Религиозна дилема во колонијален Бразил
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
НА 30 ноември 1996, претставници на Конференцијата за мисии и евангелизам во светот, организирана од Светскиот црковен концил, се собраа на едно пристаниште во Салвадор (Бразил). Локацијата беше значајна. Во изминатите векови, токму на ова пристаниште, милиони Африканци биле продадени како робови. „Морето ги собираше нивните солзи“, забележал еден свештеник, осврнувајќи се на кобното патување на робовите. Токму на овој посебен ден на сеќавање беше изразено каење за она што еден говорник го нарече скандалозен удел што го имало христијанството во ропството. Како била вмешана религијата во трговијата со робови во колонијален Бразил?
„Спасување на изгубени души“
Во 1441 — речиси 60 години пред официјалното откривање на Бразил — португалскиот морепловец Антау Гонсалвис го запленил и го транспортирал во Португалија првиот брод со африкански домородци. Малкумина во средновековното општество се прашувале колку е морално да се земаат во ропство воени затвореници, особено оние што црквата ги нарекувала „неверници“. Меѓутоа, во текот на следните две децении било потребно да се најде оправдување за профитната мирнодопска трговија со робови. Некои тврделе дека, со тоа што ќе земаат Африканци како робови, тие ќе ‚спасат изгубени души‘ затоа што ги спасуваат таквите туѓинци од нивниот пагански начин на живот.
Со папската була Романус Понтифекс, што ја издал папата Никола V на 8 јануари 1455, била дадена формална поддршка на веќе напредната трговија со робови. Со тоа, црквата не послужила како заштита против ропството. Напротив, некои од нејзините свештеници биле нејзини „тврдоглави застапници“, забележува бразилскиот историчар Жуао Дорнас Филју. Така била поставена сцената за проширување на ропството и во Бразил кога таму се населиле португалските колонисти.
„Единствено решение“
Во 1549, новодојдените језуитски мисионери биле шокирани кога откриле дека голем дел од работната сила во Бразил се состои од илегално запленети робови. Земјопоседниците едноставно ги собрале за да им работат на фармите и на шеќерните плантажи. „Повеќето луѓе ги мачи совеста поради робовите што ги поседуваат“, напишал језуитскиот генерал на редот Мануел де Нубрега во 1550. Сепак, земјопоседниците ја задржале својата ропска работна сила, дури и ако тоа значело дека нема да добијат простување од црквата.
Но, наскоро језуитите во Бразил се соочиле со една дилема. Поради ограничените финансиски средства им било тешко да ги извршуваат своите добротворни дела. Едно решение било да го обработуваат земјиштето што им го дала владата и да го користат профитот од она што ќе се произведело за да се финансираат религиозните активности. Но, кој ќе работи на тие фарми? „Единствено решение“, вели португалскиот историчар Жорже Коту, „било да работат црнечки робови — решение што покренало двоумења од морална природа, кои језуитскиот генерал на редот во Бразил одлучил да ги игнорира“.
Језуитите ѝ ја дале својата поддршка на сѐ поголемата група земјопоседници што упорно барале африкански робови. Изгледа дека на робовите од Индија им било тешко да се привикнат на интензивното обработување на земјата и честопати кревале бунтови или едноставно бегале во шумите.a Од друга страна, пак, Африканците биле испробани и проверени на шеќерните плантажи во португалските островски колонии во Атлантикот. „Тие никогаш не бегаа ниту пак имаа каде да бегаат“, тврдел еден писател од тоа време.
Така, со благослов на свештенството, увозот на африкански робови постојано се зголемувал. Бразил станал многу зависен од трговијата со робови преку Атлантикот. До 1768, фармата Санта Круз, што ја поседувале језуитите, имала 1.205 робови. Бенедиктинците и кармелитите исто така стекнале имоти и голем број робови. „Манастирите се полни со робови“, извикнал бразилскиот аболиционист Жуаким Набуко од 19 век.
Бидејќи обработувањето земјиште било конкурентен бизнис, сопствениците на робови на црковните имоти честопати наметнувале брутален режим на работа. Стјуарт Шварц, професор по историја, забележува дека дури и многу од оние свештеници што протестирале против злоупотребата на робовите „малку ги почитувале Африканците“ и „сметале дека дисциплината, строгото казнување и работата се единствен начин да се совлада суеверието, мрзливоста и нецивилизираноста на робовите“.
„Теологија на ропството“
Додека свештениците настојувале да ги помират христијанските вредности со еден систем што бил воден од немилосрдна експлоатација, тие создале една морална поддршка за ропството — она што еден теолог го нарекува теологија на ропството. Бидејќи болестите што се ширеле во пренатрупаните складишта на бродовите со робови ги одзеле животите на голем дел од нивниот човечки товар, црквата инсистирала Африканците да се крштаваат пред да заминат во Новиот свет.b Се разбира, преобратениците ретко добивале религиозна поука пред да бидат крстени. (Видете ја рамката „Инстант христијани“.)
Во секој случај, долгото работно време и драстично намалениот животен век значеле дека робовите немале големи шанси да ја практикуваат својата нова вера. Меѓутоа, црковните доктрини во врска со „одвоеноста на телото и душата“ го ублажиле овој проблем. ‚Точно, Африканците венееле во брутално ропство, но нивните души биле слободни‘, резонирале свештениците. ‚Затоа, робовите требало да го прифатат своето понижување со радост, како дел од божествениот план да ги подготви за слава‘.
Во меѓувреме, црквата ги потсетувала сопствениците на робови на нивната морална должност да дозволат нивните потчинети да одат в црква, да одржуваат религиозни празници и да склопуваат бракови. Свештениците го критикувале суровото малтретирање, но исто така внимателно ги нагласувале опасностите од преголемата попустливост. „Нека има камшикувања, синџири и окови на нозете, сѐ во свое време и по утврдени прописи и со мерка, и ќе видите како бунтовноста на слугите брзо ќе се совлада“, советувал еден језуитски свештеник.
Малкумина размислувале за можноста да користат помалку болни средства за преобраќање на Африканците. Наместо тоа, отворените поддржувачи на ропството, вклучувајќи го и бразилскиот бискуп Азереду Котинју, оставале впечаток дека трговците со робови им прават услуга на Африканците! Во својата енергична одбрана на ропството објавена во 1796, Котинју прашал: „Дали би било подобро и посоодветно кога христијанството би им дозволило [на Африканците] да умрат во безбожништво и идолопоклонство наместо во нашата света религија?“ Слично на тоа, водечкиот језуитски мисионер Антонју Вјера ги наговарал Африканците: „Бескрајно благодарете му на Бог за . . . тоа што ве довел во оваа [земја] каде што, штом ќе бидете поучени во верата, ќе живеете како христијани и ќе бидете спасени“.
Цената на ропството
Со тоа што го поддржувала ропството, црквата се надевала дека ќе ‚спаси изгубени души‘. Иронично, но таа само посеала семе на раздор, бидејќи Африканците давале голем отпор на напуштањето на нивните религиозни обичаи и верувања. Така, денес голем број Бразилци практикуваат синкретизам — комбинација на католицизам и африканска племенска религија.
Иако на некои луѓе од тоа време им се чинело дека тоа што црквата го прифаќа она што го наложувала економијата во колонијален Бразил е добра работа, долгорочно гледано тоа на крајот испаднало катастрофално. Смртта и страдањето што ги предизвикало сето ова покренале прашања во врска со етиката на црквата, а на овие прашања не може да се даде задоволувачки одговор. Според еден историчар, одобрувањето на ропството значело прифаќање на ставот на оние што пророк Исаија ги осудил затоа што ‚злото го наречувале добро, а доброто зло‘ (Исаија 5:20).
Насилничкото ропство е неспоиво со Библијата
Библијата јасно покажува дека Јехова Бог не одобрува кога „човек владее над човек за негова несреќа“, а тоа би го вклучувало и насилничкото ропство (Проповедник 8:9). На пример, Божјиот закон за Израел наведувал дека киднапирањето и продавањето човек се казнувало со смрт (Излез 21:16). Точно е дека меѓу Божјиот древен народ постоел еден систем на робување, но тој не бил како тиранскиот облик на ропство за кој дискутиравме во оваа статија. Всушност, фактот што некои израелски робови одлучувале да останат со својот господар кога можеле да бидат ослободени е јасен показател дека ропството кај Божјиот народ не било насилничко (Второзаконие 15:12—17). Значи, би било големо извртување на Писмото да се тврди дека ропството во Израел дава оправдување за нечовечноста што постоела низ историјата.c
Во својата Реч, Светото писмо, Јехова Бог ветува дека на сите облици на ропство наскоро ќе им дојде крај. Колку само можеме да бидеме среќни што, во Божјиот нов свет, луѓето нема да живеат во страв под тиранско владеење или под суров господар. Наместо тоа, „секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши“ (Михеј 4:4).
[Фусноти]
a Според The World Book Encyclopedia, „голем број Индијци умреле од европски болести. Многу други се бореле со Португалците и биле убиени“.
b Понекогаш овој ритуал бил повторуван кога робовите ќе пристигнеле во Бразил.
c Бидејќи ропството било дел од економскиот систем на Римската Империја, некои христијани имале робови. Меѓутоа, без оглед на тоа што го дозволувале римските закони, Писмото покажува дека христијаните не ги малтретирале оние што работеле кај нив. Наместо тоа, со секого требало да постапуваат како со „брат“ (Филемон 10—17).
[Истакната мисла на страница 15]
Јехова Бог ветува дека сите облици на ропство наскоро ќе исчезнат
[Рамка/слики на страница 13]
ЗА БОГ ИЛИ ЗА КОРИСТ?
Фернау де Оливера, португалски изучувач од 16 век, тврдел дека трговците со робови ги мотивирала алчност — а не жар за евангелизмот. Бродовите од Европа што носеле индустриска стока ја трампале за робови во африканските пристаништа. Овие робови потоа биле испраќани во Америките и се правела размена за шеќер, кој потоа се носел назад во Европа за да се продаде. Оваа триаголна трговска рута им носела огромен профит и на трговците и на португалската круна. Дури и свештенството имало корист, бидејќи свештениците наплатувале данок „по глава“ за крштавањето на Африканците пред да бидат одведени во Америките.
[Рамка на страница 14]
„ИНСТАНТ“ ХРИСТИЈАНИ?
„Во почетокот на седумнаесеттиот век станало вообичаено робовите од Африка да се крштаваат пред да заминат“, пишува историчарот Хју Томас во својата книга The Slave Trade (Трговијата со робови). „По правило, робовите не добивале никаква поука пред да се изврши оваа церемонија, а на многу од нив, можеби и на повеќето, претходно не им било кажано дека постои некаков христијански Бог. Затоа, крштавањето било механичка работа.“
Професор Томас забележува дека обично заробениците биле одведени во црква, каде што некој вероучител — кој најчесто и самиот бил роб — им зборувал на робовите на нивниот мајчин јазик за нивното преобраќање. „Тогаш меѓу збунетите редови ќе поминел еден свештеник“, додава Томас, „и на секого ќе му дал христијанско име, кое претходно било запишано на едно ливче. Исто така, тој посипувал сол на јазикот на робовите, а потоа попрскувал света вода. На крајот можеби ќе им речел со помош на преведувач: ‚Сега сметајте се себеси за деца на Христос. Наскоро ќе појдете на португалска територија, каде што ќе учите многу работи за Верата. Никогаш повеќе не помислувајте на своето родно место. Не јадете кучиња, стаорци ниту коњи. Бидете задоволни‘ “.
[Слика на страница 13]
Папата Никола V
[Извор на слика]
Culver Pictures
[Слика на страница 15]
Јавно камшикување, прикажано од очевидецот Јохан Ружендас во 19 век
[Извор на слика на страница 15]
Слики на робови на страници 13 и 15: De Malerische Reise in Brasilien de Johann Moritz Rugendas, cortesia da Biblioteca Mário de Andrade, São Paulo, Brasil