Зошто луѓето ги напуштаат традиционалните религии?
РЕЛИГИИТЕ ШТО ТВРДАТ дека ги засноваат своите учења на учењата на Исус Христос имаат околу 1,7 милијарди приврзаници. Христијанството се смета за најголема религија во светот, која ја надминува бројката дури и на толку популарни религии како што се будизмот, хиндуизмот и исламот. Меѓутоа, извештаите покажуваат дека во многу земји што изјавуваат дека се христијански, христијанството ја губи својата контрола врз масите.
Луѓе од сите општествени заднини ги напуштаат своите цркви. Роналд Ф. Ингелхарт, истражувач на Универзитетот во Мичиген и директор на Истражувањето на светските вредности, рекол дека религијата игра сѐ помала улога во развиените земји. Списанието Bible Review го цитира: „Не само што драстично се намали седмичната присутност во црквите туку латиноамериканските земји сега испраќаат мисионери за да ги спасат душите на своите поранешни колонизатори“. Тој тврди дека „колапсот на религијата“ е особено впечатлив во некои земји на северна Европа. Во Норвешка и во Данска, само 5 проценти од населението редовно одат в црква. Во Шведска оваа цифра изнесува само 4 проценти, а во Русија 2 процента.
Извештаите од Германија покажуваат дека помеѓу 1984 и 1993 година, бројот на лицата што редовно оделе в црква меѓу официјалните католици се намалил од 25,3 на 19 проценти. До 1992, само 4 проценти од протестантите редовно присуствувале на неделните служби. Во 1999, Christianity Today известил: „Само еден од секои десет Германци оди в црква секоја седмица“.
Во врска со намалувањето на бројот на верниците во Британија, весникот The Guardian вели: „Христијанството никогаш не изгледало полошо“. Статијата наведува дека „за свештеникот и презвитерот, периодот од 1950—2000 беше најлошото половина столетие“. Осврнувајќи се на еден специјален извештај за религијата во Обединетото Кралство, тој весник покажува дека не само младите луѓе туку и постарите губат вера во институционалната религија. Тоа вели: „Како што стареат, постарите луѓе губат вера во Бог. Новото истражување што го потврдува овој тренд ќе ги шокира британските цркви погодени од криза, кои сѐ досега ги сметаа старите луѓе за траен столб на своите собранија што сѐ повеќе се намалуваат“.
Слични трендови има и надвор од Европа. На пример, канадското списание Alberta Report вели дека Канада доживува „колапс на институционалното верување и обожавање“ и дека „трипати повеќе Канаѓани претпочитаат свои сопствени замисли за Бог отколку да се подложат на некое јасно верување“.
Многу луѓе едноставно не се чувствуваат духовно збогатени или просветлени кога присуствуваат на црковните служби. Според канадското списание Maclean’s, и Евреите и католиците што биле интервјуирани на хималајскиот ашрам, односно хиндуско религиозно засолниште, го изнеле мислењето: „Повеќе не бевме подбудени и трогнати од крутите ритуали“. Всушност, дури и по многу години на верно присуство во црквите, некои се прашуваат: ‚Што научив в црква? Дали како резултат на тоа станав поблизок со Бог?‘ Не е чудно што, како што рекол авторот Грег Естербрук, „на Западот, духовната сиромаштија ја заменила материјалната сиромаштија како главна беда на нашава ера“.
Се разбира, има многу земји во кои бројките на присутноста во црквите се повисоки. Меѓутоа, присуството во црквите не значи секогаш и лојално придржување за црковните учења. На пример, австралискиот весник The Age наведува дека на Запад, „бројот на христијани што ја практикуваат својата религија рапидно се намалува. Во голем дел од Африка, Азија и Латинска Америка, христијанството е превез зад кој многу луѓе продолжуваат да прифаќаат поегзотични племенски или култски верувања што немаат ништо заедничко со ортодоксните христијански учења, кои честопати се спротивни на нив и кои беа официјално отфрлени пред многу години“.
Зошто толку многу луѓе, и млади и стари, ги напуштаат своите цркви? Изгледа дека силен фактор е разочарувањето.
Бедното досие на религијата
The Guardian ја дава следнава забелешка: „Римокатоличката црква има бедно досие на тајни договори со фашизмот во текот на 20 век, од честитките што му ги упати на генерал Франко по шпанската граѓанска војна па сѐ до нејзините неодамнешни напори во корист на генерал Пиноче“. Guardian исто така забележа дека папата Пие XII, кој бил папа за време на војната, бил многу среќен што се спогодил со [Хитлер] и ги избегнал потенцијалните непријатности како, на пример, да го осуди холокаустот“.
The Age наведува: „Тврдењата на христијанството звучеа празно во премногу прилики. Христијаните не успеаја да го зачуваат својот внатрешен мир и единство . . . Сведоштво за тоа се многуте пљачкашки и освојувачки војни што се водеа под изговор дека целта им е да се придобијат Христови преобратеници. Верата, надежта и љубовта можеби се најважни христијански доблести, но оние за кои се вели дека се стремат по овие доблести можат да бидат подеднакво цинични, подеднакво склони на малодушност како и нехристијаните, и убедливо не подобротворни . . . Од една христијанска земја потекнува холокаустот а од друга започнаа стравотиите на атомската војна со Јапонија“.
Некои можеби ќе аргументираат дека христијанството долго време унапредува доблести како што се разумноста, цврстината, умереноста и правдата. Меѓутоа, The Age коментира: „Па, како правило, христијаните во Европа, Северна Америка и Австралија трошат многу повеќе од својот дел од природните богатства на Земјата и не престанаа да ја толерираат експлоатацијата, угнетувањето и деградацијата на животната средина на послабите соседи за да ги задоволат своите апетити“.
Што се однесува до иднината на христијанството, The Age продолжува: „Без некој здрав институционален облик, христијанството не може никогаш да се надева дека повторно ќе си ја врати општествената моќ што ја имало во изминатите векови. Тоа може да биде добро или лошо, во зависност од нечие гледиште. Но, таква е реалноста со која се соочува христијанството во годините што доаѓаат“.
Како резултат на таквиот распад во светот на организираната религија, многу луѓе се одвратуваат од установените цркви. Но, дали алтернативата што ја наоѓаат навистина ги задоволува нивните потреби? Дали таа е одговорот?
[Слики на страница 7]
Многу луѓе се одвратиле од традиционалните религии поради нивната улога во поддржувањето на војните и угнетувачките политички режими
[Слика на страница 7]
Раскошните церемонии оставаат мнозина со чувство на духовна празнина
[Извор на слика]
фотографија: age fotostock