Гледиште на Библијата
Дали светиот дух е личност?
ШТО е Божјиот свет дух? Уште во своите воведни зборови Библијата кажува дека светиот дух — израз кој исто така е преведен со „силата со која се служи Бог“ — ‚се движел над водите‘ (Битие 1:2). Од извештајот за крштавањето на Исус може да се види дека Бог е на „небесата“, но дека светиот дух ‚слегол како гулаб‘ на Исус (Матеј 3:16, 17). Освен тоа, Исус го нарекол светиот дух и „помошник“ (Јован 14:16).
Овие, а и други стихови од Библијата навеле некои луѓе на заклучокот дека светиот дух е личност, исто како што Бог, Исус и ангелите се посебни духовни суштества. Всушност, со векови, некои од највлијателните религии на христијанскиот свет тврдат дека светиот дух е личност. Иако ова учење е доста старо, многу членови на црквите и понатаму се збунети, а некои од нив и не се согласуваат со своите верски водачи во врска со ова тврдење. На пример, според една неодамнешна анкета, 61 отсто од испитаниците изјавиле дека за нив Божјиот дух е „симбол на Божјето присуство или сила, но дека не е жива личност“. Но, што вели Библијата?
Што вели Библијата
Еден искрен читател на Библијата неминовно ќе дојде до заклучокот дека она што го вели таа за светиот дух се разликува од официјалното учење на црквите што тврдат дека светиот дух е личност. Размисли за следниве библиски извештаи.
1. Библијата вели дека, кога Марија, мајка му на Исус, отишла кај својата роднина Елисавета, нероденото детенце во утробата на Елисавета потскокнало и таа ‚се наполнила со свет дух‘ (Лука 1:41). Дали е разумно да се заклучи дека една личност би можела да се „наполни“ со друга личност?
2. Кога Јован Крстител им рекол на своите ученици дека Исус ќе биде тој што ќе дојде после него, рекол: „Што се однесува до мене, јас ве крштавам со вода... но оној кој доаѓа после мене посилен е од мене, кому јас не сум достоен да му ги собујам ни сандалите. Тој ќе ве крштава со свет дух и со оган“ (Матеј 3:11). Јован сигурно не мислел дека светиот дух е личност со која луѓето ќе бидат крштавани.
3. Кога бил кај еден римски воен офицер и кај неговото семејство, апостол Петар им кажал дека Бог го помазал Исус „со свет дух и со сила“ (Дела 10:38). Кратко потоа ‚светиот дух слегол‘ на домаќинството на овој воен офицер. Извештајот вели дека мнозина биле восхитени ‚зашто бесплатниот дар на светиот дух бил излеан и на луѓето од нациите‘ (Дела 10:44, 45). И во овој извештај, термините што се користат не се во согласност со идејата дека светиот дух е личност.
Во Божјата реч се персонифицирани многу работи што, всушност, не се личности. Во нив спаѓаат мудроста, разумот, гревот, смртта и незаслужената љубезност (Пословици 8:1—9:6; Римјаните 5:14, 17, 21; 6:12). Самиот Исус рекол дека „мудроста се докажува праведна преку сите свои деца“, или добри резултати (Лука 7:35). Јасно е дека мудроста не е личност што има дословни деца! Слично на ова, и светиот дух не е личност само затоа што на некои места е персонифициран.
Што е светиот дух?
Според Библијата, Божјиот свет дух е сила со која се служи Бог. Затоа, во еден точен превод на хебрејскиот текст од Библијата се вели дека Божјиот дух е токму тоа — „силата со која се служи Бог“ (Битие 1:2, NW). Оваа идеја е јасно поткрепена низ целата Библија (Михеј 3:8; Лука 1:35; Дела 10:38).
Спротивно на раширеното верување, Бог не е присутен секаде во секое време. Напротив, тој е во духовното подрачје, и има одредено ‚место каде што престојува‘, односно има свое живеалиште (1. Цареви 8:39; 2. Летописи 6:39). Светото писмо исто така вели дека има одредено место каде што се наоѓа Божјиот „престол“ (1. Цареви 22:19; Исаија 6:1; Даниел 7:9; Откровение 4:1-3). Сепак, од ‚местото каде што престојува‘, тој може да ја користи својата сила за да го достигне секој дел и на духовниот и на материјалниот свет (Псалм 139:7).
Во дамнешната 1879 година, библискиот изучувач Чарлс Л. Ивс дал соодветен пример за да разбереме како Бог може да ја користи својата сила од едно утврдено место. Тој напишал: „На пример, велиме: ‚Отвори ги капаците на прозорците, и пушти го сонцето да влезе во собата‘. Не мислиме на дословното, материјално сонце, туку на сончевите зраци, она што доаѓа од сонцето“. Слично на ова, Бог нема потреба да патува до местата каде што сака да ја употреби својата сила. Тој едноставно го користи својот свет дух, кој може да достигне до најоддалечениот дел од созданието. Тоа што ќе разбереш што навистина е светиот дух — огромна сила со која се служи Бог — ќе ти влее доверба дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања.
ДАЛИ СИ СЕ ПРАШАЛ?
◼ Дали Библијата учи дека светиот дух е личност? (Дела 10:44, 45).
◼ Што е светиот дух? (Битие 1:2).
◼ До каде може да стигне Божјиот свет дух? (Псалм 139:7).