ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 3/06 стр. 14-17
  • Песочен рајски остров

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Песочен рајски остров
  • Разбудете се! 2006
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Роден во планините
  • Слатководни езера и ретки шуми
  • Рај со трагично минато
  • Пријатен дом
  • Од разбеснет вулкан до мирен остров
    Разбудете се! 2000
  • „Добрата вест“ стигна до најсеверните 0строви на Австралија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Зошто го посетивме Божиќниот Остров
    Разбудете се! 2007
  • Содржина
    Разбудете се! 2006
Повеќе
Разбудете се! 2006
g 3/06 стр. 14-17

Песочен рајски остров

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА

ВО 1770 година, британскиот истражувач и капетан Џејмс Кук пловел покрај источниот брег на Австралија. Околу сто и педесет километри северно од денешниот град Бризбен, поминал покрај еден голем, песочен крајбрежен остров кој, долго време потоа, ќе почне да привлекува по 300.000 посетители годишно. Меѓутоа, капетан Кук не му обрнал големо внимание. Всушност, тој и другите морнари си мислеле дека се работи за полуостров, а не за остров. По неколку години, истражувачот Метју Флиндерз пристигнал на неговиот брег. „Нема ништо толку пусто како овој остров“, напишал тој.

Да се осмелеле да појдат малку повнатре, зад километрите златни плажи и песочни ридови, или дини, Кук и Флиндерз ќе го сменеле своето мислење. Ќе наишле на еден свет од недопрени дождовни шуми, кристално чисти слатководни езера, песочни гребени во живи бои, како и стотици видови животни. Сега наречен Фрејзер, овој најголем песочен остров во светот е толку несекојдневен што во 1992 година бил ставен на списокот на Светското културно наследство.a

Роден во планините

Островот Фрејзер е долг 120 километри и широк 25 километри. Зафаќа површина од 160.000 хектари. Неговите огромни дини се издигаат речиси 240 метри над морското ниво, и затоа овој остров е највисок од таков вид во светот. Кои сили учествувале во создавањето на ова неверојатно копно?

Доказите покажуваат дека неброените тони песок од кои се состои овој остров дошле од Големите вододелни планини, планински венец што се протега по целата должина на источниот брег на Австралија. Со текот на времето, силните дождови одронувале камења од овие планини и ги носеле во реките, а потоа во морето. Океанските струи ги дробеле овие парчиња и ги претворале во ситен песок, кој постепено го носеле на север по морското дно. Кога доаѓале до ’ртови и подводни гребени што се креваат од океанското дно, зрната песок се таложеле и така се родил островот Фрејзер.

Тихиот Океан и понатаму таложи нов песок на плажите. Оттаму ветрот го носи песокот кон копното, и така создава дини. Тие дини се поместуваат за еден метар годишно, покривајќи сѐ што ќе им се најде на патот.

Слатководни езера и ретки шуми

За чудо, во дупките издлабени во дините што се распослани низ целиот остров има 40 слатководни езера. Некои од овие водни површини се познати како „гнезда“, затоа што се сместени во големи вдлабнатини на врвот од високите ридови. Зошто водата од овие езера не истекува? Благодарение на еден органски слој, наречен тресет, кој се состои од делумно распаднати лисја, кора од дрвја и гранки.

На островот има и езера наречени „окна“, кои се образуваат кога вдлабнатините во песокот ќе пропаднат под нивото на најгорниот слој од подземна вода. Слатката вода навлегува во вдлабнатините, создавајќи кристално чисти езерца чија вода е исфилтрирана низ песокот. Тие езерца, всушност, се како окна во слојот на подземната вода.

Езерата на овој остров се полнат со водата што се собира од врнежите, чие годишно количество изнесува 1500 милиметри воден талог. Од водата што не се слева во езерата или што ја впива песокот настануваат потоци што течат во морето. Се проценува дека од една таква рекичка се влеваат преку пет милиони литри вода на час во Тихиот Океан.

Благодарение на сета оваа вода, островот Фрејзер има бујна вегетација. Во нормални услови, не можат да никнат дождовни шуми на песок, зашто песокот е сиромашен со хранливи материи. Но, островот Фрејзер е едно од малкуте места на Земјата на кои дождовните шуми растат на песок. Всушност, во минатото оваа шума била толку густа што повеќе од 100 години се сечеле дрва за граѓа. Шумарите многу ги сакале разните видови огромни еукалиптуси што вирееле овде. Во 1929 година, еден од нив рекол: „Патникот наидува на жив ѕид од џиновски дрвја високи по 45 метри . . . Овие величествени цареви на шумата имаат пречник од два до три метри“. Некои дрвја, како што е Syncarpia hillii и Syncarpia glomulifera, биле користени за изградба на Суецкиот Канал. Меѓутоа, денес дрвјата на островот Фрејзер мирно ја дочекуваат својата старост.

Рај со трагично минато

Островот го добил името по една трагедија. Во 1836 година, капетан Џејмс Фрејзер и неговата жена, Елиза, го преживеале бродоломот на бродот Stirling Castle и биле исфрлени на брегот на овој остров. Изгледа дека едно домородно племе го убило капетанот, но Елиза успеала да се спаси. Во спомен на оваа трагедија, името на островот било сменето од Големиот Песочен Остров во островот Фрејзер.

И домородното население не било поштедено од трагедии. Во еден период на него живееле 2.000 Абориџини. Се вели дека биле добро градени и јаки. Својот дом го нарекувале К’гари, што значи рај. Во една нивна легенда за создавањето на овој остров, тој е опишан како најубавото место на светот. За жал, болестите што биле донесени од Европа драстично го намалиле бројот на населението. Освен тоа, до почетокот на 20 век, повеќето Абориџини што преживеале, биле преселени во населби на копното.

Пријатен дом

Денес овој остров е дом на еден богат животински свет. Едни од најпрочуените жители се дингата — австралиските диви кучиња. Бидејќи нема никаков контакт со домашните кучиња што живеат на копното, дингото на островот Фрејзер се смета за најчиста раса во источна Австралија. Иако личат на домашни кучиња, тие не се такви и затоа со нив треба да се постапува внимателно и со почит.

На островот има повеќе од 300 видови птици. Плажите ги надлетуваат брахмански соколи и белостомачни морски орли, а над езерата брзо прелетуваат шумски водомари во сите нијанси на сината боја. Едни од птиците преселници што минуваат одовде на своите патувања се монголските песочарки, кои се размножуваат во Сибир, но кога ќе дојде зимата летаат на југ. Пред крајот на патувањето кратко се одмораат на островот Фрејзер. Освен тоа, најмалку 30.000 сиви летачки лисици, кои се еден вид лилјаци големи колку гавран, одвреме-навреме доаѓаат на овој остров, жедни за нектарот од цветовите на еукалиптусите.

И водите околу островот Фрејзер вријат од живот. Во богатиот воден свет спаѓа и грбавиот кит, кој минува одовде на својот пат од ледениот Антарктик кон Големиот корален Гребен, каде што ги раѓа своите малечки и се пари. На враќање, китовите прават интересна претстава — го исфрлаат своето огромно тело од водата и повторно се нурнуваат во длабочините, создавајќи притоа експлозија од млазеви што можат да се видат на оддалеченост од неколку километри. Колку величествен поздрав за овој чудесен остров!

[Фуснота]

a Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации, на својот Список на светското културно наследство додава културни и природни локации што имаат голема физичка, биолошка, географска или научна вредност.

[Карти на страница 14]

(Види во публикацијата)

ТИХИ ОКЕАН

Островот Фрејзер

[Слики на страница 15]

Десно, од горе надолу:

Устието на потокот Курнинг

Островот Фрејзер го красат четириесет слатководни езера, меѓу кои и езерца од типот „гнезда“ и „окна“

Редок феномен — дождовни шуми што растат на песок

[Извор на слика]

Сите фотографии: Со љубезна дозвола на Tourism Queensland

[Слики на страници 16 и 17]

Динго и коала

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Tourism Queensland

[Слика на страници 16 и 17]

Плажата на островот Фрејзер, која е долга 120 километри, е една од најдолгите плажи во светот

[Слика на страница 17]

Белостомак морски орел

[Слика на страница 17]

Кокабура

[Слика на страница 17]

Пеликани

[Слика на страница 17]

Грбавиот кит прави пауза на својот патот кон Антарктикот

[Извори на слики на страница 17]

Орел: ©GBRMPA; сите други фотографии освен пеликаните: Со љубезна дозвола на Tourism Queensland

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели