Можат ли црквите да бидат спасени?
„ЛУЃЕТО во Британија сѐ уште веруваат во Бог, но не сакаат да му се предадат на Христос“, вели Стивен Тирвомве, угандски свештеник. Пред 20-ина години, тој ги преживеал жестоките чистки во неговата црква во Уганда. Денес тој проповеда во клубови за мажи во Лидс (Англија) и го одржува својот десетминутен говор пред бингото да им го одвлече вниманието на неговите слушатели.
Од другата страна на Атлантикот, неодамна организираната Англиканска мисија во Америка се бори со слична духовна криза. „Соединетите Држави сега се дом на најголем број луѓе од англиско говорно подрачје во светот што не припаѓаат на ниедна црква и што се рамнодушни во врска со сите духовни работи“ се вели на официјалната Веб-страница на оваа мисија. „Стануваме подрачје за мисионери.“ Незадоволна од неуспешните напори да ја промени црквата однатре, новата мисија ја прекина традицијата и се здружи со азиски и африкански водачи за да започнат со „опсежна мисионерска активност во Соединетите Држави“.
Меѓутоа, зошто африканските, азиските и латиноамериканските мисионери ,спасуваат души‘ во европски и северноамерикански земји кои наводно се христијански?
Кој кого спасува?
Повеќе од четиристотини години, еден постојан прилив од ревносни европски мисионери доаѓале во сѐ поголемиот број колонии во Азија, Африка, Јужна Америка и во Пацификот. Нивната цел била да им ја пренесат својата религија на таканаречените пагани во тие земји. Со текот на времето, мисионери од американските колонии, кои наводно се основани врз христијански начела, им се придружиле, а на крајот и ги надминале своите европски колеги во воспоставувањето свои евангелски мисии низ светот. Денес работите тргнале во обратен правец.
„Центарот [на номиналното христијанство] се сменил“, вели Ендрју Волс, основоположник на Центарот за проучување на христијанството во незападниот свет. Во 1900, 80 проценти од оние што се изјаснувале како христијани биле или од Европа или од Северна Америка. Меѓутоа, денес 60 проценти од сите што се изјаснуваат како христијани живеат во Азија, Африка или во Латинска Америка. Во еден неодамнешен извештај за печатот се вели: „Католичките цркви во Европа сметаат на свештеници од Филипините и од Индија“, а „секој шести свештеник што служи во Американските католички парохии сега доаѓа од странство“. Африканските евангелисти во Холандија, по потекло претежно од Гана, гледаат на себе како на „мисионерска црква на еден световен континент“. А евангелистите од Бразил сега водат кампањи во различни делови на Британија. Еден писател забележува: „Сообраќајот со христијанските мисионери тргнал во рикверц“.
Бура на повидок
Многу е веројатно дека на сѐ посекуларизираниот европски и северно-американски континент се потребни мисионери. „Во Шкотска, помалку од 10 проценти од христијаните редовно одат во црква“, забележува едно списание. Во Германија и во Франција одат уште помалку. Во анкетите, „околу 40 проценти од Американците и 20 проценти од Канаѓаните велат дека редовно одат во црква“, забележува еден друг извештај за печатот. Спротивно на тоа, се вели дека присуството во црквите на Филипините е речиси 70 проценти, а слично е и во другите земји во развој.
Уште позначајно е тоа што оние што одат во црква на јужната хемисфера имаат склоност да бидат потрадиционални во однос на оние во северната хемисфера. На пример, кога се анкетираат католици во Соединетите Држави и во Европа, тие честопати изразуваат сѐ поголема недоверба во авторитетот на свештенството и дебатираат за поголемо учество на лаиците и за еднаквост на жените. Од друга страна, пак, католиците во јужната хемисфера во голема мера го прифаќаат традиционалниот став на црквата по овие прашања. Бидејќи трендот за поддршка на црквата продолжува да се поместува кон југ, веќе се поставува темел за судир во иднина. Филип Џенкинс, научник од областа на историјата и религијата, предвидува: „Најверојатно, за деценија или две ниедна компонента од глобалното христијанство нема да го признае својот еквивалент како автентично христијански“.
Со оглед на овие трендови, Волс вели дека едно важно прашање е: „Како можат христијаните од Азија, Африка, Европа, Латинска Америка и Северна Америка да опстојуваат заедно во истата црква, автентично изразувајќи ја истата вера?“ Што мислиш ти? Можат ли црквите да опстанат во еден разединет свет? Кој е темелот за вистинско христијанско единство? Следната статија ќе изнесе библиски одговори и јасни докази дека во светот веќе цвета една обединета христијанска заедница.
[Слика на страница 4]
Оваа поранешна црква сега е музичко кафе
[Извор на слика]
AP Photo/Nancy Palmieri