Гледиште на Библијата
Дали заљубеноста го оправдува предбрачниот секс?
ВО ЕДНА анкета, речиси 90 отсто од тинејџерите што беа анкетирани изјавија дека нема ништо лошо во предбрачниот секс кога двајца се сакаат. Медиумите честопати го пренесуваат и го одобруваат ова мислење. Телевизијата и филмовите редовно го прикажуваат сексот како нешто нормално кога двајца се заљубени.
Се разбира, оние што сакаат да му угодат на Бог не бараат совети од светот, зашто се свесни дека тој го одразува мислењето на својот владетел, Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Исто така, внимаваат да не се водат само по своите чувства, зашто знаат дека „срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Еремија 17:9). Наместо тоа, оние што се вистински мудри, бараат совет од Творецот и од неговата вдахновена Реч (Изреки 3:5, 6; 2. Тимотеј 3:16).
Половите односи се дар од Бог
„Секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора, зашто слегува од Таткото на небесните светла“, стои во Јаков 1:17. Половите односи во бракот се еден од тие дарови (Рут 1:9; 1. Коринќаните 7:2, 7). Овие односи им овозможуваат на луѓето да имаат потомство и придонесуваат мажот и жената да бидат физички и емоционално блиски меѓу себе на еден многу нежен начин, кој им носи задоволство и на двајцата. „Радувај се со жената на својата младост“, напишал древниот цар Соломон. „Нејзините гради нека те опиваат во секое време“ (Изреки 5:18, 19).
Нормално, Јехова сака да ги користиме и да се радуваме на даровите што ни ги дал. За таа цел, ни ги дал најдобрите закони и начела по кои треба да живееме (Псалм 19:7, 8). Јехова е Оној „кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17). Дали нашиот небесен Татко — кој е олицетворение на љубовта — би нѐ лишил од нешто што е навистина добро? (Псалм 34:10; 37:4; 84:11; 1. Јованово 4:8).
Предбрачниот секс не е знак на љубов
Кога еден маж и една жена ќе се венчаат, тие, така да се каже, стануваат „едно тело“. Кога двајца што не се во брак имаат полови односи, кои уште се наречени и блуд, и тие стануваат „едно тело“ — но тело што е нечисто во Божји очи.a Освен тоа, таквите односи не се знак на љубов. Зошто го велиме ова? (Марко 10:7-9; 1. Коринќаните 6:9, 10, 16).
Па, една причина е тоа што блудот е секс без вистинска оддаденост помеѓу две лица. Освен што ја поткопува самопочитта, тој може да доведе и до болест, несакана бременост и емоционална болка. Но пред сѐ, тој претставува кршење на Божјите праведни мерила. Затоа, со блудот се покажува малку или воопшто не се покажува обѕир за сегашното и идното добро и среќа на другиот.
За христијаните, блудот е и повреда на правата на духовниот брат или сестра (1. Солуњаните 4:3-6). На пример, оние што се изјаснуваат како слуги на Бог, а имаат полови односи надвор од бракот, го валкаат христијанското собрание (Евреите 12:15, 16). Исто така, на оној со кого вршат блуд му оневозможуваат да биде морално чист и, доколку другиот не е во брак, му ја одземаат можноста во иднина да влезе невин во брак. Го валкаат и добриот глас на своето семејство, и на семејството на нивниот партнер. Пред сѐ, покажуваат непочитување кон Бог, кого го повредуваат со тоа што ги прекршуваат неговите праведни закони и начела (Псалм 78:40, 41). Јехова, од своја страна, ќе ‚ги казни‘ поединците што не се каат за сите тие лоши работи што ги прават (1. Солуњаните 4:6). Тогаш, зарем треба да нѐ чуди што Библијата вели да ‚бегаме од блуд‘? (1. Коринќаните 6:18).
Дали си заљубен и планираш да се венчаш? Тогаш, зошто не го искористиш времето додека се запознавате еден со друг да изградите цврст темел на заемна доверба и почит? Размисли за ова: Како може една жена да има потполна доверба во еден маж кој не може да се совлада? И колку ќе му биде лесно на еден маж да сака и да цени жена која не го почитува Божјиот закон само за да си ги задоволи своите чувства или да му угоди на мажот?
Не заборавај ни дека оние што ги отфрлаат Божјите мерила што се дадени за наше добро, ќе го пожнеат тоа што ќе го посеат (Галатите 6:7). „Кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“, вели Библијата (1. Коринќаните 6:18; Изреки 7:5-27). Точно, ако двајца што имале секс пред бракот вистински се покаат, искрено се трудат да си го обноват пријателството со Бог и стекнат поголема доверба еден во друг, можеби кај нив со текот на времето ќе избледат чувствата на вина и недовербата. Сепак, минатото обично остава лузни. Двајца млади, кои сега се во брак, горко жалат за тоа што направиле блуд. Сопругот понекогаш се прашува: ‚Дали можеби проблемите што ги имаме во бракот се последица од тоа што нашата врска почна со неморал?‘
Вистинската љубов е несебична
Иако вистинската љубов можеби е проследена со заљубеност, таа „не се однесува непристојно“ и „не ја бара својата корист“ (1. Коринќаните 13:4, 5). Напротив, вистинската љубов го тера човек да му посакува на другиот добро и трајна среќа. Таквата љубов ги поттикнува мажот и жената да се почитуваат и да ги остават половите односи за местото што им го одредил Бог — брачната постела (Евреите 13:4).
Чувството на доверба и сигурност, кое придонесува еден брак да биде вистински среќен, е особено важно кога ќе се родат деца, зашто намерата на Бог е децата да растат во стабилна, сигурна средина во која ќе преовладува љубов (Ефешаните 6:1-4). Само кога се во брак, двајца се вистински оддадени еден на друг. Во своето срце, а често и со збор, тие се заветуваат дека ќе се грижат и ќе се поддржуваат еден со друг и во добро и во зло до крајот на животот (Римјаните 7:2, 3).
Половите односи помеѓу сопругот и сопругата можат да ја зајакнат нивната врска. Кога бракот е среќен, половите односи носат поголемо задоволство и исполнетост — и тоа без да ја онечистат врската, без да ја измачуваат совеста и без да се биде непослушен на Творецот.
[Фуснота]
a Грчкиот збор преведен со „блуд“ се однесува на сите сексуални активности меѓу двајца кои не се во брак, во кои спаѓа користењето на половите органи, вклучувајќи го и оралниот секс (Види Разбудете се! од 8 ноември 2004 година, 27. страница и Стражарска кула од 15 февруари 2004 година, 13. страница, издадени од Јеховините сведоци).
СИ СЕ ПРАШАЛ ЛИ НЕКОГАШ?
◼ Како гледа Бог на предбрачниот секс? (1. Коринќаните 6:9, 10).
◼ Зошто блудот е штетен? (1. Коринќаните 6:18).
◼ Како можат двајца што се заљубени да покажат дека вистински се сакаат? (1. Коринќаните 13:4, 5).