Од разбеснет вулкан до мирен остров
КАКО што нашиот брод ја фаќа последната кривина пловејќи кон пристаништето на грчкиот остров Санторини, погледот ни го плени глетка која го одзема здивот. Еден висок бедем од застрашувачки гребени се издигнува речиси 300 метри над морето. Куќичките што се распоредени на стрмнините се сосема бели. Специфичниот облик на овој остров, отсуството на типични островски плажи, надвиснатите гребени — сето ова како да наведува на помислата дека овде се случило нешто несекојдневно. А така и е. Островот Санторини е преостанатата источна половина на еден избувнат вулкан, а ние пловиме во водите со кои е исполнет неговиот кратер!
Како настанал овој остров
Во древни времиња, островот Санторини — кој денес е познат и како Санторин или Тира — бил наречен Стронгили, што значи „Кружен“. Овој остров навистина бил кружен. Но, како што велат експертите, една силна вулканска ерупција го променила неговиот облик пред речиси 3.500 години. Очигледно, една голема експлозија отворила широка калдера во центарот на островот, формирајќи длабок басен кој се исполнил со вода кога морето се втурнало во него.
Некои вулканолози сметаат дека татнежот од оваа експлозија се чул во Европа, Азија и Африка и дека срушил градежни објекти кои се наоѓале на оддалеченост од 150 километри. Задушливиот пепел, тврдат тие, сигурно го затскривал сонцето низ целиот Медитерански басен во текот на неколку дена. Вкупно 80 квадратни километри од овој остров исчезнале во воздухот или пропаднале во морето. Целиот живот бил збришан.
Со текот на времето, она што останало од Стронгили го населиле жителите од копното и овој остров добил друго име — Калисти, што значи „Најубав“. Но, опстанокот на луѓето кои живеат на вулкан е дословно „растресен“. Во периодот меѓу 198 пр.н.е. и 1950 н.е. имало 14 ерупции. Потоа, во 1956, еден земјотрес срушил многу куќи на островот. „Земјата се тресеше и трепереше како желе“, вели Кира Елени, една постара жена која го преживеала овој катастрофален настан. „Пред дворот на мојата куќа, која се наоѓаше на еден гребен, имаше патека од чакал. Одеднаш таа се одрони во морето и мојата куќа остана речиси да виси во воздух! Моравме да ја напуштиме и да изградиме нова врз постабилно земјиште“.
Разурнатите села брзо ги изградија повторно, и тоа најмногу странците. Денес Санторини дочекува илјадници посетители кои одат таму секое лето. Освен Санторини, останале неуништени помалиот остров Тиразија и ненаселеното островче Аспрониси.
Освен тоа, во средината на калдерата на Санторини се сместени две вулкански островчиња — Неа Камени и Палаија Камени. На овие неодамна формирани островчиња сѐ уште може да се види вулканска активност бидејќи ‚заспаниот џин‘ повремено се буди и исфрла млазеви чад. Обликот на Санторини постојано се менува, така што одвреме навреме неговата карта мора да се прави одново.
Да се живее на работ
На работ на калдерата на Санторини нема падини, туку само стрмнини. Вертикалните копнени површини им го нудат на островјаните наједноставното решение за изградба на куќи: Да ископаат хоризонтален тунел во земјата, да подигнат ѕид на влезот и да се вселат. Да, повеќето куќи што се наоѓаат на калдерата се изделкани во карпа.
Пред секоја куќа има двор, односно балкон, кој гледа кон калдерата. Дворот на горната куќа е кров на куќата одоздола. Од овие балкони можете да се восхитувате на спектакуларни зајдисонца, уживајќи во пурпурното сонце додека тоа полека и величествено исчезнува во морето. Во некои дворови има и мала кујничка, еден или два кокошарника и саксии со миризливи билки и цвеќиња.
Особено карактеристично за овие села во целина е тоа што во нив нема ниту една права линија. Не се симетрични дури ни сводовите. Ваквиот бескрај од расфрлани линии и кривини, кои се спојуваат и формираат најневеројатни облици, му дава нежност на ова мноштво градби, што е изненадувачки на еден таков нерамен, назабен остров.
На Санторини е многу суво. Единствената вода што ја има е складираната дождовница која се чува во цистерни. Но, почвата е плодна. Затоа, во ограничениот внатрешен дел од островот можат да се одгледуваат мноштво земјоделски култури.
И за туристите и за домашното население, Санторини е уникатен и величествен споменик на убавината на нашата планета.
[Рамка на страница 18]
ПОВРЗАНОСТ СО АТЛАНТИДА
Еден мит кој можеби потекнува од Египет, преживеал во класичните грчки литературни дела, а потоа се појавил и во средновековните традиции на арапските географи, е митот за изгубениот континент, остров или град Атлантида. Се претпоставува дека Атлантида исчезнала во морето како резултат на земјотреси и поплави. Некои археолози велат дека овој мит има корени во вулканската експлозија на Санторини.
Ископувањата кои започнаа на овој остров во 1966/1967 открија еден богат царски град од минојското време, кој бил затрупан под вулканскиот нанос, зачуван токму онаков каков што бил во времето на ерупцијата. Изгледа дека некои рани предупредувања ги натерале жителите навреме да го напуштат тоа подрачје. Некои истражувачи сметаат дека неспремноста на жителите да признаат дека нивниот некогаш блескав град повеќе го нема, ја создала легендата за Атлантида која останала во својот цут, продолжувајќи го својот градски живот на дното на морето.
[Слика на страница 16]
Санторини
[Слика на страница 17]
Јеховините сведоци со радост проповедаат на Санторини
[Слика на страница 18]
Поглед на Егејот од терасите на Санторини