Што би правеле без магарињата?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД ЕТИОПИЈА
НА УЛИЦИТЕ во Адис Абеба — главниот град на Етиопија, земја што се наоѓа на 16 место по населеност во светот — магарето долго време било важно превозно средство. Повеќето возачи на автомобили научиле да им се приспособат, свесни дека магарињата обично добро си го знаат патот и ништо живо не ги сопира да го минат. Иако магарињата не се плашат од голем сообраќај, работата им ја комплицира нивниот широк товар, па не се вртат двапати назад. Затоа, ако не сакаш да се допреш до јаглен, исушен измет од крави или каков и да било друг товар, подобро ќе ти биде да им се тргнеш од патот!
Се проценува дека во Етиопија има околу пет милиони магариња, скоро 1 магаре на секои 12 луѓе. Милиони Етиопјани живеат на оддалечени ридови одвоени со длабоки клисури. Делови од големата централна висорамнина во земјата се одделени со безброј мали потоци. Да се изградат мостови, па дури и неасфалтирани пристапливи патишта до тие места, би ги исцедило средствата на секоја држава. Затоа, истрајното магаре на сигурни нозе е идеално превозно средство.
Магарето може да го поднесе скоро секој од многуте климатски услови што ги има Етиопија — од сувите, жешки низини до планинските региони. И извонредно е погодно за совладување на стрмните падини, тесните патеки, камените речни корита, калливите премини и други нерамни терени. Тоа може да оди таму каде што не може ни коњ ни камила. За милиони луѓе, магарето е главен начин за пренесување на роба, особено во градовите каде што многу куќи не можат да се достигнат со моторизирани возила.
Магарињата можат да совладаат тесни ќошиња и да се пробијат низ тесни патчиња наредени со огради од двете страни. Не им се потребни скапи гуми и ретко имаат проблеми на лизгави површини. Тие носат товар со секаков облик и големина, скоро до секое место, и тоа до вратата на домаќинот. Додека возачите на автомобили поцрвенети од лутина стискаат по свирката, магарињата лесно се снаоѓаат во сообраќајните метежи. Ниеден полицаец не би помислил да казни некое магаре затоа што влегло од погрешната страна на некоја еднонасочна улица. И паркирањето никогаш не е проблем. Едно магаре можеби чини околу 50 долари, но е неспоредливо со трошокот на моторизираниот превоз.
Магариња во главниот град
Наутро, илјадници магариња патуваат до Адис Абеба — која има преку 3.000.000 жители — честопати и од места на оддалеченост од преку 25 километри. Средите и саботите се особено прометни бидејќи тие се седмичните пазарни денови. Патувањето можеби трае и до три часа, што бара да се тргне уште пред зори. Понекогаш нивните сопственици одат пеш крај нив, но многу почесто тие поттрчнуваат, брзајќи да фатат чекор со нив.
Најчесто се носат вреќи со жито, зеленчук, дрво за огрев, цемент и јаглен, но и метални буриња со масло за готвење и сандаци со флаширани пијалаци. Некои магариња носат товари тешки и по 90 килограми или повеќе. Долгите товари како, на пример, стапови од бамбус или од еукалиптус, се врзуваат на двете страни на магарето и се влечкаат по нив по патот. Можеби најсликовити товари се високите снопови со слама или балињата со сено под кои животното скоро исчезнува.
Кога одат на пазар наутро, носејќи си го тешкиот товар, магарињата можат да каскаат со прилично голема брзина. Штом ќе заврши пазарот и ќе го снема товарот, тие се враќаат дома со едно полежерно темпо, дури застанувајќи да си поткаснат од зеленилото по патот. И кога не одат на пазар, магарињата сепак вршат многу секојдневни работи како, на пример, носење вода и дрва за огрев. Може и да му бидат позајмени некому или да се дадат под наем. Некои дури се дел од „возниот парк“ на фирми кои нудат професионални транспортни услуги со товарни магариња! Во некои места магарињата влечат запрежни коли, или понекогаш, еден пар магариња можат да влечат прилично голема товарна кола.
Заслужуваат почит
Магарињата скоро и да немаат потреба од одржување. Сами си ја наоѓаат храната и јадат скоро сѐ. Кога добро се постапува со магарињата, тие се приврзуваат за своите господари. Што се однесува до интелигенција, проценети се како поинтелигентни од коњите. Тие одлично го памтат патот до некое место. Без придружба, можат да носат вода од места што се оддалечени и преку осум километри, само да има кој да ги натовари и растовари. Може да имаат дури и ѕвончиња, за луѓето на одредените адреси по патот да го чујат магарето кога доаѓа и да си ја земат пратката.
Иако магарињата се трудољубиви, тие си имаат свој став која е нивната максимално прифатлива тежина, а и кога е време за пауза. Во такви ситуации, или во случај кога товарот е така поставен што им предизвикува болка, можат едноставно да легнат. Тогаш можат да бидат погрешно разбрани и вербално или физички да бидат малтретирани. Можеби се сеќаваш дека тоа се случило во еден извештај од Библијата (4. Мојсеева 22:20-31).
Магарињата заслужуваат да се постапува со нив со внимание. Жалосно е кога товарот не е добро прицврстен и се ниша, предизвикувајќи магарето да падне во некој ендек и да си ги скрши нозете. Рани, различни паразити, воспаление на стапалата, пнеумонија и други проблеми можат да ги ослабнат овие трудољубиви товарни животни. Со оглед на тоа, во Дебре Зејт, недалеку од Адис Абеба, основана е современа клиника за магариња. Опремена е со компјутери, простории за лекување, возила за амбулантно лекување, па дури и убава операциона сала за хирургија на магариња. Така, во 2002 година, околу 40.000 магариња добија разни облици на медицинска нега.
Патријархот Авраам поминал еден планински предел на своето магаре кога патувал за Планината Морија (1. Мојсеева 22:3). Низ долгата историја на израелскиот народ, магарето било дел од секојдневниот живот. Дури и кога Исус победоносно влегол во Ерусалим, бил качен на магаре (Матеј 21:1-9).
Магарето и во Етиопија има долга историја. Сепак, овде не го изгубило своето значење во животот на луѓето. Иако моделите на камионите и автомобилите низ годините се промениле, магарето сѐ уште го има истиот модел. И секако дека заслужува да биде почитувано!
[Извор на слика на страница 26]
‚Светилиштето на магарињата‘, Сидмаут, Девон (Обединето Кралство)