Чекор 4
Постави семејни правила и не отстапувај од нив
Зошто е важен овој чекор? Роналд Симонс, професор по социологија на Универзитетот во Џорџија (САД), вели: „Факт е дека децата подобро си поминуваат во животот кога имаат конкретни правила и кога знаат дека ќе добијат казна доколку не се држат за нив. Без тоа, почнуваат да мислат само на себе, стануваат себични и несреќни — а прават и сите други околу нив да се чувствуваат бедно“. Божјата реч едноставно вели: „Кој го сака [својот син], го казнува за да го поправи“ (Изреки 13:25, Превод на МПЦ).
Зошто е тешко: За да поставиш одредени граници во врска со тоа што смеат и што не смеат да прават децата, и потоа да не дозволиш да се преминат тие граници, потребно е време, труд и постојаност. А на децата, се чини, дека природно им доаѓа да ги пречекоруваат границите. Мајк и Соња, родители на две деца, вака го опишуваат тоа: „Децата се мали луѓе со свој ум и желби и со вродена склоност да грешат“. Мајк и Соња многу ги сакаат своите ќерки. Но, признаваат: „Понекогаш децата знаат да бидат тврдоглави и себични“.
Решение: Постапувај со децата онака како што Јехова постапувал со Израелците. Еден начин на кој им покажал дека ги сака бил со тоа што им поставил конкретни закони за кои очекувал да ги почитуваат (2. Мојсеева 20:2-17). Но, јасно им кажал и какви ќе бидат последиците ако ги прекршат тие закони (2. Мојсеева 22:1-9).
Можеби е добро да направиш список со семејни правила за кои децата ќе мора да се придржуваат. Некои родители предлагаат на тој список да има само неколку правила, да речеме, пет-шест. На децата ќе им биде полесно да се придржуваат и да запамтат неколку добро избрани правила. Освен правилата, запиши и кои се последиците ако некој ги прекрши тие правила. Потоа, спроведи ја казната, но гледај таа да биде разумна. Редовно разгледувајте ги правилата за да знаат сите — вклучувајќи ги и мама и тато — што точно се очекува од нив.
Ако некој ги прекрши правилата, треба веднаш да биде казнет, но казната нека биде извршена мирно, цврсто и доследно. Внимавај: ако си лут, почекај малку за да се смириш, па потоа изврши ја казната (Изреки 29:22). Но, не одложувај. Не прави компромиси. Во спротивно, детето ќе си мисли дека правилата и не се толку сериозна работа. Библијата вели нешто слично: „Бидејќи пресудата за зло дело не се извршува брзо, срцето на синовите човечки решително прави зло“ (Проповедник 8:11).
На кои други начини можеш да покажеш строгост, што ќе биде за доброто на твоите деца?
[Истакната мисла на страница 6]
„Кога ќе речете: ,Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе речете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘“ (Матеј 5:37).