ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 5/07 стр. 7-10
  • Има надеж!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Има надеж!
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Бог е заинтересиран за сиромашните
  • Трајно решение за сиромаштијата
  • Наскоро, никој нема да биде сиромашен!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Следи го Исусовиот пример и покажувај грижа за сиромашните
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Наскоро свет без сиромаштија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Сиромаштија — да се најде трајно решение
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
Повеќе
Разбудете се! 2007
g 5/07 стр. 7-10

Има надеж!

НЕМА ништо погрешно во тоа човек да работи напорно, под услов да добива соодветна плата за тоа. Забележи што напишал еден од писателите на Библијата: „Сознав дека за нив нема ништо подобро отколку да се веселат... и секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:12, 13).

Меѓутоа, како што видовме, економскиот систем во светот ги исцедува работниците, но честопати не им дава соодветна плата. Мнозина остануваат сиромашни, борејќи се за опстанок од ден на ден. Кога ќе помислат на својот живот, немаат баш многу причини „да се веселат“ и ‚да уживаат во доброто‘. Светот сега е многу богат, но речиси половина од луѓето во него не добива ни делче од сето тоа богатство.

Бог е заинтересиран за сиромашните

Творецот на луѓето, Јехова Бог, не е задоволен со денешните услови. Јехова сочувствува со сиромашните. Во Библијата пишува: ‚Бог нема да го заборави лелекот на оние што се во неволја‘ (Псалм 9:12). Јехова Бог мисли на сиромашните.

Во врска со Јехова, Библијата вели: „Тебе ти се предава несреќникот, детето без татко. Ти си му помошник“ (Псалм 10:14). Забележи дека овој библиски стих зборува за угнетените како за поединци.a Бог навистина му обрнува внимание на секого и ги има на ум потребите на поединецот. За него, секој е скапоцен и заслужува внимание. Јехова ги повикува луѓето од сите економски слоеви да учат од него и да му бидат пријатели.

Една работа што луѓето можат да ја научат од Бог е да покажуваат сомилост и сочувство кон другите. Јеховините сведоци се едно големо духовно семејство. Тие се почитуваат еден со друг — меѓу нив владее вистинска христијанска љубов. Господарот Исус Христос им рекол на своите следбеници: „Сите вие сте браќа“ (Матеј 23:8). Затоа, сите што му служат на Бог на исправен начин се дел од едно братство во кое не се прави разлика дали некој е богат или не. Во тешки времиња, тие се грижат еден за друг и се храбрат меѓу себе.

Во Библијата се запишани начела кои можат да ги ублажат последиците од сиромаштијата. Светото писмо покажува дека Бог ги осудува валкањето на телото — како што е пушењето — и прекумерното пиење алкохол (Изреки 20:1; 2. Коринќаните 7:1). Оној што живее според овие начела заштедува пари кои инаку би ги фрлил на штетни навики. Исто така, ќе се заштити од болестите што се последица на пушењето и пијанството, и така нема да троши пари за лекување. Библијата ги поучува луѓето и да не бидат материјалисти и алчни (Марко 4:19; Ефешаните 5:3). Доколку луѓето се држат за Божјата реч во овие работи, нема да трошат пари ни на коцкање.

Во Библијата се дадени начела за секојдневниот живот кои се практични дури и во тешка сиромаштија. Размисли за следново искуство:

Во една земја со висока стапка на невработеност, една работничка во фабрика си ја довела во прашање работата кога замолила да излезе малку порано за да оди на своите христијански состаноци. Шефот можел многу лесно да ја отпушти поради тоа. Но, на нејзино изненадување и на изненадување на другите вработени, ѝ го одобрил барањето. Освен тоа, ѝ рекол дека сака таа да продолжи да работи во фабриката и ја пофалил дека е „примерен работник“. Зошто го направил тоа?

Оваа работничка, која е Јеховин сведок, живеела според библиските начела. Бидејќи сакала ‚во сѐ да постапува чесно‘, не лажела ниту крадела, и така си стекнала глас како чесна работничка (Евреите 13:18). Од послушност кон вдахновеното начело од Колошаните 3:22, 23, својата работа ја вршела „со сета душа“. Тоа значи дека му била послушна на својот работодавец и вредно си го одработувала секој ден за кој била платена.

Се разбира, живееме во економски систем во кој владее себичност и во кој е најважно да се заработи. Некои што многу ги ценат библиските начела можеби сѐ уште мораат со тешки маки да си обезбедат храна, облека и покрив над главата. Но, тие имаат чиста совест пред својот Творец и, благодарение на Јехова „Бог, кој дава надеж“, со доверба ги очекуваат подобрите времиња што се пред нас (Римјаните 15:13).

Трајно решение за сиромаштијата

Библијата ни кажува дека Јехова воопшто не ги сака оние што ги угнетуваат другите. Во Божјата вдахновена реч стои: „Тешко на оние што донесуваат неправедни уредби и на оние што постојано пишуваат и испишуваат само неволји за да ги одбијат сиромасите на суд и да им ја грабнат правдата на страдалниците... за да ги направат вдовиците свој плен и да ги ограбат дури и децата без татко!“ (Исаија 10:1, 2). Сеедно дали свесно или несвесно ги занемаруваат сиромашните, оние што ја имаат контролата над економијата во општеството денес се дел од еден тирански систем кој Семоќниот Бог наскоро ќе го замени.

На тие тирани, пророкот Исаија им поставува едно сериозно прашање: „Што ќе сторите во денот на казната и на пропаста, кога ќе дојде оддалеку?“ (Исаија 10:3). Јехова ќе ги отстрани и ќе го уништи неправедниот систем што тие го поддржуваат.

Но, намерата на Бог опфаќа повеќе отколку само да ги уништи тираните. На праведните луѓе, тој ќе им овозможи живот без никакви неправди. Со помош на еден возвишен облик на владеење, тој на сите луѓе ќе им овозможи исполнет, среќен живот без сиромаштија. За да напредуваш во тоа време, нема да мора да наследиш многу пари, да имаш добри врски или да бидеш способен бизнисмен. Зошто можеме да бидеме сигурни дека сето ова ќе се случи?

Исус Христос, кого Јехова го поставил да владее со луѓето, таа прекрасна иднина ја нарекол ‚повторно создавање‘ (Матеј 19:28). Овој израз укажува на обнова, нов почеток за луѓето. Кога го употребил изразот ‚повторно создавање‘, Исус нагласил дека Јехова ќе им даде можност на праведните луѓе да живеат онака како што замислил нашиот добар Творец. Тогаш тој ќе излее многу благослови врз човештвото. Еден од тие благослови ќе биде тоа што засекогаш ќе ги отстрани економските проблеми кои измачуваат толку многу луѓе.

Во врска со владеењето на Исус Христос, во Библијата е проречено: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите. Од угнетување и од насилство ќе ја откупи нивната душа, нивната крв ќе биде скапоцена во негови очи“ (Псалм 72:12-14).

И ти можеш да имаш ваква прекрасна иднина. Но, за да ги исполниш Божјите барања што се потребни за да живееш во тој нов свет, неопходно е прво да дознаеш која е волјата на вистинскиот Бог, а потоа и да ја вршиш. Донесувај мудри одлуки на темел на она што ќе го научиш од Божјата реч. Живеј, очекувајќи ја прекрасната иднина што Бог им ја нуди на сите луѓе. Нема да се разочараш. Божјата реч ветува: „Сиромавиот нема да биде заборавен засекогаш, и надежта на кротките никогаш нема да пропадне“ (Псалм 9:18).

[Фуснота]

a Други два библиски стиха во кои е истакнато дека на Бог не му е сеедно кога луѓето страдаат се Псалм 35:10 и Псалм 113:7.

[Истакната мисла на страница 9]

Можеш да имаш прекрасна иднина

[Рамка/слика на страница 10]

Дали да се преселам во побогата земја?

Божјата реч не им кажува на луѓето каде да живеат и каде да работат. Но, библиските начела можат да ни помогнат да одредиме дали е разумно од економски причини да се преселиме во друга земја. Размисли за следниве прашања и за библиските начела што се поврзани со нив.

1. Им верувам ли на неосновани гласини? Во Изреки 14:15 се вели: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“. Откако се преселил во побогата земја, еден човек од Источна Европа рекол: „Слушав дека овде парите паѓаат од небо. Мене сѐ уште не ми паднала ни паричка“.

2. Дали сфаќам што навистина му треба на моето семејство? Дали во некои случаи се работи за потреби или само за неразумни желби? Семејните поглавари се должни да се грижат за материјалните потреби на својата жена и на децата (1. Тимотеј 5:8). Но, татковците се одговорни пред Бог и да ги поучуваат своите деца во морален и во духовен поглед (5. Мојсеева 6:6, 7; Ефешаните 6:4). Можеби еден татко ќе обезбеди повеќе материјални средства за своето семејство ако се пресели во друга земја. Но, ако не ги гледа своите деца со недели, месеци или години, не ќе може да им даде морална и духовна поука.

3. Дали сум свесен дека тоа што долго ќе бидеме разделени со жена ми ќе нѐ изложи на опасноста да направиме прељуба? Божјата реч ги предупредува брачните двојки да обрнат внимание на сексуалните потреби на брачниот другар (1. Коринќаните 7:5).

4. Свесен ли сум дека, ако влезам нелегално во некоја земја, тоа може да има сериозни последици? Вистинските христијани се должни да ги почитуваат законите на државата (Римјаните 13:1-7).

[Слики на страници 8 и 9]

Библиските начела се практични без разлика дали сме богати или сиромашни

[Извор на слика на страница 7]

Најгоре: © Trygve Bolstad/Panos Pictures

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели