Христијанството и трговијата со робови
Во текот на 19. век, католичките и протестантските мисионери биле обединети во својот отпор спрема трговијата со робови. Меѓутоа, нивниот став не бил отсекогаш таков. Во претходните векови тие одобрувале и учествувале во трговијата со робови и покрај грозните страдања што таа ги создавала.
Кога во 15. век биле откриени поморските трговски патишта околу ’ртот Добра надеж, на источниот како и на западниот африкански брег почнале да доаѓаат мисионерите. Но, по три века, мисионерското дело во Африка скоро замрело. Имало малцина покрстеници. Една причина за тој неуспех била вмешаноста на христијанството во трговијата со робови. Во својата книга Расадувањето на христијанството во Африка (The Planting of Christianity in Africa), К. П. Гроувз објаснува:
„Христијанската мисија беше придружувана со активното залагање за трговијата со робови и немаше зли намери. Всушност, самата мисија поседуваше свои сопствени робови; еден језуитски манастир кај Лоанда [сега Луанда, главен град на Ангола] имаше 12.000. Кога помеѓу Ангола и Бразил се разви трговијата со робови, бискупот од Лоанда, седнат на камена столица на брегот, делеше свој епископски благослов на трговските бродови што заминуваа, ветувајќи им идно блаженство штом бурните животни искушенија ќе им завршат“.
Језуитските мисионери не подигнале „приговор против ропството со црнци“, тврди К. Р. Боксер, како што е наведено во книгата Африка од раното доба до 1800 (Africa From Early Times to 1800). Во Луанда, пред робовите да бидат натоварени на бродовите на пат за шпанските и португалските колонии, додава Боксер, „биле носени во една блиска црква . . . и таму ги крштавал жупниот свештеник во толпи, по стотици наеднаш“. Потоа, откако биле попрскувани со „света водичка“, на робовите им велеле: „Гледајте, веќе сте крстени како Божји деца; одите во земјата на Шпанците кадешто ќе научите работи за Верата. Не мислете повеќе на тоа откаде сте дошле . . . Одете со добра волја“.
Се разбира, мисионерите на христијанството не биле единствените кои ја одобрувале трговијата со робови. „Сѐ до втората половина на осумнаесеттиот век“, објаснува Џефри Мурхаус во својата книга The Missionaries, „таков бил ставот на повеќето луѓе“. Мурхаус го цитира примерот на еден протестантски мисионер од 18. век, Томас Томпсон, кој напишал трактат под наслов Африканската трговија со црнечки робови се покажа доследна на принципите на хуманоста и на законите на откриената религија (The African Trade for Negro Slaves Shown to Be Consistent With the Principles of Humanity and With the Laws of Revealed Religion).
Сепак, со своето учество, христијанството ја дели одговорноста за ужасните страдања што им биле нанесени на милиони африкански робови. „Не сметајќи ги робовите кои умреле пред да отпловат од Африка“, изјавува The Encyclopædia Britannica, „12и пол отсто биле изгубени за време на патувањето до Западна Индија; во Јамајка умреле 4и пол отсто во пристаништата или пред да бидат продадени, и уште една третина во текот на ‚обуката‘“.
Наскоро Јехова Бог ќе ги повика на одговорност и христијанството и останатите облици на лажната религија заради сите ужасни дела на крвопролевање што ги простувале и дури благословувале (Откровение 18:8, 24).
[Графикон на страница 8]
(Види во публикацијата)
Шематски приказ на начинот на кој робовите биле натоварувани на брод за робови
[Извор на слика]
Schomburg Center for Research in Black Culture / The New York Public Library / Astor, Lenox and Tilden Foundations