Гледиште на Библијата
Дали луѓето стануваат ангели кога ќе умрат?
ЕДНО мало девојченце што се викаше Аргиро умре кога имаше само седум години. Скршени од тага, нејзините родители ја гледаа легната во ковчегот, облечена целата во бело. Сакајќи да ги утеши, свештеникот им рече: „Бог сакаше уште едно ангелче, па затоа ја зеде Аргиро кај себе. Сега нејзината душа лета околу престолот на Семоќниот“.
Многу луѓе веруваат дека ангелите се душите на починати луѓе, иако само малку религии официјално го поддржуваат ова верување. Медиумите ја шират оваа идеја во филмовите и телевизиските серии за мртви луѓе кои ‚си заработиле крила‘ како ангели затоа што ги штитат и им помагаат на живите.
Можеш ли навистина да очекуваш дека твоите најмили ќе станат ангели кога ќе умрат? Што вели Библијата во врска со ова? За да дојдеме до одговорот, најнапред да разгледаме што навистина вели Светото писмо за природата на ангелите и за тоа во каква состојба се мртвите.
Ангели — уникатни творби
Ангелите се невидливи, моќни слуги на Бог кои живеат во духовното подрачје. Тие постојат независно од луѓето. Ангелите се духовни суштества што ги создал Бог. Библијата вели: „Нека го фалат [ангелите] името Јеховино, зашто тој заповеда, и тие беа создадени!“ (Псалм 148:2, 5, NW).
Библијата открива дека милиони верни небесни суштества, меѓу кои и серафими и херувими, послушно служат на одредена положба според својот ранг и задача (Псалм 103:20, 21; Исаија 6:1-7; Даниел 7:9, 10). Дали луѓето мораат да умрат за Бог да ги создаде сите тие ангели? Всушност, тоа е невозможно. Зошто?
Библијата покажува дека ангелите биле создадени многу долго пред луѓето. Кога Јехова ја создал планетата, која многу подоцна ќе ја населат луѓето, ангелите — поетски наречени утрински ѕвезди — ‚воскликнувале и извикувале‘ (Јов 38:4-7). Значи, тие постоеле со еони пред човекот да биде создаден на Земјата.
Освен тоа, ангелите и луѓето многу се разликуваат по својата природа и по својата улога во Јеховината намера.a Бог го создал човекот „малку понизок од ангелите“, па затоа на тие духовни суштества со право се гледа како на суштества што се супериорни во однос на човекот, кои се со поголем умствен капацитет и моќ (Евреите 2:7). ‚Соодветното живеалиште‘ на ангелите е небото (Јуда 6). Што се однесува до луѓето, пак, првобитната намера на Бог била човекот вечно да живее на Земјата (Битие 1:28; 2:17; Псалм 37:29). Да му биле првите маж и жена послушни на Бог, никогаш немало да умрат. Значи, уште од почетокот, луѓето и ангелите имале многу различни улоги во Божјата намера.
Што се случува при смртта?
Други важни прашања што треба да ги разгледаме се: Што се случува со луѓето кога ќе умрат? Дали продолжуваат да постојат во некој друг облик, можеби како ангели во духовното подрачје? Библијата го дава овој едноставен и јасен одговор: „Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо“ (Проповедник 9:5). Значи, кога ќе умрат, луѓето повеќе не постојат. Мртвите не знаат, не чувствуваат и не доживуваат апсолутно ништо.
Има ли некаква надеж за мртвите? Да! Библијата покажува дека за повеќето луѓе што умреле има надеж дека ќе бидат воскреснати. Поголемиот дел од умрените ќе бидат воскреснати како луѓе во рајот на Земјата (Лука 23:43; Јован 5:28).
Некои луѓе имаат надеж дека ќе бидат воскреснати на небото. Нивниот број не е голем — вкупно 144.000. Меѓутоа, овие 144.000 многу се разликуваат од оние суштества што обично се нарекуваат ангели. На пример, 144-те илјади владеат како бесмртни цареви и свештеници со Исус. Тие имаат власт да судат (1. Коринќаните 6:3; Откровение 20:6). Дали тие се бебиња што умреле? Не. Тие се следбеници на Христос кои биле потполно испитани и искушани (Лука 22:28, 29).
Размисли и за разликата меѓу мртвите луѓе и живите ангели. Мртвите луѓе „не знаат ништо“, или не се свесни за ништо, додека ангелите се потполно свесни, имаат чувства и способност да донесуваат одлуки. Тие се суштества со слободна волја (Битие 6:2, 4; Псалм 146:4; 2. Петрово 2:4). Мртвите се опишани како „немоќни“, додека ангелите се „моќни во силата“ (Исаија 26:14, NW; Псалм 103:20). А како наследници на Адам, луѓето умираат поради гревот и несовршеноста, но богобојазливите ангели се совршени и имаат потполно признание од Јехова (Матеј 18:10).
Идејата дека ангелите се душите на починатите луѓе можеби е тема на ТВ програмите или филмовите, но нема никаква поткрепа во Библијата. Библиските вистини што се наведени во оваа статија ни помагаат да ги отфрлиме погрешните претпоставки за судбината на нашите најмили што умреле. И, Библијата нѐ уверува дека верните ангели — посебно создадени, моќни слуги на Бог — се супериорни во однос на луѓето и секогаш се спремни да ја вршат Јеховината волја. За среќа, дел од Божјата волја е и тоа ангелите да ги чуваат и да им помагаат на оние што од сѐ срце го почитуваат Јехова и сакаат да му служат (Псалм 34:7).
[Фуснота]
a Зборот „ангел“, кој дословно значи „гласник“, понекогаш може да има многу широко значење, како на пример, може да се однесува на разни духовни суштества, па дури и човечки слуги на Бог. Но, во оваа статија, ќе се однесува на оние духовни суштества кои во Библијата обично се наречени ангели.
СИ СЕ ПРАШАЛ ЛИ НЕКОГАШ?
◼ Дали твоите најмили што починале сега се ангели кои му служат на Бог на небото? (Проповедник 9:5, 10).
◼ Дали децата умираат затоа што Бог сака да има уште ангели околу себе? (Јов 34:10).
◼ Можат ли мртвите да се вратат за да ги штитат живите? (Исаија 26:14).
[Истакната мисла на страница 29]
„Нека го фалат [ангелите] името Јеховино, зашто тој заповеда, и тие беа создадени!“ (Псалм 148:2, 5, NW).