Каде одат црквите?
ШТО се случува со „христијанските“ цркви? Дали имаат сѐ поголемо или сѐ помало влијание таму каде што живееш ти? Можеби одвреме-навреме слушаш дека интересот за религијата се обновува и дека црквите повторно се полнат. Извештаите за масовното враќање на верниците во црквите обично пристигнуваат од Африка, Источна Европа и од Соединетите Американски Држави. Но, според новинските извештаи во други делови од светот, особено во Западна Европа, црквите се затвораат, посетеноста опаѓа и, општо земено, интересот за религијата спласнува.
Соочени со сѐ помалата посетеност, многу цркви го менуваат стилот. Некои почнуваат да се изјаснуваат како „цркви што не им судат на своите верници“, оставајќи на тој начин впечаток дека Бог прифаќа секакво однесување. Наместо поуки од Божјата реч, тие сѐ почесто нудат забава, возбуда и световни задоволства. Иако некои верници сметаат дека ваквите промени се потребни за црквата да може да се вклопи во современиот свет, голем број искрени луѓе се прашуваат дали можеби црквите не се оддалечиле од налогот што им го дал Исус. Да видиме какви трендови следеле тие во последниве децении.