Галилејскиот чамец — скапоценост од библиски времиња
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИЗРАЕЛ
НА ГАЛИЛЕЈСКОТО МОРЕ се одиграле некои од највозбудливите настани од службата на Исус. Токму на ова море или на неговите брегови Божјиот Син одел по водата, ги смирил разбеснетите бранови, со чудо нахранил илјадници луѓе и лекувал болни.
Во 1986 година, на морското дно во близина на древниот Капернаум беше најден еден неочекуван пронајдок. Тоа беше еден чамец што пловел по ова море во времето кога Исус ја вршел својата служба. Како беше откриен? И што можеме да научиме од него?
Откриен поради една суша
Годините со мали врнежи и жешкото и суво лето во 1985 година лошо се одразија врз Галилејското Море, а покрај тоа, од ова слатководно езеро се вадеше вода за наводнување на посевите. Нивото на водата драстично опадна, по што останаа огромни блата. На двајца мажи, телесни браќа од блискиот кибуц, тоа им се видело како одлична прилика да тргнат во потрага по скриено богатство. Додека оделе низ блатото, забележале неколку бронзени парички и стари шајки. Потоа здогледале овални контури во калта, всушност, местото каде што бил затрупан еден древен чамец. Навистина нашле нешто скапоцено!
Археолозите никогаш не очекувале дека ќе најдат 2.000 години стар чамец во Галилејското Море. Тие претпоставувале дека микроорганизмите уште одамна би уништиле сѐ што е од дрво. Сепак, и анализите со јаглерод за одредување на староста и паричките што беа најдени на местото им укажуваа на експертите дека се работи за чамец од првиот век пр.н.е. или од првиот век од н.е. За чудо, трупот на чамецот беше доста зачуван. Како било можно тоа?
Изгледа дека чамецот бил оставен во област каде што нема многу движења, што овозможило целиот долен дел да биде обвиен во мека кал. Со текот на времето, калта се стврднала. Така, едно парче од историјата останало зачувано околу 20 века.
Како што се ширеше веста за откритието, овој древен чамец го доби името Чамецот на Исус. Се разбира, никој не тврдеше вистински дека Исус или неговите ученици го користеле токму овој чамец. Но, поради староста и сличностите со чамците опишани во евангелијата, овој чамец ги заинтересира и историчарите и изучувачите на Библијата.
Чамецот е долг 8,2 и широк 2,3 метри. Градителот на чамецот прво го направил трупот, т.е. наместо на рамка, тој ги прицврстил штиците директно на кобилицата. Потоа ги исковал страните на чамецот, со што го добил трупот. Овој метод обично се користел при правењето чамци што ќе пловат по Средоземното Море. Но, Галилејскиот чамец веројатно бил приспособен за пловидба по езеро.
Во почетокот, чамецот веројатно бил опремен со едно четвртесто едро. Бидејќи имал четири весла, логично е да се заклучи дека во него можело да има најмалку петмина — четири веслачи и еден кормилар. Меѓутоа, во чамецот можело да пловат двојно повеќе луѓе. Лесно може да си замислиме еден ваков чамец додека читаме за седумте ученици кои ловеле риба кога го здогледале Исус откако воскреснал (Јован 21:2-8).
На крмата, Галилејскиот чамец најверојатно имал палуба под која се чувале големите рибарски мрежи. Под штиците на оваа палуба уморните рибари можеле да најдат малку мир за да се одморат. Можеби Исус тоа и го сторил кога за време на една бура ‚бил на крмата и спиел на перница‘ (Марко 4:38). Се смета дека ‚перницата‘ можеби била вреќа со песок која се користела како баласт за да му даде стабилност на чамецот.a
Рибарите на Галилејското Море
Замисли си дека си во првиот век и дека си во еден ваков чамец. Додека пловиш по Галилејското Море, што гледаш? Рибарите, од кои некои се во мали чамци, а некои газат во плитката вода, ги фрлаат своите мрежи. Со голема вештина, со едната рака ги фрлаат кружните мрежи со тегови, кои се со пречник од 6 до 8 метри. Распостилајќи се рамномерно по водата, мрежите потонуваат и ги фаќаат рибите. Еден рибар го вади уловот така што ја влече мрежата на брегот или така што се нурнува за да ја испразни. Во Библијата е опишано како Симон и Андреј ги „фрлаат“ своите мрежи, можеби на сличен начин (Марко 1:16).
Можеби ќе забележиш и група рибари кои живо разговараат додека подготвуваат една рибарска мрежа. Кога оваа мрежа, која е 300 метри долга, ќе се спушти во водата, централниот дел паѓа и до 8 метри длабочина, а на двата краја има јажиња за влечење. Рибарите избираат локација, и потоа половината од нив одат на брегот и држат едно од јажињата. Чамецот отпловува по езерото во права линија при што се оптегнува целата мрежа. Потоа чамецот свртува и полека мрежата се обликува во полукруг во однос на брегот. Тогаш рибарите што се во чамецот излегуваат држејќи го второто јаже за влечење. Кога двете групи рибари ќе се сретнат, го извлекуваат уловот (Матеј 13:47, 48).
Во далечина забележуваш еден осамен рибар со јадица. Еднаш Исус му рекол на Петар да фрли јадица во истото ова море. Можеш да си замислиш колку бил зачуден Петар кога фатил риба и кога во нејзината уста нашол еден сребреник — точно онолку колку што требало за да се плати храмскиот данок (Матеј 17:27).
Приквечер, сѐ се стишува на езерото. Одеднаш, мирот го разбиваат рибарите кои удираат со нозете по дното на чамецот и плескаат со веслата по водата за да направат што е можно поголема врева. Рибарите имаат поставено мрежи во водата, а рибите, исплашени од вревата, впливуваат право во нив. Оваа мрежа што стои вертикално како ѕид и е невидлива во мракот е така сплетена што рибите лесно се заплеткуваат во неа. Мрежите се спуштаат во водата цела ноќ. Наутро се перат и се спростираат да се сушат. Можеби си мислиш: ‚Дали чудесниот улов опишан во Лука 5:1-7 бил фатен со ваква мрежа?‘
Реставрација на чамецот
Да се вратиме повторно во наше време. Што се случи со пронајдениот чамец? Иако не беше оштетен, конструкцијата му беше многу мека, како накиснат картон. Не беше изводливо едноставно да се ископа од калта. Ќе беше голема штета ако, откако преживеал толку долго, чамецот се распаднеше во текот на извлекувањето! Бидејќи постоеше опасност водата на езерото повторно да надојде, околу местото каде што беше пронајден чамецот беше изграден еден насип. Под трупот на бродот беа ископани тунели за да се вметнат потпирачи од стаклена волна. Кога калта внимателно беше расчистена, чамецот беше испрскан и однатре и однадвор со заштитна обвивка од полиуретанска пена.
Следниот предизвик беше како да се пренесе овој осетлив предмет 300 метри понатаму, на местото каде што требаше да се почне со реставрацијата. Полиуретанската обвивка беше издржлива, но еден ненадеен потрес би можел да го раздроби осетливото дрво под неа. Тимот се одлучи за едно креативно решение. Го пробија насипот и ја пуштија водата внатре. Првпат по толку многу векови, чамецот, кој сега беше обвиен со современа обвивка, пловеше по Галилејското Море.
Беше изграден еден бетонски резервоар за вода и во него беше сместен чамецот за време на реставрацијата, која траеше 14 години. Но, се појави проблем кога во резервоарот почна да врие од ларви на комарци, поради што не им беше баш лесно на оние што мораа да влезат во него за да работат на чамецот. Меѓутоа, тимот за реставрација изнајде решение кое беше и оригинално и прастаро. Помош побараа од еден вид риби кои ги изедоа ларвите и ја исчистија водата.
Наскоро дојде време да се исуши чамецот. Сѐ уште беше премногу осетлив за да се исуши на природен начин. Водата што беше навлезена во дрвото мораше да се замени со нешто друго. Тимот користеше една техника со која водата беше заменета со синтетички восок растворлив во вода, кој овозможи дрвото да се исуши без да ја промени формата.
Кога заврши реставрацијата, остана еден прилично едноставен чамец. Беше направен од 12 различни видови дрво. Зошто? Една можна причина е дека во тоа време немало многу дрво за градба. Но, поверојатно е дека сопственикот не бил богат човек. Чамецот бил поправан многу пати пред да потоне.
Галилејскиот чамец можеби нема никаква поврзаност со самиот Исус. Сепак, за многумина тој е вистинска скапоценост. Тој ни дава можност да се вратиме многу векови наназад и да си претставиме каков бил животот на Галилејското Море во значајното време кога Исус ја вршел својата служба на Земјата.
[Фуснота]
a Види ја статијата „На Галилејското Море“ во Стражарска кула од 15 август 2005, страница 8, исто така издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 15]
Работниците макотрпно ја вадеа калта од внатрешноста на чамецот
[Слика на страница 15]
Обвиен со полиуретанска пена
[Слика на страница 15]
По речиси 2.000 години, чамецот повторно заплови
[Слика на страница 15]
Модел на чамецот како што можеби изгледал во првиот век
[Слика на страница 15]
Галилејскиот чамец изложен по реставрацијата
[Извор на слика на страница 15]
Сите фотографии, освен моделот и морето: Israel Antiquities Authority - The Yigal Allon Center, Ginosar