Гледиште на Библијата
Како треба да гледаме на парите?
„ПАРИТЕ се заштита“, вели Библијата (Проповедник 7:12). Бидејќи со парите можеме да си купиме храна, облека и да си обезбедиме покрив над главата, тие ни се заштита од маките што ги носи сиромаштијата. Во материјален поглед, со парите, всушност, може да се купи речиси сѐ. „Парите набавуваат сѐ“, стои во Проповедник 10:19.
Божјата реч нѐ поттикнува вредно да работиме за да можеме да се грижиме за себе и за нашето семејство (1. Тимотеј 5:8). Кога вредно и чесно работиме, нормално е да имаме чувство на исполнетост, самопочит и сигурност (Проповедник 3:12, 13).
Освен тоа, ако работиме вредно, ќе имаме можност да бидеме дарежливи. Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Таквата среќа доаѓа кога со нашите средства од срце им помагаме на оние на кои им треба тоа, особено на сохристијаните, или кога ќе му подариме нешто на некого што го сакаме (2. Коринќаните 9:7; 1. Тимотеј 6:17-19).
Исус ги поттикнал своите следбеници да бидат дарежливи, но не само во некои ретки прилики, туку тоа да им биде навика, секојдневие. „Давајте“, рекол тој (Лука 6:38). Ова начело важи и кога даваме прилози за да го потпомогнеме проповедањето за Царството (Изреки 3:9). Ваквата дарежливост ни помага да станеме пријатели со Јехова и со неговиот Син (Лука 16:9).
Чувај се од „љубовта кон парите“
Себичните луѓе ретко даваат, а кога даваат, тоа може да го прават со задни намери. Проблемот зошто не се спремни да даваат честопати е во тоа што тие ги сакаат парите. А таа љубов кон парите, спротивно на нивните очекувања, обично им ја одзема среќата. Во 1. Тимотеј 6:10 се вели: „Љубовта кон парите е корен на секакви зла и, поради неа, некои одлутаа од верата и си нанесоа многу маки“. Зошто љубовта кон парите воопшто не нѐ исполнува, па дури и ни штети?
Една причина е тоа што на алчниот човек никогаш не му е доста. Во Проповедник 5:10 стои: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро“. Значи, оние што ги сакаат парите ‚си нанесуваат маки‘ затоа што никогаш не се задоволни со она што го имаат. Освен тоа, поради алчноста немаат добри односи со другите, семејството им е несреќно и не можат да најдат време да се одморат. „Сладок му е сонот на оној што служи, па јадел тој малку или многу, а богатството на богатиот не му дава да спие“ (Проповедник 5:12). Но што е најважно, Бог не ги сака оние што ги сакаат парите (Јов 31:24, 28).
И во библиската и во световната историја има многу примери за луѓе кои краделе, ја извртувале правдата, си го продавале телото, убивале, ги предавале другите и лажеле — сето тоа само за да дојдат до пари (Исус Навин 7:1, 20-26; Михеј 3:11; Марко 14:10, 11; Јован 12:6). Кога бил на Земјата, Исус повикал еден „многу богат“ млад поглавар да стане негов ученик. За жал, овој човек ја одбил таа огромна чест затоа што тоа лошо ќе се одразело врз него финансиски. Тогаш Исус рекол: „Колку тешко ќе влезат богатите во царството Божје!“ (Лука 18:23, 24).
Во овие ‚последни денови‘, христијаните мора особено да внимаваат на себе зашто луѓето, општо земено, како што е проречено, се „алчни за пари“ (2. Тимотеј 3:1, 2). Вистинските христијани кои настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби не се понесени од овој бран на алчност, зашто тие имаат нешто што е многу подобро од парите.
Нешто подобро од пари
Кога рекол дека парите се заштита, цар Соломон додал уште нешто. Тој рекол дека „мудроста е заштита“ зашто ‚им го чува животот на оние што ја имаат‘ (Проповедник 7:12). Што мислел со тоа? Овде Соломон зборувал за мудроста која се темели на добро познавање на Светото писмо и на здрав страв од Бог. Бидејќи ваквата мудрост е многу подобра од парите, таа може да го спаси некого да не падне во многуте стапици што ги поставува животот, па дури и од предвремена смрт. Исто така, како што круната им донесува чест на оние што ја носат, така и вистинската мудрост ги возвишува и им носи почит на оние што ја имаат (Изреки 2:10-22; 4:5-9). А бидејќи со мудроста можеме да ја стекнеме наклоноста на Бог, наречена е „дрво на животот“ (Изреки 3:18).
Оние што вистински сакаат да имаат таква мудрост и што се спремни да ја бараат, можат да потврдат дека таа се наоѓа лесно. „Сине мој, ако... го повикаш разумот и ако ја викнеш проникливоста, ако го побараш сето тоа како сребро и ако трагаш по него како по скриено богатство, тогаш ќе разбереш што значи да се има страв пред Јехова и ќе го пронајдеш знаењето за Бог. Зашто, Јехова дава мудрост, од неговата уста доаѓаат знаењето и проникливоста“ (Изреки 2:1-6).
Бидејќи за вистинските христијани мудроста има многу поголема вредност од парите, тие имаат релативен мир, среќа и сигурност во животот — нешто што постојано им бега од рацете на оние што ги сакаат парите. Во Евреите 13:5 се вели: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате. Зашто [Бог] рекол: ‚Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам‘“. Парите не можат да ни донесат таква сигурност.
ДАЛИ СИ СЕ ПРАШАЛ?
◼ Во која смисла парите се заштита? (Проповедник 7:12).
◼ Зошто мудроста е многу подобра од парите? (Изреки 2:10-22; 3:13-18).
◼ Зошто не треба да ги сакаме парите? (Марко 10:23, 25; Лука 18:23, 24; 1. Тимотеј 6:9, 10).