Опасност што го плаши секој родител
ХРИСТИНА и Симон се весел, среќен брачен пар и имаат паметно, здраво тригодишно синче за кое добро се грижат.a Тоа не е лесно во денешниов свет. Родителите имаат многу грижи и одговорности. Треба да ги поучат децата за толку многу работи! Христина и Симон чувствуваат особена одговорност за една работа — да го заштитат своето дете од сексуално малтретирање. Зошто?
„Татко ми беше бездушен, гневен пијаница“, вели Христина. „Многу ме тепаше и сексуално нѐ малтретираше мене и моите помали сестри.“b Секој ќе се сложи дека таквото малтретирање може да остави длабоки емоционални лузни. Не е ни чудо што Христина и Симон се решени да го заштитат своето синче!
Многу родители се загрижени поради половите напади врз деца. Можеби и ти си загрижен. За разлика од Симон и Христина, ти лично можеби не си бил малтретиран, но сигурно си запрепастен што слушаш колку често се случуваат такви гнасни работи. Родителите во целиот свет се ужаснати кога гледаат што им се случува на деца во нивното соседство.
Не изненадува тоа што еден професор што го истражува сексуалното малтретирање рече дека половиот напад врз дете е „еден од најстрашните изуми на нашето време“. Ова навистина е лоша вест, но дали човек треба да биде изненаден? Не, ако ја познава Библијата. Божјата реч објаснува дека живееме во тежок период наречен „последните денови“, време во кое луѓето се „сурови“, „себељубиви“ и „бесчувствителни кон другите“ (2. Тимотеј 3:1-5).
Проблемот со сексуалното малтретирање поприма алармантни размери. Некои родители се згрозуваат кога ќе помислат до кој степен се злобни луѓето што сексуално злоупотребуваат деца. Но, дали овој проблем е премногу голем за да можат родителите да се справат со него? Или, пак, има некои практични чекори што можат да ги направат за да си ги заштитат децата? Овие прашања ќе бидат разработени во следните статии.
[Фусноти]
a Имињата во овие статии се сменети.
b Сексуално малтретирање на дете е кога возрасно лице злоупотребува дете за да си ги задоволи своите сексуални желби. Во тоа честопати спаѓаат работи што во Библијата се наречени блуд, или порни́а, како што се допирање на половите органи, полов однос и орален или анален секс. Некои други постапки, како што се милување на градите, отворени предлози за секс, прикажување порнографски материјали на дете, воајерство и покажување на половите органи може да се вбројат во она што Библијата го осудува како „бесрамност“ или ‚лакомо да се врши нечистотија‘ (Галатите 5:19-21; Ефешаните 4:19).