Младите прашуваат...
Дали е погрешно да имаш тајна врска?
Џесикаa се нашла пред тешка одлука. Сѐ започнало кога Џереми, еден дечко од нејзиниот клас, почнал да ѝ се додворува. Таа вели: „Беше многу сладок, и другарките ми велеа дека попристоен дечко од него нема. Неколку девојки сакаа да одат со него, но тој не беше заинтересиран за нив. Му се допаѓав само јас“.
Набрзо, Џереми ја поканил Џесика да излезе со него. Таа вели: „Му објаснив дека сум Јеховин сведок и дека родителите никогаш не би ми дозволиле да излегувам со некого што не е од мојата вера. Но, тогаш на Џереми му текна една идеја. Ми рече: ‚Па, може да излегуваме и да не им кажеме на твоите‘“.
КАКО ќе реагираш ако некој што тебе ти се допаѓа ти предложи нешто слично? Можеби ќе се изненадиш, но Џесика отпрвин се сложила со планот на Џереми. Таа вели: „Бев уверена дека, ако имам врска со него, ќе му помогнам да го засака Јехова“. Што се случило со нив? Ќе дознаеме малку подоцна. Сега, најпрво да видиме како може да се случи дури и примерни млади христијани како Џесика несвесно да се заплеткаат во мрежата на тајна врска.
Зошто го прават тоа
Некои млади почнуваат врска на многу рана возраст. „Знам некои што имаат дечко или девојка на 10 или 11 години!“, вели Сузан од Британија. Зошто толку брзаат да имаат врска? Па, најчесто причина е тоа што почнуваат да чувствуваат привлечност кон спротивниот пол и затоа што можеби врсниците малку ги задеваат. Лоис од Австралија вели: „Хормоните ти збудалуваат, и плус сите други на училиште одат со некого“.
Но, зошто некои се одлучуваат за тајна врска? Џефри од Британија вели: „Веројатно се плашат што ќе речат нивните родители“. И Дејвид од Јужноафриканската Република има слично мислење. „Знаат дека нивните родители нема да им ја одобрат врската“, вели тој, „па затоа не им кажуваат“. Џејн од Австралија спомнува една друга можна причина. „Кога одиш скришно со некого сакаш да си покажеш себеси и на другите дека можеш да правиш што сакаш“, вели таа. „Ако мислиш дека родителите не те третираат онака како што би сакал — како возрасен — тогаш ќе си тераш по свое и ќе си молчиш. Лесно е да не кажеш ништо“.
Се разбира, во Библијата на децата им е заповедано да ги слушаат своите родители (Ефешаните 6:1). Ако твоите родители мислат дека не треба да имаш врска со некого, сигурно имаат добра причина за тоа. На пример, ако се Јеховини сведоци, ќе сакаат да бидеш во врска со некој што има исти верувања како твоите, но дури тогаш кога и двајцата ќе бидете доволно зрели да размислувате за брак.b Меѓутоа, немој да се чудиш ако некогаш почнеш да размислуваш:
◼ Мислам дека пропуштам нешто затоа што само јас не одам со никого.
◼ Ми се допаѓа некој што нема исти верувања како моите.
◼ Сакам да бидам во врска со некој соверник, иако сум премлад за брак.
Веројатно знаеш што би рекле твоите родители ако им кажеш вакво нешто, и длабоко во себе знаеш дека би биле во право. Сепак, можеби ќе се сложиш со Манами од Јапонија, која вели: „Околината толку те притиска да имаш дечко што понекогаш си мислам дека нешто не е во ред со мојот став. Денес, за младите е незамисливо да немаш дечко“. Некои што биле во слична ситуација почнале врска што ја држеле во тајност од своите родители. Како?
„Ни беше речено да не кажуваме на никого“
Самиот израз „тајна врска“ укажува на некаква измама. Некои успеваат да одат скришно така што комуницираат главно преку телефон или Интернет. За јавноста тие се само другари, но пораките што си ги праќаат на Интернет, СМС пораките и нивните телефонски разговори кажуваат нешто сосем друго.
Кејлеб од Нигерија ни кажува за уште една лукава тактика. Тој вели: „Некои што скришно одат, кога се во друштво, зборуваат во шифри и користат прекари за другите да не им го разберат муабетот“. Некои користат друга тактика — ќе договорат цела група да се собере некаде за да можат подоцна тие двајца да се одвојат и да бидат заедно. Џејмс од Британија вели: „Еднаш цела група млади бевме поканети да одиме на едно место, но тогаш сфативме дека сѐ било наместено за да можат двајца од групата да бидат заедно. Ни беше речено да не кажуваме на никого“.
Многу често, како што кажува и Џејмс, тајните врски се одржуваат со помош на пријателите. Керол од Шкотска вели: „Барем еден пријател знае што се случува, но свесно избира да не каже ништо затоа што не сака да биде ‚тужибаба‘“.
Честопати се кажуваат и бесрамни лаги. „Мнозина ја држат својата врска во тајност така што ги лажат родителите кога им кажуваат каде ќе одат“, вели Бет од Канада. Мисаки од Јапонија признава дека и таа го правела тоа. „Морав многу внимателно да смислувам лаги“, вели таа. „Освен за врската, внимавав да не ги излажам родителите за ништо друго за да не ја изгубам нивната доверба.“
Опасностите што ги носат тајните врски
Ако си на искушение да почнеш скришно да одиш со некого — или ако веќе го правиш тоа — размисли за следново:
◼ До каде ќе ме одведе лажењето? Имаш ли намера во догледно време да се венчаш со оној со кого си во врска? „Кога си во врска со некого а немаш намера да стапиш во брак, тоа е како да рекламираш нешто што немаш намера да го продадеш“, вели Еван од Соединетите Држави. Во Изреки 13:12 стои: „Од предолго исчекување се разболува срцето“. Дали навистина сакаш да придонесеш некој што ти значи да ‚се разболе во срцето‘?
◼ Што мисли Јехова Бог за она што го правам? Библијата вели дека „сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Значи, ако криеш дека одиш со некого — или дека некој твој другар скришно оди со некого — Јехова веќе го знае тоа. А, ако се вклучени и лаги, тогаш треба сериозно да се подзамислиш. Јехова Бог воопшто не го одобрува лажењето. Всушност, во Библијата ‚лажливиот јазик‘ е јасно наведен меѓу работите што му се одвратни на Јехова (Изреки 6:16-19).
Кога си во тајна врска, ја отфрлаш заштитата што би ја имал доколку отворено им ставиш до знаење на другите дека одиш со некого. Не е изненадување што некои кои се во тајна врска прават блуд. Џејн од Австралија кажува дека имала пријателка која скришно одела со еден дечко од училиште и водела двоен живот. „Кога татко ѝ откри дека има дечко, веќе беше бремена“, вели Џејн.
Ако си во некоја тајна врска, навистина би било добро да разговараш со своите родители или со некој зрел возрасен христијанин. А ако имаш некој пријател што скришно оди со некого, немој да му помагаш со тоа што ќе го криеш (1. Тимотеј 5:22). Зашто, како ќе се чувствуваш ако врската донесе лоши последици? Зарем нема и ти да бидеш делумно виновен? Да речеме дека некој твој пријател кој има дијабетес скришно јаде слатки. Што ќе направиш ако дознаеш за тоа, но пријателот те моли да не кажуваш никому? Што ќе ти биде најважно — да го криеш или да направиш нешто што може да му го спаси животот?
Истото важи и во случај да знаеш дека некој има тајна врска. Немој да се секираш дека засекогаш ќе си го расипеш пријателството! Со текот на времето, оној што ти е вистински пријател ќе сфати дека си му го мислел најдоброто (Изреки 27:6).
„Знаев што морам да направам“
Џесика, која ја спомнавме во почетокот, повеќе не сакала скришно да оди со Џереми кога чула што направила една друга христијанка што се нашла во слична ситуација. „Откако слушнав дека ја прекинала врската“, вели Џесика, „знаев што морам да направам.“ Дали на Џесика ѝ било лесно да раскине? Не! „Џереми беше единствениот дечко што некогаш ми се допаѓал“, вели таа. „Неколку седмици по ред, плачев секој ден.“
Сепак, Џесика знаела нешто друго — дека го сака Јехова и дека, и покрај тоа што за момент скршнала по лош пат, од срце сака да го прави она што е исправно. Со текот на времето, болката исчезнала. Џесика вели: „Сега сум поблиска со Јехова од кога и да е порано. Многу сум благодарна што тој во вистинско време ни ги дава советите што ни се потребни!“
[Фусноти]
a Некои имиња во оваа статија се сменети.
b Види ја статијата „Младите прашуваат... Кога може да започнам врска со некого?“ во Разбудете се! од јануари 2007.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Погледни ги уште еднаш трите реченици напишани со масни букви на 27. страница. Со која од нив најдобро би опишал како се чувствуваш понекогаш?
◼ Како можеш да го решиш проблемот без да одиш скришно со некого?
[Рамка на страница 28]
Тајна или приватност?
Ако некој не кажува дека има врска со некого, не мора секогаш да значи дека се работи за лажење. На пример, двајца млади, кои се на возраст кога може да размислуваат за брак, сакаат да се запознаат подобро, но за некое време сакаат да задржат приватност. Тие можеби, како што вели Томас, „не сакаат другите да ги задеваат со прашања како што е ‚Кога ќе биде свадбата?‘“
Големиот притисок од другите може да биде доста штетен (Песна над песните 2:7). Затоа, кога ќе ја започнат врската, некои двојки со право сакаат да бидат дискретни — но во исто време треба да внимаваат да не се одделуваат од другите (Изреки 10:19). „Тоа им дава можност на двајцата да решат дали се сериозни за врската“, вели 20-годишната Ана. „Ако се, тогаш ќе можат да им кажат и на другите.“
Во исто време, би било погрешно да криеш дека си во врска од оние што имаат право да знаат за неа, на пример, родителите. Ако не сакаш отворено да им кажеш за врската, добро е да се запрашаш зошто е тоа така. Дали се работи за нешто слично како кај Џесика која беше спомната во почетокот? Дали длабоко во себе знаеш дека твоите родители би имале добри причини да се противат на твојата врска?
[Рамка на страница 29]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
Откако ја прочитавте статијата, сигурно се прашувате: „Дали син ми или ќерка ми би имале врска зад мој грб?“ Види што рекоа за Разбудете се! повеќемина млади кога ги прашавме зошто некои може да ги привлекува идејата да бидат во тајна врска. Потоа размисли за прашањата што се наведени.
◼ „Некои тинејџери не добиваат поддршка дома, па затоа одлучуваат да си најдат дечко или девојка на кого ќе можат да се потпрат“ (Венди).
Како можеш ти, како родител, да се погрижиш да бидат задоволени емоционалните потреби на твоите деца? Дали можеби треба да смениш нешто за да се подобриш во овој поглед? Што би било тоа?
◼ „Кога имав 14 години, еден ученик што преку размена на студенти беше дојден од друга земја ме праша да му бидам девојка. Се согласив. Си мислев дека би било убаво да имам дечко кој ќе ме земе в прегратка“ (Дајана).
Да беше Дајана твоја ќерка, што ќе направеше ти за да го решиш проблемот?
◼ „Со мобилните телефони многу е лесно да одржуваш тајна врска. Родителите немаат поим што се случува!“ (Анета).
Кои мерки на претпазливост можеш да ги преземеш во врска со мобилните телефони?
◼ „Многу е лесно да имаш тајна врска кога родителите не обрнуваат многу внимание на тоа што прават нивните деца и со кого“ (Томас).
Што можеш да направиш за да бидеш повеќе вклучен во животот на твоето дете, но сепак да му оставиш доволно слобода?
◼ „Родителите често не се дома или, пак, имаат преголема доверба кога ги пуштаат децата да одат на разни места со други луѓе“ (Николас).
Размисли за најдобриот другар на твоето дете. Знаеш ли што прават кога се заедно?
◼ „Некои може да почнат тајна врска затоа што нивните родители се претерано строги“(Пол).
Без да ги кршиш библиските закони и начела, што можеш да направиш за ‚твојата разумност да им биде позната на сите луѓе‘? (Филипјаните 4:5).
◼ „Како тинејџерка имав многу мала самопочит и копнеев по внимание. Почнав да му праќам e-mail пораки на еден дечко од соседното собрание и се заљубив во него. Тој правеше да се чувствувам посебна“ (Линда).
Знаеш ли некој подобар начин на кој Линда можела да си ја задоволи потребата дома?
Можеби би било добро оваа статија и оваа страница да ги искористиш следниот пат кога ќе зборуваш со син ти или со ќерка ти. Најдобар начин да нема тајни меѓу вас е ако искрено и отворено разговарате. Треба време и стрпливост за да сфатиш што му треба на еден млад човек, но трудот ќе се исплати (Изреки 20:5).