Кукли на оперската сцена
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРИЈА
„МУЗИКАТА беше прекрасна, но куклената техника беше фантастична! Марионетите можеа да ги доловат и најделикатните движења. Не сум видела такво нешто во ниедна друга куклена претстава!“
Дали станува збор за некоја куклена претстава за деца? Не. Верувале или не, со овие зборови една возрасна жена ја изразила својата одушевеност од една опера. Каде се изведува оваа необична опера? Во една многу поинаква оперска куќа во Салцбург (Австрија), родното место на познатиот композитор Моцарт.
Но, кај се чуло и видело дрвени кукли, нешто пониски од еден метар, да пеат во опера? Е, токму тоа го прават марионетите во Куклениот театар од Салцбург. Кога ќе почнат да танцуваат на сцената, просто ја пленат публиката пренесувајќи ја во светот на фантазијата и на музиката.
Преплет на реалност и фантазија
Присутните се во исчекување додека ја слушаат увертирата. Завесата се крева за да го најави првиот чин и... што ќе видат — дрвени марионети што се шетаат низ сцената и гестикулираат како да пеат арии! Некои од присутните се разочарани бидејќи ги гледаат конците што ги придвижуваат куклите. Освен тоа, нема простор за оркестарот. Невкусна им е и самата идеја живата музика да се замени со снимка од опера. Оние што редовно одат на опера, најверојатно си мислат: „Ова е ужас!“ Но, чекај малку! Без да забележи, публиката полека го менува своето мислење.
Штом ќе ги совладаат првобитните предрасуди, присутните сѐ повеќе ги освојува шармот на марионетите. Доаѓа до интересен преплет на реалноста и фантазијата. Повеќе не ги забележуваат свилените конци што ги оживуваат куклите. Гледачите се одушевени од претставата, но и од необичната идеја марионети да настапуваат во мала оперска куќа. Оваа замисла повеќе не изгледа апсурдна, а публиката брзо заборава дека марионетите се мртви предмети. Да, куклите имаат неверојатна способност да ги одушеват дури и најскептичните гледачи пренесувајќи ги во нивниот мал свет.
На сцената и зад неа
Она што се одвива зад кулисите е речиси исто толку интересно колку и самиот сценски настап. Вистинските мајстори се кукларите зад сцената — или, поточно кажано, над сцената — каде што е поставен мост од кој управуваат со куклите. Нивните вешти движења со рацете — кои потсетуваат на јазикот на глувонемите — прават куклите да пеат, да плачат, да се мечуваат во двобој или да се поклонуваат, баш како да се вистински оперски пејачи.
Весникот The New York Times објасни зошто оваа уметност е толку интересна: „Изведувачите зад сцената можат да толкуваат секакви улоги, сеедно на која возраст или од кој пол е ликот; ним им е потребно само едно — огромна вештина“. А вештината со која кукларите од Салцбург ги оживуваат своите марионети е просто неверојатна.
Марионети наместо неподвижни фигури
Куклениот театар од Салцбург бележи успех повеќе од 90 години — од 1913 год., кога оваа установа за првпат изведе една од оперите на Моцарт. Театарот го основал еден скулптор по име Антон Ајхер. Откако го испекол занаетот во Минхен, Ајхер почнал да изработува марионети кои можеле да изведат неверојатно прецизни движења. Набрзо сфатил дека изработувањето марионети му причинува поголемо задоволство отколку резбањето на неподвижни црковни фигури.
За кратко време, во оваа работа се вклучиле и останатите членови од семејството на Ајхер. Тие спремно му помагале така што шиеле облека за марионетите и изведувале музички точки и дијалози. Биле толку успешни што за кратко време го прошириле својот репертоар, а од 1927 год. почнале да настапуваат и во други земји. Моментално, овие марионети редовно настапуваат во неколку земји како, на пример, во Јапонија и во САД. Кукларството е ценета уметност во сите култури.
Забава по твој вкус?
Операта се дефинира како „драмско дело во еден или повеќе чинови каде текстот се пее со музичка придружба“ (Речник на македонскиот јазик од Зозе Мургоски). Либретата, односно текстовите за оперите, се темелат на митологија, на историја, на Библијата и на белетристика, а може да имаат трагична, романтична или хумористична содржина. Обично оперите што се изведуваат во овој куклен театар се на германски или на италијански јазик. Затоа, препорачливо е да го провериш преводот на резимето за да видиш дали некое дело ќе ти биде интересно или не.
Како може еден христијанин да реши која опера да ја гледа? Дали единствен критериум треба да му биде колку познати се пејачите? Или колку убава е музиката? Или што стои во сижето на операта на кое се темели либретото?
Се разбира, најдобар начин еден христијанин да реши дали ќе слуша или ќе гледа некоја опера е сижето да го спореди со начелото што го запишал Павле, а кое важи и за другите видови забава: „На крајот, браќа, сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8).
[Карта на страница 8]
(Види во публикацијата)
АВСТРИЈА
ВИЕНА
Салцбург
[Слика на страница 8]
Целата „актерска екипа“ што настапува во најразлични опери
[Слика на страница 9]
Куклениот театар од Салцбург
[Слика на страница 10]
Основачот Антон Ајхер
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Куклениот театар од Салцбург
[Извор на слика на страница 8]
Сите фотографии на 8. и 9. страница: со љубезна дозвола на Куклениот театар од Салцбург