Роми — илјада години исполнети со радост и тага
НАСТАНОТ изгледа како секоја голема, традиционална свадба. Има изобилство храна и пијалак, а во куќата ечи музика. Роднините нагрнуваат за да им честитаат на срамежливиот младоженец и на неговата невеста која зрачи од среќа. Но, ова не е свадба — само свршувачка вечерта пред свадбата, на која се дојдени преку 600 гости што сакаат да им честитаат на младите. На свршувачката, семејството на младоженецот ги дарува идните сватови со мираз. Следниот ден, младоженецот и неговото семејство ќе ја однесат невестата до неговиот дом, каде што ќе ја слават свадбата.
Сите роднини на младенците зборуваат ромски — јазик кој, каде и да живеат, се смета за странски. Овој јазик и неговите разни дијалекти, заедно со многуте древни традиции и свадбени обичаи, е заедничкото наследство на народот кој е распрснат по целиот свет, но кој нема државна територија ниту своја влада. Тие се Роми.a
Кои се Ромите?
Следејќи го лингвистичкото, културното и генетско потеклото на Ромите, се враќаме во времето, околу 1.000 години назад во северна Индија. Јасно е дека нивниот јазик, освен некои примеси што ги прифатиле во поново време, е од индиско потекло. Но, не е толку јасно зошто ја напуштиле Индија. Некои научници веруваат дека нивните предци можеби биле занаетчии и забавувачи што оделе заедно со војнички дружини, кои ја напуштиле својата татковина како последица на воените конфликти. Како и да е, Ромите стигнале во Европа преку Персија и Турција пред 1300 година од н.е.
Во Европа, општото мислење за Ромите оди во две крајности. Од една страна, во некои книги и филмови тие се идеализирани, прикажани како гостољубиви, безгрижни патници, кои низ песна и танц слободно ги изразуваат своите радости и таги во животот. Од друга страна, пак, оцрнети се како луѓе на кои не можеш да им веруваш, кои се чудни и сомничави — никогаш не се мешаат, изолирани се и одвоени од другите околу нив. За да разбереме како дошло до овие шаблонизирани мислења, да го разгледаме интересното минато на Ромите.
Време на дискриминација
Во средниот век, за повеќето Европејци, светот го опфаќал нивниот град или село. Можеме да си замислиме што сѐ им минувало низ главата кога здогледале како пристигнуваат Ромите. Многу работи во врска со нив им изгледале чудни. Освен што биле со темен тен, темни очи и црна коса, новодојденците потполно се разликувале од нив по облеката, обичаите и јазикот, а Ромите имале обичај да се држат понастрана од другите — обичај што можеби го имале уште во поделеното класно општество во Индија. Со текот на годините, првобитната љубопитност на Европејците преминала во недоверба.
Општеството буквално ги отфрлило Ромите — тие биле принудени да си ги поставуваат логорите само надвор од селата и им било забрането да влегуваат во нив дури и за да си купат намирници или за да си нацрпат вода. Во селата се ширеле гласини: „Тие крадат деца, па дури и ги јадат!“ Понекогаш законот ги обврзувал Ромите да готват на отворено, за секој што сака, да може да провери што готват во лонците. Ова честопати го правеле така што им го истурале на земја јадењето за тој ден. Не е ни чудо што некои Роми краделе храна за да преживеат.
Како реакција на дискриминацијата, Ромите цврсто се држеле меѓу себе. Со векови, поддршка и радост наоѓале во семејството. Традиционално, Ромите како родители многу се грижат за своите деца, а децата се грижат за своите родители и ги чуваат кога ќе остарат. Многу Роми цврсто се придржуваат и за традиционалните мерила за однесување и пристојност.
Живот по патиштата
Бидејќи ретко биле добредојдени некаде, Ромите постојано биле во движење. Поради овој номадски живот, развиле разни вештини, како што се обработката на метали, трговијата, а станале и вешти забавувачи. Со овие вештини, можеле барем да си ги прехранат семејствата. Некои Ромки го користеле тоа што биле на глас дека се видовити, но често само глумеле за да заработат. Поради нивниот живот по патиштата имало помал ризик од културно и морално загадување преку пречестите контакти со гаџе — ромски збор што значи „не-Роми“.b
Во меѓувреме, предрасудите довеле до прогонување. Ромите биле протерани од некои делови на Европа. На други места, со векови биле робови. Кога, во 1860-те, завршил тој период на ропство, Ромите почнале да се раселуваат, а голем број од нив отишле во западна Европа и во двете Америки. Каде и да оделе, ги носеле со себе својот јазик, своите обичаи и своите таленти.
Дури и кога биле угнетувани, Ромите понекогаш наоѓале извесна мера задоволство во своите уметнички изведби. Во Шпанија, како резултат на мешањето на ромската и други култури, се родило фламенкото, а во источна Европа, ромските музичари ги прифатиле локалните фолклорни песни и им го додале својот карактеристичен стил. Страста во ромската музика влијаела дури и врз некои композитори на класична музика, меѓу кои и Бетовен, Брамс, Дворжак, Хајдн, Лист, Моцарт, Рахмањинов, Равел, Росини, Сен-Санс и Сарасате.
Ромите во современиот свет
Денес помеѓу два и пет милиони Роми — некои велат и многу повеќе — живеат речиси на секое делче од Земјата. Најголем дел живеат во Европа. Голем број од нив повеќе не се постојано на пат, и некои доста добро стојат во финансиски поглед. Но, на многу места, Ромите сѐ уште се едни од најсиромашните и најобесправените, и честопати живеат во бедни услови.
За време на комунистичката ера во источна Европа, политичката идеологија налагаше сите граѓани да бидат еднакви. Владите, секоја со различен успех, се обидоа да го смират номадскиот живот на Ромите така што ги вработуваа и им даваа општествени станови. Ова понекогаш придонесуваше за подобрување на здравјето и на животниот стандард. Но, не ги отстрани негативните мислења и ставови што Ромите и не-Ромите со векови ги имаа едни спрема други.
Политичките промени во источна Европа во 1990-те навестуваа нови можности. Но, тие исто така отворија стари рани кога сѐ помалкуте програми за социјална помош и сѐ послабото спроведување на антидискриминациските закони повторно доведе многу Роми во тешка ситуација, и во социјален и во економски поглед.
Надеж и подобар живот
Во такви околности, црнокосата Андреа одела во училиште во источна Европа. Таа била единствената Ромка во класот. Иако е цврста девојка, таа се обидува, но со малку успех, да ги задржи солзите додека се сеќава како ѝ се подбивале и ја отфрлиле. „Секогаш последна ме избираа кога се бираа екипи за некои игри“, си спомнува Андреа. „Сакав да избегам во Индија каде што немаше да се разликувам од другите. Всушност, еднаш некој му рече на еден мој другар: ‚Оди си во Индија!‘ А тој одговори: ‚Да имав пари, ќе си одев‘. Никаде не се чувствувавме како дома. Никаде не бевме добредојдени.“ Андреа, која е талентирана танчерка, сонувала да стане славна и на тој начин да ја стекне наклоноста на другите. Но, кога била тинејџерка, нашла нешто многу подобро.
„Еден ден, една млада жена што се викаше Пироска и која е Јеховин сведок, дојде кај нас дома“, раскажува Андреа. „Ми покажа од Библијата дека Бог нѐ сака сите како поединци а не само како група. Ми објасни дека можам да станам пријател со Бог ако сакам. Имав чувство дека сум му важна на некого. Тоа што знаев дека за Бог сите луѓе се исти ми даде поголема самодоверба.
Пироска ме носеше на состаноците на Сведоците, каде што запознав и Роми и други луѓе и можев да почувствувам дека меѓу нив владее единство. И од едните и од другите стекнав вистински пријатели. Откако отприлика година и пол ја проучував Библијата со Пироска, и јас станав Јеховин сведок.“ Денес, Андреа и нејзиниот маж се полновремени проповедници и ги поучуваат другите дека Бог вистински ги сака луѓето од сите народи.
„Ме прифатија како еднаков“
Спомнувајќи си за својата младост, еден Ром по име Хајро раскажува: „Се дружев со лоши момци кои не го почитуваа законот и затоа редовно имав проблеми. Еднаш, додека бев заедно со тие момци, полицијата ме уапси за кражба. Кога полицајците ме одведоа дома, повеќе ми беше страв од тоа како ќе реагира мајка ми отколку од полицајците, зашто, како што е случај со повеќето ромски семејства, од мал ме учеа дека е погрешно да се краде од кого и да било“.
Кога дошол на позрели години, и тој и неговото семејство се запознале со Јеховините сведоци. Библиското ветување дека Божјето Царство ќе им стави крај на проблемите во човечкото општество, меѓу кои и предрасудите и дискриминацијата, силно одекнало во срцето на Хајро. „Ромите никогаш немале своја државна влада што ќе се грижи за нив“, вели тој. „Затоа сметам дека Ромите можат лесно да разберат на кој начин Божјето Царство ќе им донесе добро на сите луѓе. Уште сега гледаме дека го прави тоа. Кога првпат стапнав во Салата на Царството, се почувствував како апостол Петар, кога рекол: ‚Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно‘ (Дела 10:34, 35). Сите ме прифатија како еднаков на нив. Просто не можев да си поверувам на ушите кога еден човек што не е Ром ми рече прала — ‚брат‘ на ромски!
Отпрвин, некои од моето семејство жестоко ми се спротивставија. Не можеа да ги сфатат промените што ги правев за да живеам според начелата од Библијата. Но, сега нашите роднини и ромската заедница гледаат дека, затоа што цврсто се држам за Божјите мерила, јас сум среќен човек и имам подобар живот. Повеќето од нив би сакале да си го подобрат и својот живот.“ Хајро моментално служи како старешина и полновремен проповедник. И неговата жена, Меган, која не е Ромка, ги поучува Ромите и другите за тоа како Библијата ќе им помогне да имаат среќен живот — сега и во иднина. „Семејството на мојот сопруг и ромската заедница потполно ме прифатија“, вели таа. „Им се допаѓа тоа што некој што не е Ром толку се интересира за нив.“
[Фусноти]
a Во различни делови од светот, Ромите се наречени Џипси, Хитанос, Цигојнер, Цигани. Овие изрази се сметаат за погрдни. Ром (множина Роми), што значи „маж“ на нивниот јазик, е зборот што повеќето Роми го користат кога зборуваат за себе. Некои групи што зборуваат ромски се познати и под други имиња, како на пример, Синтите.
b Иако некои Роми упорно се држат за многу нивни традиции, честопати се случува да ја прифатат религијата на мнозинството во земјата каде што живеат.
[Истакната мисла на страница 24]
Денес Ромите живеат речиси на секое делче од Земјата
[Рамка/слики на страница 23]
За време на нацистичката ера во Европа, се проценува дека Хитлер, во неговите логори на смртта, убил отпрлика 400.000 или повеќе Роми, покрај Евреите, Јеховините сведоци и други. Во 1940 година, уште пред да се дознае за кампањата на Хитлер за истребување, глумецот Чарли Чаплин — и самиот со ромско потекло — го сними филмот Големиот диктатор, филм во кој се исмеваат Хитлер и нацистичкото движење. Други познати личности што имаат ромско потекло се глумецот Јул Бринер, глумицата Рита Хејворт (долу), сликарот Пабло Пикасо (долу), џез музичарот Џанго Рајнхард и пеачката Есма Реџепова. Исто така, многу Роми се инженери, лекари, професори и членови на државниот парламент.
[Извори на слики]
AFP/Getty Images
Фотографија на Tony Vaccaro/Getty Images
[Рамка/слики на страница 26]
Роми Сведоци
Многу Роми станале Јеховини сведоци. Некои служат како собраниски старешини и полновремени проповедници, или пионери. Локалните власти и другите ги сметаат за примерни граѓани. Еден Ром од Словачка, кој е Сведок, раскажува: „Еден ден, еден наш сосед, кој не е Ром, тропна на нашата врата. ‚Мојот брак е во криза, но знам дека вие можете да ми помогнете‘, рече тој. ‚Зошто ние?‘, го прашав јас. Тој ми рече: ‚Ако Богот кому му служите вие може да им помогне на Ромите да си го подобрат животот, веројатно ќе може да ни помогне и нам‘. Му дадовме една книга што се темели на Библијата и во која се зборува за семејниот живот, издадена од Јеховините сведоци.
Подоцна дојде и жена му со истата молба, без да знае дека маж ѝ веќе беше кај нас. ‚Никој друг во оваа зграда не може да ни помогне‘, рече таа. И неа ѝ ја дадовме истата книга. Секој од нив нѐ замоли да не му кажуваме на другиот дека бил кај нас. Месец и пол подоцна, почнавме да ги поучуваме за Библијата. Бидејќи живееме во склад со библиската вистина, луѓето стекнаа толку добро мислење за нас што доаѓаат кај нас да побараат духовна помош“.
[Слики]
Нарбона (Франција)
Гранада (Шпанија)
„Ромите можат лесно да разберат на кој начин Божјето Царство ќе им донесе добро на сите луѓе“ (Хајро).
[Слика на страница 22]
Полска
[Извор на слика]
© Clive Shirley/Panos Pictures
[Слика на страница 22]
Роми во Англија, 1911 година
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на University of Liverpool Library
[Слика на страници 22 и 23]
Словачка
[Слика на страница 23]
Македонија
[Извор на слика]
© Mikkel Ostergaard/Panos Pictures
[Слика на страница 24]
Романија
[Слика на страница 24]
Македонија
[Слика на страници 24 и 25]
Република Чешка
[Слики на страници 24 и 25]
Шпанија
[Слика на страница 25]
Андреа сонувала да стане славна танчерка и така да ја стекне наклоноста на другите
[Извори на слики на страница 24]
Романија: © Karen Robinson/Panos Pictures; Македонија: © Mikkel Ostergaard/Panos Pictures; Република Чешка: © Julie Denesha/Panos Pictures