Ангели — кои се тие?
ВЛАДЕТЕЛОТ на една моќна империја не може да си верува на очите. Тројца мажи осудени на смрт во огнена печка се спасени од челуста на смртта. Кој ги спасил? Самиот цар им вели на тројцата спасени: „Благословен да е [вашиот Бог], Кој го испрати својот ангел и ги избави Своите слуги, оние кои се надеваа во Него“ (Даниел 3:28). Овој вавилонски владетел кој живеел пред повеќе од два милениума, со свои очи видел како помагаат ангелите. Во минатото, милиони луѓе верувале во ангели. И денес, многумина не само што веруваат дека постојат ангели, туку и сметаат дека ангелите на некој начин влијаат врз нивниот живот. Кои се ангелите и од каде потекнуваат?
Според Библијата, ангелите се духови, исто како што и Бог е Дух (Псалм 104:4; Јован 4:24). Ангелската фамилија е голема и брои на милиони (Откровение 5:11). И сите тие се „моќни во силата“ (Псалм 103:20). Иако ангелите се слични на луѓето во таа смисла што секој има своја личност и слободна волја, сепак не го започнале својот живот како луѓето. Всушност, Бог ги создал ангелите долго пред да бидат создадени луѓето — дури и пред да биде создадена Земјата. Кога Бог ‚ја основал Земјата‘, ни кажува Библијата, ‚воскликнувале утринските ѕвезди [ангелите] и извикувале радосно Божјите дворјани‘ (Јов 38:4, 7). Затоа што ангелите се создадени од Бог, наречени се и Божји синови.
Зошто Бог ги создал ангелите? Каква улога имале, ако воопшто имале, во човечката историја? Дали денес влијаат врз нашиот живот? Дали, како личности со слободна волја, некои од нив го следеле правецот на Сатана Ѓаволот и станале непријатели на Бог? Библијата дава веродостојни одговори на овие прашања.