Чекор 7
Поучувај со пример
Зошто е важен овој чекор? Многу може да се научи од постапките на другите. Со зборовите честопати само пренесуваме информации. На пример, можеби родителите ќе им кажат на децата да ги почитуваат другите и да не лажат. Меѓутоа, ако самите тие се дерат еден на друг или на своите деца и лажат за да се извлечат од некои обврски, децата ќе научат дека е нормално возрасните да се однесуваат така. Писателот д-р Сал Севир вели дека „еден од најизразените начини на кои децата учат“ е кога ги имитираат родителите.
Зошто е тешко: Родителите не се совршени. Апостол Павле напишал: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). А за говорот, ученикот Јаков напишал: „Јазикот никој од луѓето не може да го скроти“ (Јаков 3:8). Освен тоа, не ретко се случува децата до крајност да ја испитаат стрпливоста на родителите. „Се чудев колку лесно можеа да ме извадат од такт“, вели Лери, татко на две деца, кој обично е смирен и знае да се контролира.
Решение: Труди се да бидеш добар — а не совршен — пример. А кога понекогаш ќе згрешиш, искористи го тоа за да ги поучиш децата. Крис, татко на две деца, вели: „Кога некогаш ќе им се развикав на децата или ќе донесев некоја лоша одлука што ги погодуваше и нив, ќе си ја признаев грешката и ќе се извинев. На тој начин моите деца научија дека и родителите грешат и дека сите треба да се поправаме“. Костас, кој беше спомнат претходно, вели: „Со тоа што им се извинував на децата кога ќе им се развикав, и тие научија дека треба да се извинат кога ќе направат некоја грешка“.
Јехова Бог вели: „Не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Ефешаните 6:4). Кога некој што има авторитет вели едно а прави друго, и децата се нервираат исто како возрасните, па дури и повеќе. Затоа, на крајот од секој ден би било добро да се прашаш: „Ако цел ден не сум кажал ни збор, што можеле да научат моите деца од моето однесување? Дали ги научиле истите работи за кои сакам да ги поучам кога разговарам со нив?“
[Истакната мисла на страница 9]
„Зарем ти, кој учиш други, не се учиш самиот себе?“(Римјаните 2:21).
[Слики на страница 9]
Ако родителот знае да се извини, и детето ќе научи да се извини