Бајкал — најголемото езеро во светот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РУСИЈА
МОНГОЛСКИТЕ племиња кои живееле во далечните предели што денес се познати како јужен Сибир, со векови сметале дека ова езеро е свето. Иако многу езера имаат поголема површина, ова е најдлабокото слатководно езеро во светот и содржи многу повеќе вода од другите. Едно од имињата на ова езеро што останале до ден-денес е „Бајкал“, збор што можеби значи „големо езеро“, или „море“. Всушност, езерото е „толку големо и немирно“ што тамошните морнари понекогаш знаат да кажат дека отпловуваат „на море“.
Бајкалското Езеро зазема посебно место во срцето на Русите. Еден научник од Москва го нарекол „прекрасна песна што сите [Руси] ја знаат од мали“. Оваа песна ја красат многу „ноти“ — волшебните крајбрежја, неверојатно бистрата вода и богатиот животински свет што не може да се најде на ниедно друго место.
Гледано од вселената, Бајкалското Езеро — кое е долго 636 и широко најмногу 80 километри — изгледа како полузатворено сино око. Тоа содржи повеќе од една петтина од сета слатка вода во светот, што значи дека има повеќе вода од сите пет Големи Езера во Северна Америка! Бајкалското Езеро е подлабоко од еден и пол километар. Кога ненадејно би се исушило, сите реки во светот би требало да се влеваат цела година во него за повторно целото да се наполни!
Судир на континенти
Според геолозите, многу одамна, еден потконтинент што пловел кон север удрил во Азија. При ударот, површинскиот слој на земјата се набрал и се кренал нагоре како да е алуминиумска фолија. Така настанале Хималаите. Некои мислат дека судирот на континентите предизвикал проширување на голем број длабоки раседи во Сибир. Еден од нив е Бајкалскиот Расед. Со текот на времето, водата од врнежите што паѓале на околните планини го пополнила овој расед со талог дебел 7 километри. Остатокот бил дополнет со вода и така настанало Бајкалското Езеро. Сега во езерото се влеваат повеќе од 300 реки, но само една, реката Ангара, истекува од него.
За разлика од повеќето стари езера во светот, Бајкалското Езеро не се наполнило со талог ниту, пак, било претворено во мочуриште. Според научниците, причината за тоа е раздвојувањето на тектонските плочи под езерото, поради што овој процеп сѐ уште се шири. Па така, наместо со текот на времето да се пополни со талог, секоја година езерото станува сѐ подлабоко и подлабоко! Поради движењето на овие плочи, од дното на езерото бликаат силни млазови врела вода.
Што се крие во длабочините на Бајкалското Езеро
Некои ги фаќа страв кога со чамец минуваат по средината на Бајкалското Езеро, бидејќи таму водата е толку бистра што јасно може да се гледа до длабочина од 50 метри — исто како да гледаш низ воздух! Еден вид ситни ракчиња наречени epischura служат како филтри на езерото. Тие го прочистуваат од алгите и бактериите кои ја заматуваат водата во другите езера. Во тоа им помагаат голем број слатководни ракови кои постојано врват низ езерото и се хранат со органскиот отпад кој инаку полека би се распаѓал. Затоа, водата е толку чиста што, примерокот кој беше земен за анализа пред дваесетина години се загади од стаклениот сад!
Освен што е кристално бистра, водата во Бајкалското Езеро изобилува со кислород, а ова е вистинска реткост. Во некои длабоки езера има кислород само до одредена длабочина, поради што поголемиот дел од подводниот свет живее во релативно плитка вода. Меѓутоа, во Бајкалското Езеро има подводни хоризонтални и вертикални струи што го спуштаат кислородот и до најдлабоките делови од езерото и темелно ја мешаат водата. Затоа целото езеро врие од живот.
Под чистата, студена вода расте вистинска џунгла. Разгранети како корали, зелените сунѓери им се прибежиште на голем број ситни подводни жители. Многу организми на кои им годи топлина се собираат околу изворите со топла вода. Од вкупно 2.000 и повеќе водни суштества што живеат во езерото, 1.500 можат да се најдат само во ова езеро.
Бајкалското Езеро е познато по белицата, т.е. бајкалскиот омул. Оваа вкусна арктичка бела риба им е омилен улов на рибарите. Другите животинки што живеат во ова езеро би можеле да се опишат како необични, па дури и чудовишни. Еден вид сплескани црви, кои можат да бидат подолги од 30 сантиметри, се хранат со риби. А помеѓу зрнцата песок живеат дури и едноклеточни организми! Езерото е познато и по голомјанката која не може да се ја најде на ниедно друго место. Тоа е можеби најчудната риба во Бајкалското Езеро.
Таа е ситна, делумно проѕирна риба што се прелева во боите на виножитото. Живее во близина на езерското дно и не се мрести, туку раѓа целосно оформени младенчиња. Една третина од нејзиното тело го сочинуваат масти богати со витамин А. Иако може да го издржи огромниот притисок на водата на длабочина од 200 до 450 метри, ако се изложи на сончева светлина, телото ѝ се топи и на крајот остануваат само коските и салото. Голомјанката ѝ е омилен деликатес на можеби најпознатата жителка на Бајкалското Езеро — бајкалската фока — единствената слатководна фока во светот.
Годишни времиња
Секоја година, во период од околу пет месеци, Бајкалското Езеро лежи оковано во мраз. До крајот на јануари, мразот станува подебел од еден метар. На него се гледаат шари кои потсетуваат на мозаик што светка на сонцето како прозорско стакло. Човек може да се излаже дека мразот е многу тенок — толку е проѕирен што, ако одите по него, би можеле да ги видите карпите на дното. Но, обично мразот е неверојатно цврст. Зимата 1904/1905 год., за време на војната меѓу Русија и Јапонија, руската војска поставила шини врз мразот по кои успешно поминале 65 локомотиви!
Од крајот на април до јуни, мразот се крши со громогласни татнежи. Оваа бучава што постојано се слуша од езерото е дел од сезонската „песна на мразот“ која им е добро позната на тамошните жители. Природонаучникот Џералд Дурел напишал дека „мразот ѕвечи како мали чинели и преде како маченца во кошница“. Наскоро, како што времето се стоплува, ветровите и брановите постепено го собираат во блескави купови и го исфрлаат на брегот.
Откако замрзнатата површина ќе се стопи, птиците се враќаат. Некои од овдешните птици, на пример, водениот ќос, т.е. нуркачот, ја поминуваат зимата онаму каде што истекува реката Ангара — единственото место од езерото што никогаш не замрзнува. Кога ќе се стопли, тие се мешаат со другите водни птици, како што се патките, гуските, лебедите пејачи и сивите чапји.
Туристите што доаѓаат во јуни можат да видат како цели семејства мечки тромо се влечкаат по брегот во потрага по ларви од муви кои се ројат на карпите. Додека со сласт ги лижат инсектите, мечките воопшто не обрнуваат внимание на брмчењето околу нив. Ваквата богата гозба привлекува многу животни и птици кон брегот во ова време од годината.
Во текот на раната пролет и на лето, езерото добива зелена боја поради алгите кои цветаат за кратко време и им служат како храна на ситните ракчиња. Но, ако го погледнете откај брегот, Бајкалското Езеро обично има тиркизна, а на подлабоките места и темносина боја каква што имаат океаните.
Крајбрежјето го разубавуваат песочни дини и величествени гребени. Од многуте живописни заливи и ’ртови се простира глетка што едноставно плени со својата убавина. Еден писател ја опишал како „пространство со нежен бисерен сјај чиј изглед никогаш не останува ист“ — пејзаж од вода и небо што постојано се менува.
При крајот на годината, езерото честопати го зафаќа бура. Наесен, над него се спуштаат ветрови што можат да бидат силни како ураган. За кратко време, мирните води можат да прераснат во разбеснети бранови високи и до 6 метри. Познато е дека ветровите можат да потопат големи патнички бродови и рибарски чамци и во други периоди од годината.
Земја на многу пејзажи
Бидејќи во Сибир владее сурова клима, можеби си мислиме дека Бајкалското Езеро е еден студен, осамен џин. Но, напротив — насекаде има изобилство од жив свет и прекрасни пејзажи. На четирите величествени планински венци околу езерото живеат ирваси и сибирски планински кози на кои им се заканува опасност да бидат истребени.
Во пониските места има степи. Некои од овие тревни рамнини со право можат да се наречат сибирски цветни градини, бидејќи на нив растат најразлични диви цвеќиња. Грациозниот азиски жерав и големата дропла, најголемата птица во Азија, спаѓаат меѓу ретките степски птици.
Тајгата, т.е. појасот од густа зимзелена шума што расте околу Бајкалското Езеро, е многу значајна за него. Таа е двапати поголема од амазонските прашуми во Бразил и, слично на нив, игра пресудна улога во одржувањето на глобалната еколошка и климатска стабилност. Овде може да се најдат најразлични птици, меѓу кои и дивиот петел, еден вид тетреб познат по своето величествено парадирање при додворувањето и по својата песна. Честа посетителка на езерото е и отмената бајкалска дива патка прикажана на 17. страница.
Внимание заслужува и еден познат цицач наречен баргузински самур. Во минатото, поради своето сјајно крзно, ова животно било постојана мета на безмилосните ловци, но благодарение на поборниците за заштита на животната средина неговата бројност повторно се зголемува. Со цел да се заштитат овие прекрасни суштества, во 1916 год., на бреговите на Бајкалското Езеро беше основан Природниот резерват Баргузин. Моментално постојат три природни резервати што излегуваат на езерото, како и три национални паркови отворени за јавноста.
Длабокото езеро — одраз на длабока мудрост
Бајкалското Езеро се наоѓа на списокот на светското наследство на УНЕСКО и е популарно туристичко место. Секоја година, овде навраќаат повеќе од 300.000 туристи од целиот свет. Во еден туристички проспект стои дека „Бајкалското Езеро денес е вистински рај за природонаучниците и идилично место за одмор. Бидејќи има прекрасни плажи, многу места во кои можат да уживаат љубителите на птици, како и оние што сакаат да пешачат и да се возат со чамец, Бајкалското Езеро има добри шанси да стане едно од најомилените туристички места во Азија“.
Езерото го тера човек длабоко да размислува за Божјата неспоредлива мудрост и за величественоста на Неговото творештво. Само Бог можел да ги создаде природните процеси што овозможуваат толкаво изобилство на жив свет во ова прекрасно езеро! Оној што стои на брегот на Бајкалското Езеро не може а да не се сложи со зборовите на еден библиски писател, кој извикал: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење!“ (Римјаните 11:33).
[Рамка/слика на страници 16 и 17]
ФОКА ШТО ЖИВЕЕ САМО ВО СЛАТКА ВОДА
Во Бајкалското Езеро има десетици илјади бајкалски фоки, кои во текот на целата година се хранат со рибите што живеат на поголема длабочина. Не е познато зошто овој вид фока го има само во Сибир. Нејзината најблиска роднина живее на оддалеченост од околу 3.200 километри.
Таа има прилично големи очи кои се многу блиску едно до друго на нејзиното рамно лице. Ова е најмала фока во светот — не е подолга од еден и пол метар. Наместо да се касаат и да се туркаат како повеќето други фоки, тие честопати заедно се сончаат на карпите во пријателска атмосфера. Најверојатно мирната бајкалска фока е најкротката фока во светот.
Според еден стручњак за фоки, бајкалската фока „е попитома дури и од мирната Phoca hispida бидејќи не ги каса оние што ќе ја уловат во мрежа за да вршат научни истражувања“. Во една книга се наведува што се случило кога неколку нуркачи им се приближиле на фоки што спиеле во водата. Тие велат дека фоките не се разбудиле кога ги допреле, па дури и кога ги превртиле.
[Извор на слика]
Dr. Konstantin Mikhailov/Naturfoto-Online
[Рамка/слика на страница 18]
МЕСТО НА ИЗГНАНСТВО
Во периодот меѓу 1951 и 1965 год. многу Јеховини сведоци беа протерани во близина на Бајкалското Езеро бидејќи одбија да се откажат од своите верски убедувања. Во 1951 год., Прасковја Волосјанко била префрлена на Олхон — најголемиот остров во Бајкалското Езеро. За да преживее, морала напорно да работи ловејќи риби со мрежи заедно со другите Сведоци што биле протерани таму. Но, успеала да најде начин да „лови“ и поинаков вид „риби“ со помош на Библијата, со тоа што им ја пренесувала добрата вест за Божјето Царство на многу жители на Олхон.
Во 1953 год., Прасковја и шест други Сведоци биле уапсени бидејќи проповедале, а таа добила 25-годишна затворска казна. Откако била пуштена од затвор, продолжила верно да служи во собранието во Усолје-Сибирско, во областа Иркутск, сѐ до својата смрт во 2005 год. Моментално, во областа околу Бајкалското Езеро и во градот Иркутск, кој се наоѓа во близина, има триесетина собранија на Јеховините сведоци.
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
РУСИЈА
Бајкалско Езеро
[Слика на страници 16 и 17]
Бајкалското Езеро и Сајанските Планини
[Извор на слика]
© Eric Baccega/age fotostock
[Слика на страница 17]
Бајкалска дива патка
[Извор на слика]
Dr. Erhard Nerger/ Naturfoto-Online
[Извор на слика на страница 15]
Dr. Konstantin Mikhailov/Naturfoto-Online
[Извори на слики на страница 18]
© Eric Baccega/age fotostock; Boyd Norton/Evergreen Photo Alliance