс. Во тој случај, можеш учтиво но одлучно да му кажеш да не ти досадува. Ако тоа не успее, можеш да постапиш како што постапила Ребека. Таа вели: „Дискретно го замолив професорот да ме премести во друга клупа“.
Биди прониклив
Порано или подоцна, некои од твоите соученици ќе се заинтересираат зошто не се вклучуваш во нивните безобразни разговори. Ако те прашаат како гледаш ти на моралот, размисли проникливо што ќе им кажеш. Факт е дека некои од нив ќе те прашаат само колку да те исмејуваат, а не за да ги разберат твоите гледишта. Но, ако видиш дека некој те прашува затоа што е вистински заинтересиран, отворено и гордо кажи му кои се твоите верувања. Многу млади ја користат книгата Младите прашуваат — делотворни одговори за да им помогнат на соучениците да увидат од колкава корист е да се живее според библиските начела.b
Биди одлучен
Што да направиш ако некој соученик е толку дрзок што ќе се обиде да те допира по телото на непристоен начин или, пак, ќе се обиде да те бакне? Ако му дозволиш да стори такво нешто еднаш, можеби ќе се охрабри да го направи истото и другпат. Библијата зборува за еден млад човек што ѝ дозволил на една неморална жена да го зграпчи и да го бакне. Ѝ дозволил да му зборува на начин што сексуално го возбудил. Каков бил резултатот? „Тој тргна лудо по неа, како што волот оди на кланица“ (Пословици 7:13-23).
За разлика од ова, размисли како постапил Јосиф кога се нашол во слична ситуација. Жената на неговиот господар упорно се обидувала да го заведе, но тој одлучно ја одбивал. Кога во една прилика се обидела да го зграпчи, презел одлучни чекори и побегнал (Битие 39:7-12).
Како Јосиф, можеби и ти ќе треба да преземеш строги мерки ако некој соученик или некој друг познајник се обиде да те допира на непристоен начин. „Ако некој дечко се обиде да ме допре, му велам да престане“, вели Елена. „Ако не сака да престане, почнувам да му викам на цел глас да ги тргне рацете од мене.“ Во врска со момчињата од нејзиното училиште, Елена вели: „Нема да те почитуваат додека не ги натераш да те почитуваат“.
И ти ќе ја стекнеш почитта на соучениците ако одбиеш да ги слушаш нивните безобразни разговори, ако учтиво им го објасниш својот став во врска со моралот и ако одлучно ги одбиеш сите што безобразно ти се додворуваат. Друга корист е тоа што ти ќе бидеш задоволен со себе. А што е најважно, ќе го израдуваш Јехова! (Пословици 27:11).
[Фусноти]
a Некои имиња се сменети.
b Издадена од Јеховините сведоци.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Што можеш да речеш и како можеш да си заминеш кога се зборуваат безобразни работи?
◼ Што би рекол и што би направил ако некој соученик безобразно ти се додворува?
[Слика на страница 27]
Ако разговорот сврти на тема секс, едноставно тргни се
[Слика на страница 28]
Одлучно одбиј ги безобразните додворувања