Семејството — безбедно засолниште
„БЕСЧУВСТВИТЕЛНИ.“ Вака се опишани во Библијата повеќето луѓе од нашево време, кое е наречено „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1, 3, 4). Бројот на деца што се сексуално малтретирани во семејството поприма невидени размери, што е уште еден силен доказ за вистинитоста на ова пророштво. Всушност, изворниот грчки збор аʹсторгос, кој на македонски е преведен со „бесчувствителни“, укажува на недостиг на љубов што треба да ја има меѓу членовите на семејството, особено љубовта меѓу родителите и децата.a Многу често, ова води до случаи на сексуално малтретирање во семејството.
Некои истражувачи велат дека најчесто полов напад врз децата вршат татковците или очувите. Често се случува тоа да биде и некој роднина. Иако почесто жртви се девојчињата, и многу момчиња се злоупотребувани. Не е ретко и жена да злоупотребува деца. Веројатно најретко се известува инцестот меѓу брат и сестра. Во тие случаи, обично постарото или посилното дете го присилува или го заведува помалото или послабото дете да имаат полови односи. Како родител, сигурно ти се гади кога слушаш вакви работи.
Што можеш да направиш за да не дозволиш вакво нешто да се случи во твоето семејство? Секој член во семејството треба да знае и да почитува одредени начела кои не дозволуваат да дојде до малтретирање. Најдобриот извор на такви начела е Божјата реч, Библијата.
Божјата реч и физичките контакти
За да биде безбедно, секое семејство треба да ги следи моралните мерила од Библијата. Библијата отворено се изјаснува кога станува збор за половите односи. Тоа го прави на достоинствен, но сепак отворен и јасен начин. Од неа се гледа дека намерата на Бог била половите односи да им бидат на радост на сопругот и сопругата (Изреки 5:15-20). Меѓутоа, во неа се осудени сите полови односи надвор од бракот. На пример, Библијата отворено зборува против инцестот. Во 18. поглавје од 3. Мојсеева е наведена забрана за голем број инцестни врски. Обрни внимание на овие зборови: „Никој од вас да не му се приближува на својот близок крвен роднина за да ја открие неговата голотија [за да има полови односи]. Јас сум Јехова“ (3. Мојсеева 18:6).
Јехова ги вброил инцестните врски меѓу ‚гнасотиите‘ што се казнувале со смрт (3. Мојсеева 18:26, 29). Очигледно, Творецот има многу високи мерила во врска со оваа работа. Денес, многу влади имаат сличен став и имаат донесено закони со кои сексуалното малтретирање на деца во семејството се смета за кривично дело. Честопати, доколку некој возрасен имал полови односи со дете, законот тоа го смета за силување. Зошто се користи овој силен збор, ако немало никаква присила?
Многу власти почнуваат да го сфаќаат она што Библијата отсекогаш го кажувала за децата — дека тие не размислуваат како возрасните. На пример, во Изреки 22:15 пишува: „Глупоста е приврзана за срцето на детето“. Апостол Павле, воден од светиот дух, напишал: „Кога бев дете... размислував како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отфрлив детинското“ (1. Коринќаните 13:11).
Едно дете не може потполно да го разбере половиот однос, ниту пак, може да ги сфати последиците што ќе ги претрпи подоцна. Затоа, сите се согласуваат дека децата не се способни присебно да се согласат да имаат полови односи со некого. Со други зборови, ако еден возрасен човек (или доста постаро дете) има полови односи со дете, не може како изговор да рече дека детето не се противело или дека и детето го сакало тоа. Возрасното лице е виновно за силување. Тоа е кривично дело, кое често се казнува со затворска казна. Силувачот е виновен за силувањето, а не жртвата.
Но, за жал, денес повеќето такви злосторства поминуваат неказнето. На пример, според некои проценки, во Австралија само 10 отсто од сторителите излегуваат пред суд и само малкумина се осудени. И во другите земји ситуацијата е слична. Иако властите не можат да сторат многу за да ги заштитат, христијанските семејства можат во голема мера самите да се заштитат доколку се држат за библиските начела.
Вистинските христијани сфаќаат дека Бог, кој ги изнел тие начела во својата Реч, не се менува. Тој гледа сѐ што правиме, па дури и она што успеваме да го скриеме од другите. Библијата вели: „Сѐ е... откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13).
Бог нѐ смета за одговорни ако ги прекршуваме неговите заповеди и ги повредуваме другите. Од друга страна, тој нѐ благословува кога ги почитуваме неговите корисни заповеди во врска со семејниот живот. Кои се некои до нив?
Семејство што го обединува љубовта
Во Библијата читаме: „[Љубовта] совршено ве поврзува“ (Колошаните 3:14). Како што е опишано во неа, љубовта не е само чувство. Таа се гледа од начинот на кој нѐ мотивира — од однесувањето на кое нѐ поттикнува и работите што нѐ спречува да ги правиме (1. Коринќаните 13:4-8). Да се покажува љубов во семејството значи да се внимава на достоинството на секој член, да се покажува почит и да се биде љубезен. Тоа значи да се живее во склад со Божјето гледиште за секој член од семејството. Бог на секого му дава ценета и важна улога.
Како поглавар на семејството, таткото треба да биде пример за љубов. Нему му е јасно дека, иако како маж има извесни предности, тоа не му дава слобода да биде тиранин и да ја злоупотребува својата власт врз жената и децата. Напротив, тој го следи примерот што Христос им го оставил на поглаварите (Ефешаните 5:23, 25). Затоа е внимателен со својата жена и ѝ покажува дека ја сака, а со своите деца е стрплив и нежен. Тој постојано се грижи да бидат заштитени и дава сѐ од себе за да не се случи нешто што би можело да им ги одземе мирот и беспрекорноста, или поради што ќе ја изгубат довербата и нема да се чувствуваат безбедно.
И жената има улога која е многу важна и ценета. Во Библијата заштитничката моќ на Јехова и Исус е споредена со заштитничкиот инстинкт на мајките во животинскиот свет (Матеј 23:37). Секоја мајка треба да е цврсто решена да ги заштити своите деца. Мајчинската љубов ја тера секогаш да го стави доброто на децата пред своето. Ниту едниот ниту другиот родител нема да си дозволи другите од семејството да се плашат од него, физички да ги малтретира или грубо да се расправа со нив. Не дозволуваат ни децата да постапуваат така меѓу себе.
Кога сите во семејството се почитуваат и се љубезни едни со други, меѓу нив има добра комуникација. Писателот Вилијам Прендергаст вели: „Сите родители треба секој ден, редовно и отворено да разговараат со своите деца“. Тој уште вели: „Се покажало дека ова е најдоброто решение за проблемот со сексуалното малтретирање“. И Библијата ги поттикнува родителите да го прават потполно истото, редовно отворено и искрено да разговараат со своите деца (5. Мојсеева 6:6, 7). Кога се следи овој совет, домот станува место каде што секој може слободно да си каже што му лежи на срце.
Точно е дека живееме во злобен свет и дека и понатаму ќе има случаи на сексуално малтретирање. Но, многу помага ако барем дома можеме да се чувствуваме сигурни. Што и да доживее некој од семејството надвор од дома, знае каде точно да побара утеха и разбирање. Семејството може да биде како гнездо, безбедно засолниште во овој немирен свет. Бог нека ги благослови вашите напори да го направите и своето семејство такво место!
[Фуснота]
a Овој стар грчки збор се дефинира како: „Бесчувствителен кон семејството“. Затоа, во една Библија овој стих е преведен: „Нема да чувствуваат нормална љубов кон семејството“.
[Рамка/слика на страница 10]
ПРЕДЛОЗИ ЗА БЕЗБЕДЕН ДОМ
Интернет: Ако твоите деца имаат пристап до Интернет, поучи ги на кои работи да внимаваат. Има безброј порнографски страници, чет-линии и други страници за дружење кои педофилите ги користат за да ги заведат децата. Мудро е компјутерот да стои на место каде што родителите ќе можат лесно да следат за што го користат децата. Без присуство и дозвола од родителите, децата никогаш не смеат да даваат лични податоци или да се договараат да се сретнат со некого што го запознале на Интернет (Псалм 26:4).
Алкохол: Во многу случаи, полов напад врз дете бил извршен од некој што бил пијан. Искуствата покажуваат дека возрасните што пијат прекумерно често потешко се контролираат — под дејство на алкохол некои може да им попуштат на желбите кои инаку би ги потиснале. Во секој случај, ова е уште една причина зошто треба да се почитува библискиот совет да не се претерува со пиењето (Изреки 20:1; 23:20, 31-33; 1. Петрово 4:3).
Приватност: Една жена раскажува: „Кога почина мајка ми, само татко ми имаше врата на собата и завеси на прозорците. Нам не ни оставаше ни малку приватност — дури ни во бањата“. Овој човек ги злоупотребувал своите ќерки. Секој член во семејството треба да сфати колку е важна приватноста. Како што понекогаш на родителите им треба да бидат сами без децата, така и на децата им треба соодветна мера приватност додека растат. Мудрите родители постапуваат со другите онака како што сакаат да се постапува и со самите нив (Матеј 7:12).