Најголемиот човек што некогаш живеел
ЗА КОГО би рекол дека е најголемиот човек што некогаш живеел? Можеби за Ное, кој го преживеал Потопот и станал предок на сите што живеат сега? (1. Мојсеева 7:1, 21, 22; 9:18, 19). Можеби за Навуходоносор, древниот светски владетел и градител на величествениот град што го нарекол Големиот Вавилон? (Даниел 4:28-30). Или, за Александар Велики, кој е спомнат дури и во библиските пророштва поради неговите достигнувања? (Даниел 8:5-8, 21, 22). Или, пак, за Јулиј Цезар, познатиот Римски владетел?
Помалку од 45 години по смртта на Јулиј Цезар, во Витлеем се родило едно дете по име Исус. Дали тоа дете станало најголемиот човек што некогаш живеел? Пред околу сто години, во книгата Историјата на светот според историчарите (The Historians’ History of the World) беше кажано: „Дури и од чисто световна гледна точка, она што [Исус] го направил оставило многу позначаен белег врз историјата отколку она што го направила која и да било друга историска личност. Со неговото раѓање, започнува нова ера, а ова го признаваат сите поголеми култури во светот“.
До ден-денес, интересот за Исус не се намалува. Пред неколку години, отприлика во истото време, тој се најде на насловните страници на угледните американски списанија Time, Newsweek и U.S.News and World Report. Всушност, изгледа дека интересот за Исус е сѐ поголем. Во 2004 година, во весникот Toronto Star беше кажано: „Неговото влијание сѐ уште е присутно во филмовите, во музиката и во модата. Тој влезе во холот на славните“.
Но, чудно е тоа што во поновата историја некои негирале дека Исус воопшто постоел. Бруно Бауер (1809-1882) бил угледен учител кој изнел такво тврдење. Еден од неговите ученици бил и Карл Маркс. Неодамна, Роберт ван Ворст, во својата книга Исус надвор од Новиот завет (Jesus Outside the New Testament), напиша: „Маркс го вклучил во својата идеологија мислењето на Бауер за митското потекло на Исус, а подоцна, советската литература и другата комунистичка пропаганда го раширија ова тврдење“.
Меѓутоа, денес малкумина негираат дека Исус навистина постоел. Всушност, повеќето веднаш ќе се сложат дека тој бил вистинска и многу важна личност. Насловот на еден уреднички осврт во весникот Wall Street Journal од декември 2002 година гласеше: „Науката не може да го игнорира Исус“. Авторот на оваа статија напиша: „Повеќето научници, освен по некој атеист, веќе го прифатија Исус од Назарет како историска личност“.
Но, Исус е повеќе отколку само историска личност. Во списанието Time беше кажано: „Би било потребно некој да смисли крајно неразумни објаснувања за да може да го побие фактот дека највлијателниот лик — не само во овие два милениума туку и во целата човечка историја — е Исус од Назарет“. Понатаму беше речено: „Може да се дадат убедливи аргументи дека животот на ниедна друга личност ни малку не оставил толку големо и толку трајно влијание како животот на Исус“.
Сепак, остануваат прашањата: ‚Кој навистина бил тој? Од каде дошол? Која била неговата цел на Земјата? И зошто е толку важно да дознаеме за него сѐ што можеме?