Каков став кон жените имаат Бог и Христос?
ОД КАДЕ да знаеме каков став кон жените има Јехова Бог? Еден начин е да видиме каков став имал Исус Христос и како се однесувал тој кон нив, бидејќи Исус „е сликата на невидливиот Бог“, и од неговите постапки совршено се гледа какво мислење има Бог (Колошаните 1:15). Од односот на Исус кон жените во тоа време забележуваме дека тој и Јехова ги почитуваат жените и се против тоа некој да ги малтретира, како што е вообичаено во многу земји денес.
Да го земеме за пример разговорот на Исус со една жена што дошла на бунар. Според Евангелието по Јован, ‚една Самарјанка дошла да нацрпи вода‘. Тогаш Исус ја замолил: „Дај ми да пијам“. Бил спремен да разговара во јавност со една Самарјанка, и покрај тоа што повеќето Евреи не сакале ни да ги видат Самарјаните. Според The International Standard Bible Encyclopedia, за Евреите било „особено неприфатливо маж да разговара со жена на јавно место“. Меѓутоа, Исус имал почит и обѕир кон жените и немал никакви предрасуди ниту поради расата ниту поради полот. Напротив, Самарјанката била првата што лично од Исус дознала дека тој е Месијата (Јован 4:7-9, 25, 26).
Во друга прилика, на Исус му пришла жена која 12 години страдала од крвавење — непријатна и мачна болест. Кога го допрела, веднаш оздравела. ‚Исус се свртел и ја видел, па рекол: „Биди храбра, ќерко. Твојата вера те оздраве“‘ (Матеј 9:22). Според Мојсеевиот закон, жена што крвавела не смеела ни да се меша со луѓе, а камоли да се допре до нив. Сепак, Исус не ѝ одржал лекција, туку сочувствително ја утешил и ја нарекол „ќерко“. Колку мора да ѝ олеснило кога ги чула тие зборови! И колку среќен мора да бил Исус што ја излекувал!
Откако воскреснал, Исус најпрво им се појавил на Марија Магдалена и на уште една жена, која во Библијата е наречена „другата Марија“. Исус можел прво да му се појави на Петар, или на Јован, или на некој друг маж меѓу неговите ученици. Но наместо тоа, тој ги удостоил жените да бидат првите очевидци на неговото воскресение. Тогаш еден ангел ги испратил тие жени да им кажат за овој чудесен настан на мажите кои биле ученици на Исус. Потоа и Исус им рекол: „Одете, кажете им на моите браќа“ (Матеј 28:1, 5-10). Во тоа време, повеќето Евреи сметале дека една жена не може да биде сведок на суд за што и да било, но врз Исус воопшто не влијаеле таквите предрасуди.
Од ова гледаме дека Исус ни најмалку немал негативен став кон женскиот род и со ништо не го одобрувал машкиот шовинизам. Напротив, покажал почит и ценење кон жените. Неговите учења се апсолутно против насилство врз понежниот пол, и можеме да бидеме сигурни дека неговиот став совршено покажува каков став има и неговиот Татко, Јехова.
Жени кои биле згрижени од Бог
„Во старо време, никаде на Медитеранот или на Блискиот Исток на жените не им била дадена таква слобода каква што уживаат во современото западно општество. Обично, жените им биле подредени на мажите, исто како што робовите им биле подредени на слободните, а младите на старите... Машките деца биле поценети од женските, а женските новороденчиња понекогаш биле оставани надвор за да умрат од ладно.“ Така се опишани во еден речник на библиски зборови ставовите што луѓето во тоа време ги имале кон женскиот пол. Многу често жените биле ставени речиси на исто ниво со робовите.
Библијата била пишувана во време кога ваквите предрасуди се огледувале во народните обичаи. И покрај тоа, Божјиот закон, запишан во Библијата, за разлика од повеќето други древни култури, покажува високо ценење за жените.
Јехова повеќе пати сторил нешто за да им помогне на своите слугинки, и така покажал дека е заинтересиран за доброто на жените. Два пати се вмешал во работите и не дозволил Сара, убавата жена на Авраам, да биде обесчестена (1. Мојсеева 12:14-20; 20:1-7). Бог се смилувал на Лија, која не била многу сакана од својот сопруг Јаков, па ‚ѝ ја отворил материцата‘, и таа родила син (1. Мојсеева 29:31, 32). А двете богобојазливи бабици во Египет, кои си го ризикувале животот за да ги спасат машките деца на Израелците, Јехова од ценење ‚ги дарувал со семејства‘ (2. Мојсеева 1:17, 20, 21). Исто така, одговорил на молитвата на Ана (1. Самоилова 1:10, 20). Уште еден случај е вдовицата на пророкот кај која дошол заемодавецот и сакал да ѝ ги земе за робови децата затоа што не можела да си го отплати долгот. Ниту неа Јехова не ја оставил на цедило. Од љубов, му дал моќ на пророкот Елисеј да го умножи маслото што го имала за да може со него да го отплати долгот и уште да ѝ остане доволно за дома. На тој начин, таа си го зачувала семејството и својата чест (2. Мојсеева 22:22, 23; 2. Царевите 4:1-7).
Пророците честопати го осудувале искористувањето на жените и насилството врз нив. Пророкот Еремија, во Јеховино име, им рекол на Израелците: „Спроведувајте правда и покажувајте праведност, и избавете го опљачканиот од раката на пљачкашот! Не малтретирајте ги дојденецот, детето без татко и вдовицата! Не угнетувајте ги! И не пролевајте невина крв на ова место!“ (Еремија 22:2, 3). И пред тоа, богатите и влијателните во Израел биле осудени поради тоа што ги истерувале жените од нивните куќи и им ги малтретирале децата (Михеј 2:9). Богот на правдата ги гледа и ги осудува сите што им нанесуваат страдање на жените и на нивните деца.
‚Вредната жена‘
Писателот на книгата Изреки уште во старо време покажал кој е исправниот став кон вредните жени. Овој убав опис на улогата и положбата на жената е дел од Божјата реч, што покажува дека и Јехова го мисли истото. Таквата жена ни најмалку не била угнетувана или презирана, туку ценета, почитувана и уважувана.
‚Вредната жена‘ од Изреки, 31. поглавје, е опишана како марлив и неуморен работник. Таа „со задоволство“ работи напорно, се занимава со трговија на облека, па дури и на имот. Знае која нива вреди, и ја купува. Прави облека, и ја продава. Им дава појаси на трговците. Енергична е и постојано работи. Освен тоа, многу е почитувана затоа што е мудра и добра. Поради сето тоа, високо ја ценат сопругот, синовите и, што е најважно, Јехова.
Жените не би требало да бидат угнетувани жртви на мажите, кои ги искористуваат, ги малтретираат и ги злоупотребуваат на различни начини. Наместо тоа, мажените жени треба да бидат среќни и вешто да го надополнуваат својот сопруг (1. Мојсеева 2:18).
Почитувајте ги
Кога им напишал на оженетите христијани како да се однесуваат кон своите жени, вдахновениот Петар ги поттикнал да покажат ист став како Јехова и Исус Христос. Според 1. Петрово 3:7, им заповедал да ги почитуваат. Ако некој почитува некого значи дека има високо мислење за него. Според тоа, мажот што ја почитува својата жена не е насилен кон неа, не ја понижува и не ја омаловажува. Наместо тоа, со зборови и со дела — и јавно и приватно — покажува дека ја сака и се грижи за неа.
Сопругот што ја почитува својата сопруга придонесува бракот да им биде среќен. Да ги земеме за пример Карлос и Сесилија. По извесно време во брак, почнале често да се караат и никако не можеле да се разберат. Понекогаш, без никаква причина, не зборувале. Не знаеле како да ги решат проблемите. Тој бил насилен, а таа, пак, горда и од сѐ незадоволна. Меѓутоа, кога почнале да ја проучуваат Библијата и да го применуваат тоа што го научиле, ситуацијата се свртела на подобро. Сесилија вели: „Увидов дека учењата и примерот на Исус ме променија и мене и мојот сопруг. Благодарение на Исусовиот пример, станав попонизна и пообѕирна. Научив, исто како Исус, да барам во молитва помош од Јехова. Карлос научи да биде попопустлив и повеќе да се самосовладува, и така да ја почитува својата жена како што сака Јехова“.
Нивниот брак не е совршен, но го има положено испитот на времето. Во последниве години се борат со сериозни проблеми — Карлос е отпуштен од работа и зад себе има операција од рак. Но тие проблеми не го разнишале нивниот брак, туку го прават уште поцврст.
Уште од времето кога човекот станал несовршен, со жените во многу култури се постапува без почит. Тие се физички, психички и сексуално злоупотребувани. Но, Јехова немал намера да биде така. Библијата јасно покажува дека, независно од ставот на мнозинството, сите треба да ги почитуваат и да ги ценат жените. Тоа право го добиле од Бог.
[Слика на страници 4 и 5]
Самарјанката
[Слика на страници 4 и 5]
Болната жена
[Слика на страници 4 и 5]
Марија Магдалена
[Слика на страница 6]
Јехова двапати ја заштитил Сара
[Слика на страница 7]
Бракот на Карлос и Сесилија бил пред распаѓање
[Слика на страница 7]
Карлос и Сесилија денес