ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w92 1/9 стр. 5-9
  • Жетвата на христијанството во Африка

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Жетвата на христијанството во Африка
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Сеење семе на раздор
  • Христијани или европски расисти?
  • Владееле како господари во Африка
  • Светските војни
  • Африкански прадедовски верувања
  • Што посеало христијанството во Африка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Сида во Африка — до кој степен е одговорен христијанскиот свет?
    Разбудете се! 1996
  • Полновремените слуги предводат во делото на проповедање
    Јеховините сведоци обединето ја извршуваат Божјата волја ширум светот
  • Христијанството и трговијата со робови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
w92 1/9 стр. 5-9

Жетвата на христијанството во Африка

СОНОТ НА Шарл Лавижри за покрстување на Алжир во „христијанска нација“, се покажал дека е токму тоа — сон. Денес, 99 отсто од алжирското население се муслимани, а христијанството ослабнало во поголемиот дел од Северна Африка. Но, што е со остатокот од континентот?

„Христијанството“, тврди д-р Џ. Х. Кејн во делото Концизна историја на христијанската светска мисија (A Concise History of the Christian World Mission), направило повеќе покрстеници во Црна Африка отколку во сиот останат Трет свет заедно.“ Меѓутоа, дали тие покрстеници навистина се христијани? „Голема опасност во Африканската црква“, признава д-р Кејн, „е христопаганизмот.“ Исто така погрешен е и неговиот израз „Африканска црква“. Постојат буквално илјадници африкански цркви, секоја со свој сопствен начин на обожавање. Зошто?

Сеење семе на раздор

Семето на раздорот било посеано уште пред мисионерите да ги спакуваат куферите за Африка. Лондонското мисионерско друштво добивало членови од различни цркви и на патот кон нивните доделени подрачја помеѓу мисионерите се воделе жестоки дебати за науките. Конфликтите сигурно се влошувале откако ќе се населеле во своите мисионерски одредишта.

Во својата книга Христијански мисионери и создавањето на Северна Родезија 1880-1924 (Christian Missionaries and the Creation of Northern Rhodesia 1880-1924), професор Роберт Ротберг пишува: „Мисионерите водеа огорчена борба едни против други, како и против своите странски директори, обично на штета на нивните евангелистички цели. . . . Се чинеше дека мисионерите трошат многу повеќе време и енергија за своите кавги да ги стават на хартија, отколку што трошеа на правењето покрстеници“.

Понекогаш мисионерските кавги завршувале со формирање на сопернички мисии. Католичките и протестантските мисии бесно се натпреварувале за покрстеници. Истиот тој недостиг на единство морал да се одрази и меѓу нивните покрстеници. Со текот на времето, милиони Африканци ги напуштиле мисионерските цркви и формирале свои сопствени цркви.

„Африканските независни цркви“, пишува мисионерскиот историчар д-р Кејн, „ги има по цела Африка . . . Сѐ на сѐ во ова движење има околу седум илјади одделни групи.“ Натпреварувањето помеѓу мисионерите со противречни верувања не било единствената причина за тоа. Во својата книга The Missionaries, Џефри Мурхаус објаснува дека друга причина за „црната реформација“ била „огорченоста против белата надмоќност“.

Христијани или европски расисти?

„Мисионерите имаа комплекс на виша вредност“, изјавува д-р Кејн. Тие „веруваа дека христијанската религија мора да оди со европската култура и европското водство“, вели Адријан Хејстингс во својата книга African Christianity.

Французинот Шарл Лавижри бил мисионерски водач кој го имал истото гледиште. Таков бил и Џон Филип, управник на мисиите на Лондонското мисионерско друштво во јужна Африка. „Нашите мисионери“, се фалел тој во 1828, „ги . . . шират британските интереси, британското влијание и британската империја. Секаде кадешто ќе почнат да бараат покрстеници помеѓу дивјачките племиња, предрасудите на племињата против колонијалната власт исчезнуваат; нивната зависност од колонијата е зголемена со создавањето на вештачки потреби; . . . индустријата, трговијата и земјоделството цветаат; и секој искрен покрстеник . . . станува вистински сојузник и пријател на колонијалната власт.“

Дали е воопшто чудно што европските влади ги сметале таквите мисионери за корисни застапници на колонијалната експанзија? Што се однесува до мисионерите, тие го поздравиле колонијалното освојување на Африка. Како што изјавиле на Светската мисионерска конференција во Единбург во 1910: „Би било . . . невозможно секогаш да се повлече линија на разграничување помеѓу целта на мисионерите и целта на Владата“.

Владееле како господари во Африка

Во одбрана на својата власт, некои мисионери се потпирале на колонијалната воена моќ. Британските поморски топовници понекогаш ги разурнувале крајбрежните градови затоа што селаните одбивале да прифатат мисионерска управа. Во 1898, Денис Кемп, веслијански мисионер во Западна Африка, ја изразил својата „цврста убеденост дека денес Бог ги употребува Британската армија и морнарицата за да ја изврши Својата намера“.

Откако ќе се населеле, мисионерите понекогаш ја преземале световната власт како племенски поглавари. „Лондонските мисионери“, пишува професор Роберт Ротберг, „честопати употребувале сила за да го одржат својот теократски закон. Омилен инструмент со кој го манифестирале своето неодобрување бил сикоти, долг камшик направен од сушена кожа од нилски коњ. Со него Африканците биле камшикувани без милост за скоро секој изговор.“ „Еден африкански покрстеник“, забележува Дејвид Лемб во својата книга The Africans, „се сеќава на еден англикански мисионер во Уганда, познат како Бвана Ботри [на свахили: Газда Ботри], кој често слегувал од својата свештеничка проповедалница за време на богослужението за да ги натепа со стап Африканците кои доцнеле.“

Потресен од ваквите постапки, еден мисионер, Џејмс Мекеј, поднел жалба кај директорите на Лондонското мисионерско друштво. „Наместо да нѐ сметаат за белци кои со себе ја носат добрата вест за Божјата љубов“, предупредил тој, „луѓето нѐ познаваат и се плашат од нас“.

Светските војни

„Веќе со векови“, наведува книгата The Missionaries, „на [Африканците] упорно и жестоко им се говореше дека борбата и сите дивјачки инстинкти коишто тоа ги пројавува, се и бесплодни и зли“. Но, во 1914, избувна I Светска војна помеѓу т. н. христијански нации на Европа.

„Мисионерите од скоро секоја националност беа вовлечени во Големата војна“, објаснува Мурхаус. На нивни срам, мисионерите ги поттикнувале своите Африкански покрстеници да се определат за некоја страна. Некои мисионери дури ги воделе африканските трупи во битка. Последиците од војната добро ги изразил професор Стивен Нил во својата Историја на христијанските мисии (History of Christian Missions): „Европските нации со своите гласни тврдења за монопол на христијанството и цивилизацијата, слепо и збркано се втурнаа во граѓанска војна која мораше да ги остави економски осиромашени и без трошка честитост“. „Втората светска војна“, продолжува Нил, „само го доврши она што првата веќе го беше започнала. Моралните барања на Западот се покажаа лажни; ‚христијанството‘ беше разобличено дека не е ништо друго освен мит. Повеќе не беше можно да се зборува за ‚христијански Запад‘“.

Се разбира, по I Светска војна црната реформација забрза. Но, што е со Африканците кои се држеа за црквите на христијанството? Дали после тоа беа поучени за вистината од Библијата?

Африкански прадедовски верувања

Мисионерите на христијанството ги осудиле африканските религиозни обичаи, како што е прашувањето на вражалци, за да ги смират умрените претци. Во исто време, тие упорно тврделе дека сите луѓе поседуваат бесмртна душа. Исто така го унапредувале и обожавањето на Марија и „светците“. Овие учења го зацврстиле африканското верување дека нивните умрени претци се живи. Исто така, со обожавањето на религиозни ликови, како на пример крстот, мисионерите ја оправдале употребата на амајлии во Африка како средство за заштита од зли духови.

Професор К. Г. Баета во својата книга Христијанство во тропска Африка (Christianity in Tropical Africa), објаснува: „Можно е некој Африканец одушевено да отпее во црквата: ‚Друго прибежиште [освен Бог] немам јас‘, а сѐ уште некаде на себе да носи амајлија, или од црквата да отиде право кај својот вражалец, без да мисли дека изневерува некакво начело“. (Спореди 5. Мојсеева 18:10-12 и 1. Јованово 5:21.)

Многу мисионери им рекле на Африканците дека нивните пагански прадедовци се измачувани во огнен пекол и дека истата судбина ќе ги снајде и нив ако одбијат да ги прифатат мисионерските учења. Но, доктрината за вечно мачење е спротивна на јасните изјави во самата Библија, за која мисионерите толку многу се труделе да ја преведат на африкански јазици (1. Мојсеева 3:19; Јеремија 19:5; Римјаните 6:23).

Всушност, Библијата наведува дека грешната човечка душа умира и дека „мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4). Што се однесува до Африканците кои немале прилика да ја чујат библиската вистина, тие го имаат изгледот да бидат вклучени во идното „воскресение . . . на праведните и на неправедните“ (Дела на св. апостоли 24:15). Таквите воскреснати ќе бидат поучени за Божјата подготовка за спасение. Потоа, ако на Божјата љубов одговорат со ценење, ќе бидат наградени со вечен живот на рајската Земја (Псалми 37[36]:29; Лука 23:43, New World Translation of the Holy Scriptures; Јован 3:16).

Наместо да ги учат овие прекрасни библиски вистини, христијанството ги завело Африканците со лажни науки и религиозно лицемерие. Секако, улогата што ја имале мисионерите на христијанството во колонијалното освојување на Африка, не наоѓа поткрепа во Библијата. Напротив, Исус рекол дека неговото Царство „не е дел од овој свет“ и дека неговите вистински следбеници исто така нема да бидат „дел од овој свет“ (Јован 15:19; 18:36, обата NW). Раните христијани биле пратеници на Исус Христос, а не на световни влади (2. Коринтјаните 5:20).

Затоа, жетвата на христијанството во Африка во целина е несреќна жетва која се одликува со раздор, недоверба и „христопаганизам“. Насилството кое обележало многу „христијански“ делови на Африка, сигурно не е во склад со учењата на ‚Кнезот на мирот‘ (Исаија 9:6). Плодот на делото на христијанството во Африка е во директна спротивност со Исусовите зборови за неговите вистински следбеници. Во молитва до својот небесен Татко, Исус барал тие „да бидат совршени во едно, за светот да има спознание дека ти ме испрати“ (Јован 17:20, 23, NW; 1. Коринтјаните 1:10).

Дали ова значи дека сето мисионерско дело во Африка било промашување? Никако. Извонредниот плод на вистинското христијанско мисионерско дело во Африка и ширум светот ќе биде разгледан во статиите што почнуваат на страница 10.

[Слика на страница 6]

Мисионерските водачи од минатиот век, како Џон Филип, верувале дека европската цивилизација и христијанството се едно исто

[Извор на слика]

Cape Archives M450

[Слика на страница 7]

Мисионерите на христијанството ги поддржувале африканските прадедовски верувања преку ширење на небиблиски учења како што е бесмртноста на душата

[Извор на слика]

Со љуб. дозв. од Africana Museum, Јоханесбург

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели