ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 2/07 стр. 4-7
  • Што се случува со црквите?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што се случува со црквите?
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Европа им свртува грб на црквите
  • Рекламирање на религијата во Северна Америка
  • Дали религијата е корисна?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Јужноамериканската црква во очај — зошто милиони ја напуштаат?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Зошто луѓето ги напуштаат традиционалните религии?
    Разбудете се! 2002
  • Каде одат црквите?
    Разбудете се! 2007
Повеќе
Разбудете се! 2007
g 2/07 стр. 4-7

Што се случува со црквите?

ЖИТЕЛИТЕ на Латинска Америка — од Мексико на север до Чиле на југ — имаат многу сличности во културата. Постарите луѓе од тие земји сѐ уште се сеќаваат на времето кога таму, всушност, имаше само една религија — римокатолицизмот. Во 16-тиот век, оваа религија ја наметнале шпанските конквистадори со примена на сила. Бразил бил колонија на римокатоличката Португалија. Цели четиристотини години Католичката црква ја поддржувала владејачката класа, а за возврат, од неа добивала економска поддршка и била призната за државна религија.

Но, во 1960-тите, некои католички свештеници увидоа дека, со тоа што ја поддржуваат владејачката класа, ја губат поддршката од народот. Затоа почнаа да се залагаат за сиромашните, особено застапувајќи ја таканаречената теологија на ослободувањето. Ова движење започна во Јужна Америка во знак на протест против сиромаштијата во која се најдоа толку многу католици.

И покрај тоа што свештенството имаше активен удел во народните политички движења, милиони лица ѝ го свртеа грбот на католичката вера и почнаа да одат во други цркви. Пораснаа и се намножија религиите во кои целата богослужба е проследена со плескање раце и занесено пеење на верски химни, како и црквите во кои богослужбите личат на рок-концерти. „Евангелистичкото движење во Јужна Америка е поделено на безброј самостојни цркви“, вели Данкан Грин во својата книга Различните лица на Јужна Америка (Faces of Latin America). „Честопати секоја од нив е под контрола и влијание на само еден пастор. Кога бројот на верници во една црква ќе порасне, таа обично ќе се расцепка на неколку други.“

Европа им свртува грб на црквите

Повеќе од 1.600 години, со поголемиот дел од Европа управувале влади кои тврделе дека се христијански. Дали религијата во Европа цветаи сега, во почетокот на 21-от век? Во 2002 год., во својата книга Бог е мртов — секуларизација на Западот (God is Dead—Secularization in the West), социологот Стив Брус, во врска со Британија, го напиша следново: „Во деветнаесеттиот век, скоро сите бракови биле склучувани в црква“. Но, во 1971 год., ова беше случај со само 60 отсто од браковите, а во 2000 год. тој процент падна на 31.

Во врска со ваквиот тренд, дописникот за религиозни теми на лондонскиот весник Daily Telegraph напиша: „Сите главни вероисповеди, од црквата на Англија до Римокатоличката црква, и од Методистичката до Обединетите реформирани цркви, веќе долго време пропаѓаат“. Во врска со еден извештај, тој рече: „До 2040 год., црквите во Британија ќе бидат во изумирање, а само два отсто од населението ќе одат на богослужба во недела“. Слични изјави беа дадени и за религијата во Холандија.

„Во последниве неколку децении, нашава земја несомнено стануваше сѐ понерелигиозна“, стои во извештајот на Холандската служба за општествено и културно планирање. „Се очекува дека, до 2020 год., 72 отсто од населението ќе немаат никаква верска определба.“ Во еден германски весник се вели: „Сѐ повеќе Германци се оддаваат на магијата и на окултното за да ја добијат утехата која порано ја наоѓаа во црквата, во работата или во семејството... Црквите низ целата земја се затвораат затоа што нема доволно верници“.

И оние што сѐ уште одат в црква во Европа, обично не одат таму за да дознаат што очекува Бог од нив. Во еден извештај од Италија стои следново: „Италијанците си ја кројат религијата како што им одговара“. Еден социолог од оваа земја вели: „Го прифаќаме од папата само она што ни чини“. Истото може да се каже и за католиците во Шпанија, каде религиозноста ја замениле материјализмот и потрагата по економски рај — и тоа сега и овде.

Овие трендови се во остра спротивност со христијанството за кое поучувале и според кое живееле Христос и неговите следбеници. Исус не понудил религија од типот „шведска маса“ или „кафетерија“, каде што самиот го избираш она што ти се допаѓа, а го одбиваш она што не ти се допаѓа. Тој рекол: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе и секој ден нека го зема својот маченички столб и нека појде по мене!“ Исус поучувал дека, за да се живее како христијанин, потребни се лични жртви и труд (Лука 9:23).

Рекламирање на религијата во Северна Америка

За разлика од Канада — каде што, според набљудувачите, луѓето обично се скептични во врска со религијата — жителите на Соединетите Држави обично ја сфаќаат својата религија сериозно. Според некои од поголемите институти што спроведуваат анкети, најмалку 40 отсто од испитаниците изјавиле дека одат во црква секоја седмица, иако пребројувањето на верниците на самите богослужби покажува дека вистинската цифра е некаде околу 20 отсто. Над 60 отсто велат дека ја сметаат Библијата за Божја реч. Но, нивната воодушевеност од некоја црква обично е краткотрајна. Многумина од оние што одат в црква во Соединетите Држави лесно преминуваат од една религија во друга. Ако свештеникот ја изгуби својата популарност или харизматичност, наскоро може да ги изгуби и верниците — а заедно со нив и прилично големиот приход!

Некои цркви ги проучуваат методите што се користат во деловниот свет за да научат како подобро да ги „рекламираат“ своите богослужби. Верниците плаќаат илјадници долари за да се најмат фирми чија главна дејност е да им даваат совети на црквите. „Ова беше одлична инвестиција“, изјавил еден задоволен пастор, како што стои во еден извештај за овие фирми. Црквите што се посетени од огромен број верници, чиј број може да достигне и неколку илјади, толку добро стојат финансиски што го привлекуваат вниманието на списанија наменети за деловни луѓе, како што се The Wall Street Journal и The Economist. Во едно од нив стоеше дека она што овие цркви обично го нудат е „место каде што човек може да си ги задоволи и телесните и духовните потреби“. На црковниот имот може да има ресторани, кафулиња, салони за разубавување, сауни и спортски објекти. Посетителите можат да одат на театар, да слушаат современа музика, а понекогаш имаат чест и да се запознаат со некоја славна личност. Но, за што поучуваат свештениците?

Не изненадува тоа што омилена тема им е „евангелието за економска благосостојба“. На верниците им се кажува дека ќе бидат богати и здрави ако дарежливо ѝ даваат на својата црква. Што се однесува до моралот, Бог честопати е опишан како толерантна личност. Еден социолог вели: „Целта на американските цркви е да ги опуштат луѓето, а не да им судат“. Популарните религии главно нудат совети за самопомош, односно им кажуваат на верниците што можат да направат самите за да успеат во животот. Сѐ повеќе луѓе се чувствуваат пријатно во цркви што не се конкретно определени и каде што скоро воопшто и не се спомнуваат учењата кои се сметаат за раздорни. Но, политика се спомнува, и тоа честопати јасно и конкретно. Недамнешните примери на мешање на некои цркви во политиката им донесоа срам на некои свештеници.

Дали ова значи религиозно будење за Северна Америка? Во 2005 год., списанието Newsweek извести дека стануваат сѐ попопуларни „богослужби на кои има викање, паѓање во несвест и тропање со нозе“, како и некои други верски ритуали, но потоа истакна: „Што и да се случува овде, сигурно не значи масовен прилив на верници во црквите“. Во анкетите со кои се утврдува верската определба на луѓето, најбројна станува групата што одговара со „немам“. Бројот на членови во некои цркви расте само затоа што во други опаѓа. Луѓето масовно ги напуштаат традиционалните религии со сите нивни церемонии, музика на оргули и свештеници облечени во одежди.

Во овој краток осврт, видовме дека црквите се цепкаат во Јужна Америка, ги губат своите верници во Европа, и од петни жили се трудат да ги задржат нудејќи им забава и задоволства во Соединетите Држави. Се разбира, има многу исклучоци од овие општи трендови но, гледано во целина, црквите се мачат да останат омилени кај луѓето. Дали ова значи дека христијанството полека пропаѓа?

[Рамка/слика на страница 6]

„РЕЛИГИЈАТА КАКО СУПЕРМАРКЕТ“

Директорот на француската Национална служба за избор на верска професија во Католичката црква ја дал следнава изјава (цитат): „Сведоци сме дека религијата станала како супермаркет. Луѓето ги користат услугите на црквата, а кога повеќе не се согласуваат со неа, си наоѓаат некоја друга“. Во едно истражување на религијата во Европа, професорката Грејс Дејви од Универзитетот Ексетер во Британија, рекла: „Луѓето имаат голем избор, па затоа си земаат од секаде по нешто. Од религијата, како и од многу други работи, луѓето слободно си избираат што сакаат — во склад со својот начин на живот и со своите желби“.

[Слика на страници 4 и 5]

Графити на влезот на една црква во Неапол (Италија)

[Извор на слика]

©Doug Scott/age fotostock

[Слика на страници 4 и 5]

Во Мексико, мнозина ја напуштаат католичката вера

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели