Камчатка — рускиот пацифички рај
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РУСИЈА
ПРЕД повеќе од триста години, руските истражувачи што патувале на исток преку Азија наишле на еден планински полуостров што свртува на југ и навлегува во Тихиот Океан, и го одвојува Охотско од Берингово Море. Оваа земја на таинствена убавина, која е нешто поголема од Италија, сѐ уште е непозната за повеќето луѓе што не живеат во тој дел од светот.
Иако се наоѓа на скоро иста географска ширина како и Британските Острови, Камчатка има прилично студена клима. Зимите се поблаги во крајбрежниот појас, но на некои места во внатрешноста на полуостровот снежната покривка е висока повеќе од 6 метри, а понекогаш достигнува дури и до 12 метри! Во лето, овој полуостров честопати е обвиткан во магла и изложен на силни ветришта. Поради обилните дождови што паѓаат на вулканската почва на Камчатка, таа има бујна вегетација, во која спаѓаат најразлични грмушки со бобинки, трева висока колку човек, и величествени диви цвеќиња како што е ружата позната како кралица на полињата.
Камените, или Ерманови, брези растат на речиси една третина од овој полуостров, а нивните стебла и гранки се виткаат и наведнуваат под силните снегови и ветрови. Овие издржливи брези кои растат многу бавно се необично цврсти, а нивните корења се жилави, па затоа овие дрвја можат да растат скоро насекаде — дури и хоризонтално од страните на гребените! Тие се разлистуваат во јуни, честопати додека сѐ уште има снег, а пожолтуваат во август, најавувајќи го доаѓањето на зимата.
Вулкани, гејзери и жешки извори
Бидејќи лежи во Огнениот Прстен — појас на висока сеизмичка активност кој се протега по работ на Тихиот Океан — на Камчатка има околу 30 активни вулкани. Вулканот Кључевскаја Сопка, за кој се вели дека има „совршен, неверојатно убав конус“, се крева во височина од 4.750 метри над нивото на морето, и тој е најголемиот активен вулкан на Евроазискиот континент. Од 1697 год. — кога руските истражувачи за првпат стапнале на Камчатка — на овој полуостров имало повеќе од 600 ерупции.
Во 1975/1976 год., при една експлозивна ерупција од пукнатина во областа Толбачик, се крена разгорен „факел“ висок над 2.500 метри! Во облаците од пепел се појавија светкавици. Ерупциите, кои траеја без престан речиси една и пол година, создадоа четири нови вулкански конуси. Цели езера и реки исчезнаа, а од усвитената пепел до корен изгореа дрвјата на цели шуми. Големи рурални подрачја беа претворени во пустина.
За среќа, повеќето ерупции не беа во близина на населени места, па затоа загинаа многу малку луѓе. Но, посетителите треба да внимаваат на други работи, особено кога одат во Долината на Смртта, која лежи во подножјето на вулканот Кихпињич. Кога нема ветар, а особено кога се топат снеговите на пролет, во долината има голема концентрација на отровни вулкански гасови, кои претставуваат смртоносна стапица за дивите животни. Во една прилика, долината беше прекриена со труповите на десет мечки и голем број помали животни.
Во големиот кратер познат како калдерата Узон има вдлабнатини исполнети со врела кал и езерца од кои се крева пареа и кои се преполни со разнобојни алги. Во истиот предел се наоѓа и Долината на гејзерите, откриена во 1941 год. Од некои гејзери блика водена пареа и вода на секои две-три минути, а од други на неколку дена. Со помош на хеликоптери, туристите можат да стигнат до овие прекрасни места, кои се наоѓаат на отприлика 180 километри северно од градот Петропавловск Камчатски. Сепак, бројот на туристи строго се контролира за да не се наруши кревката еколошка рамнотежа. Од таа причина, шест области на Камчатка се заштитени како локации што спаѓаат во Светското наследство.
Камчатка изобилува со топли извори во кои температурата на водата изнесува од 30 до 40 степени Целзиусови. Посетителите уживаат во повеќето од нив и така полесно ги поминуваат долгите, студени зимски месеци. Геотермичката топлина се користи и за производство на електрична енергија. Всушност, првата геотермичка централа во Русија беше изградена токму на овој полуостров.
Мечки, лососи и морски орли
Низ Камчатка сѐ уште талкаат околу 10.000 кафеави мечки. Тие просечно тежат од 150 до 200 килограми, иако можат да бидат и трипати поголеми доколку пред тоа некој не ги убие. Според преданијата на Ителмените, староседелци на овој полуостров, мечката била нивни „брат“ и тие ја почитувале. Но, со пристигнувањето на огненото оружје, на ова братство му бил ставен крај. Денес заговорниците за заштита на природните богатства се загрижени за иднината на овие животни.
Бидејќи мечките се срамежливи, ретко можат да се видат. Но, во јуни, кога лососот почнува да се мрести во реките, мечките доаѓаат во голем број за да се гостат со рибата, и една мечка може да изеде до 24 лососи! Зошто има таков незаситен апетит? На лето, мечките мора да насоберат доволно сало што ќе им служи како резерва во пустите, студени зимски месеци, кои тие ги минуваат спиејќи во затворени дупки за да си ја заштедат силата.
Друг што исто така сака да јаде лососи е морскиот орел, величествена птица чиј распон на крилјата може да достигне и до 2,5 метри. Тој е скоро целиот црн со бела шара на рамената, а има и бела опашка со клинест облик. Овие орли, чиј број сега изнесува околу 5.000 и постојано се намалува, можат да се најдат само во овој дел од светот, а одвреме-навреме и на Алеутските Острови и на архипелагот Прибилоф, кои ѝ припаѓаат на Алјаска. Овие птици секоја година ги користат истите гнезда, ги одржуваат и ги прошируваат. Едно гнездо на крајот имало пречник од 3 метри и било толку тешко што ја скршило брезата на која било направено!
Жителите на Камчатка
Повеќето од денешните жители на Камчатка се Руси, но има останато и неколку илјади староседелци, од кои најголемата група се Корјаците, кои живеат на север. Други групи се Чукчите и Ителмените, и секоја од нив си има свој јазик. Повеќето жители на Камчатка живеат во административниот центар Петропавловск Камчатски. Останатиот дел од овој полуостров е ретко населен, а до повеќето приморски и крајречни села може да се стигне само со чамец или со летало.
Главна стопанска гранка е риболовот и ловот на ракови. Особено се популарни џиновските црвени ракови. Нивната должина, од едната до другата клешта, изнесува 1,7 метри, и тие им даваат на тезгите интересен и шарен изглед.
Од 1989 год., на Камчатка пристигнаа и Јеховините сведоци, но нивната цел беше еден поинаков вид рибарење. Како „рибари на луѓе“, тие му ја носат добрата вест за Божјето Царство на изолираниот народ на Камчатка (Матеј 4:19; 24:14). Некои ја прифатиле оваа вест и сега и самите им помагаат на други лица да го запознаат Творецот, Јехова Бог, и да му служат нему, а не на творештвото. Како резултат на тоа, голем дел од мештаните биле ослободени од вообичаениот страв од зли духови (Јаков 4:7). Освен тоа, тие учат дека во иднина целата Земја, исчистена од сето зло и од сите злосторници, ќе „биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:9).
[Рамка/слики на страница 18]
ВЕЛИЧЕСТВЕНАТА КАЛДЕРА
Калдерата Узон, кратер на еден прастар вулкан, има пречник од околу 10 километри. Меѓу неговите стрмни ѕидови се наоѓа една „збирка од сето она по што е позната Камчатка“, се вели во една книга. Во овој кратер има топли и ладни извори, „котли“ со врела кал, вулканчиња од кал што се создаваат околу гејзерите, недопрени езера богати со риби и лебеди, и многу густа вегетација.
Книгата Чудата на Камчатка (Miracles of Kamchatka Land) вели дека „нема друго место на Земјата“ каде што есента е толку убава, но и толку кратка. Низ руменилото на тундрата блескаат сјајните жолти и златни бои на брезите, додека овде-онде врелата кал испушта бели столбови од пареа кои го шараат темносиното небо. Рано наутро, пак, шумата почнува да „пее“ додека милиони смрзнати лисја паѓаат на земјата со шепот, нежно најавувајќи го доаѓањето на зимата.
[Рамка на страница 19]
СМРТОНОСНО ЕЗЕРО!
Во 1996 год. дојде до ерупција на еден вулкан кој лежи под езерото Каримски, за кој долго време се мислеше дека е изгаснат. Притоа се создадоа десетметарски бранови кои ги срамнија со земја околните шуми. За неколку минути езерото стана толку кисело што беше непогодно за каков и да било облик на живот. Сепак, и покрај вулканската прашина и брановите што го преплавија брегот, во неговата близина не беа најдени никакви мртви животни, објаснува истражувачот Ендрју Логан. Тој вели: „Пред ерупцијата, беше познато дека во езерото Каримски живеат неколку милиони риби (главно лосос и пастрмка). По ерупцијата, во него немаше никакви живи суштества. Меѓутоа, се смета дека многу риби успеале да се спасат“. Научниците претпоставуваат дека рибите ги предупредил некаков знак — можеби промена на хемискиот состав на водата — и затоа побегнале во блиската река Каримски.
[Карта на страница 16]
(Види во публикацијата)
РУСИЈА
КАМЧАТКА