Чекор 6
Имај разбирање за своето дете
Зошто е важен овој чекор? Децата сакаат и имаат потреба нивните родители, кои се најважните луѓе во нивниот живот, да знаат како се чувствуваат. Но, мала е веројатноста децата отворено да зборуваат со родителите ако тие никогаш немаат разбирање за нивните чувства. Може дури и да се случи децата да се посомневаат во своите чувства и да помислат дека не знаат да размислуваат со своја глава.
Зошто е тешко: Децата обично многу силно ги изразуваат своите мисли и чувства. Точно е дека некои работи што ги кажуваат децата ќе ги вознемират родителите. На пример, едно разочарано дете може да рече: „Смачено ми е од животот“.a Првата реакција на родителот можеби ќе биде: „Не зборувај глупости!“ Родителите можеби си мислат дека ако му речат на своето дете дека е можно да му се појават црни мисли или чувства, исто како да му рекле дека е добро да имаат такви мисли и чувства.
Решение: Држи се за библискиот совет да бидеш „брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Забележи дека Јехова Бог покажал разбирање за негативните чувства што ги имале некои негови верни слуги со тоа што дозволил да бидат запишани во Библијата (1. Мојсеева 27:46; Псалм 73:12, 13). На пример, кога трпел тешки искушенија, Јов рекол дека сака да умре (Јов 14:13).
Очигледно, Јов требало да поправи и да промени некои свои размислувања и чувства. Но, Јехова не ги негирал чувствата на Јов и не го спречил да зборува. Напротив, тој му укажал чест со тоа што стрпливо го слушал додека Јов му кажувал што му лежи на срце. Дури откако го сослушал, Јехова љубезно го поправил. Еден татко вели вака: „Штом Јехова ми дозволува во молитва да му кажам што ми лежи на срце, фер е и јас да им дозволам на моите деца да ми ги кажат своите позитивни и негативни чувства“.
Следниот пат кога ќе ти дојде да му кажеш на своето дете: „Не зборувај глупости“, сети се на познатото правило што го кажал Исус: „Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним“ (Лука 6:31). На пример, замисли си дека на работа некој бил груб со тебе или дека си се разочарал од нешто, можеби поради некој твој пропуст. Потоа одиш и му ги кажуваш своите чувства на некој близок пријател и му велиш дека веќе не можеш да издржиш на работа. Што би сакал да направи твојот пријател? Да ти каже дека не треба да мислиш така и дека сам си крив за проблемот? Или повеќе би сакал да ти рече: „Мора да ти е многу тешко. Ти бил тежок денот“?
Поголема е веројатноста и децата и возрасните да прифатат совет ако чувствуваат дека оној што им го дава вистински ги разбира и нив и проблемите што ги имаат. Божјата реч вели: „Срцето на мудриот ја прави разборита неговата уста и им додава уверливост на неговите усни“ (Изреки 16:23).
Што можеш да сториш за советот што ќе го дадеш да биде сфатен сериозно?
[Фуснота]
a Сфати ги сериозно своите деца кога ќе речат дека не им се живее повеќе.
[Истакната мисла на страница 8]
„Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“ (Изреки 18:13).