Исус — што велат за него
„Исус од Назарет... е несомнено највлијателна личност во историјата“ (Х. Џ. Велс, англиски историчар)
„Христос се издвојува... од сите други херои во историјата“ (Филип Шаф, швајцарски теолог и историчар)
КОЈ заслужува да биде наречен најголемиот човек што некогаш живеел? По што се проценува величината на некој човек? По неговата воена генијалност? По неговата физичка сила? По неговите умствени способности? Или, пак, по тоа колку неговите зборови и постапки влијаат врз луѓето и каков пример им дава?
Забележи што рекле за Исус Христос, човекот од Назарет, некои историчари, научници, изучувачи, писатели, политички лидери и други лица во минатото и денес.
„Некој навистина треба да смисли крајно неразумни објаснувања за да го побие фактот дека највлијателниот лик — не само во овие два милениума туку и во целата човечка историја — е Исус од Назарет“ (Рејнолдз Прајс, американски писател и библичар).
„Еден човек што бил сосема невин се дал себеси како жртва за доброто на другите, вклучувајќи ги и своите непријатели, и послужил како откупнина за луѓето од целиот свет. Тоа било совршен чин“ (Махатма К. Ганди, политички и духовен водач на Индија).
„Кога бев дете ме учеа и за Библијата и за Талмудот. Јас сум Евреин, но восхитен сум од исклучителната личност на Назареќанецот“ (Алберт Ајнштајн, германски научник).
„Мислам дека Исус Христос е личност што се истакнува во сите периоди на историјата — и како Божји Син и како Човечки Син. Сѐ што рекол или направил е многу важно и за нас денес, а тоа не може да се каже за ниеден друг човек кој живее денес или живеел во минатото“ (Шолем Аш, полски писател, цитиран од Christian Herald; нагласено од нив).
„Цели 35 години од животот бев, во вистинска смисла на зборот, нихилист, човек што не верува во ништо. Но, пред пет години станав верник. Поверував во учењата на Исус Христос и целиот мој живот претрпе ненадејна промена“ (Гроф Лав Толстој, руски романописец и филозоф).
„Со својот живот, [Исус] извршил најголемо влијание од сите други луѓе и тоа влијание станува сѐ поголемо“ (Кенет Скот Латурет, американски историчар и писател).
„Треба ли да го сфатиме како бајка она што го пишува во евангелијата? Па, драги мои, тоа воопшто не личи на бајка. Напротив, историјата за Сократ, во која никој не се осмелува да се посомнева, не е толку добро потврдена како историјата за Исус Христос“ (Жан Жак Русо, француски филозоф).
Јасно е дека, ако некој заслужува да ни биде пример во животот, тоа е Исус Христос. Павле, еден образован човек од првиот век кого Исус го избрал да му биде следбеник и да им зборува за него на другите народи, нѐ советувал „да го впериме погледот“ во Исус (Евреите 12:2; Дела 9:3). Што можеме да научиме од Исус за животот? Како може неговиот живот да влијае врз тебе?