Младите прашуваат
Смеам ли да играм видеоигри?
ВИДЕОИГРИТЕ не се само современа забава. Точно е дека тие ти нудат можност да си ги испробаш вештините и можат да ја разбијат монотонијата, но тоа не е сѐ. Оние што играат видеоигри имаат побрзи рефлекси и, според истражувањата, полесно забележуваат детали. Некои игри ти помагаат да ги усовршиш математичките вештини и поубаво да читаш. Освен тоа, школските другари може да паднат на муабет за најновата игра, па, ако си ја играл, и ти ќе имаш што да кажеш.
Се разбира, твоите родители одредуваат дали смееш да играш видеоигри или не (Колошаните 3:20). Ако имаш дозвола од нив, одбери игра со забавна, но и морално чиста содржина. Притоа треба да бидеш многу внимателен. Да видиме зошто.
Мрачната страна на видеоигрите
Брајан (16) вели: „Компјутерските игри се супер“. Сепак, најверојатно си свесен дека сите игри не се баш најдобри. Брајан признава: „Во светот на игрите можеш да правиш работи што инаку не би ги правел, барем не без да си навлечеш проблеми“. Што содржат овие игри?
Многу игри се преполни со неморал, пцуење и насилство — работи што Библијата ги осудува (Псалм 11:5; Галатите 5:19-21; Колошаните 3:8). Во некои се велича спиритизмот. Адријан (18) вели дека во една популарна игра има „тепачки меѓу банди, дрогирање, отворено прикажување на сексуални односи, непристојни зборови, екстремно насилство и грозоморни крвави сцени“. А во споредба со секоја нова игра, претходните изгледаат наивно. Џејмс (19) вели дека најпопуларната од овие игри може да се игра со други учесници преку Интернет. Ова им придава една сосема нова димензија на игрите. „Преку твојот компјутер можеш да играш со некој што живее на другата страна од планетата“, вели Џејмс.
Во последно време многу се популарни игрите во кои претставуваш некој лик, наречени RPG (role-playing games). Во нив, учесниците избираат какви карактеристики ќе има нивниот лик — дали ќе биде човек, животно или комбинација од двете. Овој виртуелен свет е полн со вакви ликови што ги играат илјадници други учесници. Во него има продавници, автомобили, куќи, дискотеки, јавни куќи итн., што, во основа, е копија на реалноста. Учесниците во овие игри можат да си праќаат инстант-пораки во име на аватарите, т.е. компјутерските ликови што ги играат.
Што се случува во ваквите виртуелни светови? Еден новинар објаснува: „Обични луѓе прават работи што инаку не би ги правеле или не би можеле да ги прават... Сексот и проституцијата се вообичаена појава“. Доволно е да се притиснат само неколку копчиња за ликовите од играта да се впуштат во сексуални односи, додека играчите што ги управуваат овие ликови си разменуваат пораки на таа тема. Освен тоа, според списанието New Scientist, видеоигрите „изобилуваат со виртуелни злосторства, мафијаши, макроа, изнудувачи, фалсификатори и атентатори“. Едно друго списание известува: „Критичарите изразија загриженост бидејќи во игрите има активности кои во реалноста се незаконски како, на пример, силување на проститутки во јавна куќа или сексуална злоупотреба на деца“.
Зошто е важно каква игра ќе играш?
Оние што играат игри во кои отворено се прикажува насилство или неморал можеби велат дека нема ништо лошо во тоа бидејќи тоа се само игри, а не стварност. Не дозволувај да те заведе ваквото погрешно размислување!
Библијата вели: „И детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“ (Изреки 20:11). Ако ти стане навика да играш насилни или неморални видеоигри, дали може да се каже дека имаш чисти и исправни мисли? Истражувањата секогаш одново потврдуваат дека оние што се забавуваат гледајќи насилство стануваат поагресивни. Списанието New Scientist неодамна изјави: „Видеоигрите имаат уште посилно влијание од телевизијата бидејќи вклучуваат активно учество на играчот“.
Ако играш насилни или неморални игри, исто како да си играш со радиоактивен отпад — тоа неминовно влијае штетно, иако во почетокот можеби не изгледа така. Кај лицето што е изложено на силно радиоактивно зрачење доаѓа до трајно оштетување на слузокожата на желудникот. На крајот, бактериите од цревата навлегуваат во крвотокот и доаѓа до болест. Исто е и со видеоигрите — ако постојано си изложен на живописни неморални и насилни сцени, тоа ќе ти го наруши ‚чувството за она што е чесно‘ и, на крајот, телесните желби ќе завладеат со твоите мисли и постапки (Ефешаните 4:19; Галатите 6:7, 8).
Кои игри се добри за тебе?
Ако родителите ти дозволуваат да играш видеоигри, што ќе ти помогне да одредиш која игра е за тебе и колку време да потрошиш на неа? Би можел да си ги поставиш следниве прашања:
◼ Дали ќе си го нарушам односот со Јехова ако ја играм таа игра? Твојот однос со Бог може да зависи и од тоа какви видеоигри играш. Во Псалм 11:5 стои: „Јехова го испитува и праведниот и злиот, а душата Негова многу го мрази оној што го сака насилството“. За оние што се занимаваат со спиритизам, Божјата реч вели: „Секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12). Ако сакаме да бидеме пријатели со Бог, ќе треба да го послушаме советот од Псалм 97:10: „Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото!“
◼ Како ќе влијае врз моето размислување? Размисли дали таа игра ќе ти помогне или ќе ти одмогне да ‚бегаш од блуд‘ (1. Коринќаните 6:18). Игрите во кои има сексуално провокативни сцени и разговори нема да ти помогнат да мислиш на праведни, чисти и доблесни работи (Филипјаните 4:8). Ејми (22) вели: „Многу игри те прават рамнодушен на насилство, безобразни зборови, неморал и слично, а со тоа стануваш подложен на искушенија. Треба добро да размислиш која игра ќе ја играш“.
◼ Колку време ќе ми одземе? Дебора (18) вели: „Не би рекла дека сите видеоигри се лоши. Но, точно е дека на нив може да ти отиде многу време, а можат да те направат и зависник“. Дури и најпристојните видеоигри можат да ти одземат многу време. Би можел да си водиш евиденција колку време одвојуваш за видеоигри, а колку за побитните активности. Тоа ќе ти помогне поважните работи да ги ставиш на прво место (Ефешаните 5:15, 16).
Библијата не вели дека треба цел живот само да учиш или да работиш. Таа нѐ потсетува сите нас дека има „време за смеење... и време за танцување“ (Проповедник 3:4). Забележи дека зборот „танцување“ укажува не само на игра, туку и на физичка активност. Тогаш, зошто да не посветиш дел од своето слободно време на игри што вклучуваат физичка активност наместо само да седиш пред компјутерот?
Донесувај мудри одлуки
Се разбира, видеоигрите можат да бидат многу интересни, особено ако добро ги играш. А тука се крие и причината зошто треба да донесуваш мудри одлуки кога избираш што ќе играш. Размисли кои предмети на училиште најмногу ти одат. Зарем не оние што ги сакаш? Обично, колку повеќе сакаш некој предмет, толку подлабоко ти се врежува во умот. А сега прашај се: ‚Кои видеоигри најмногу ги сакам? На што ме учат тие?‘
Би можел да си направиш список за секоја игра што сакаш да ја играш, во кој ќе напишеш која е нејзината цел и со кои методи можеш да ја постигнеш. Спореди го овој список со библиските начела спомнати во оваа статија, а потоа одлучи дали таа игра е за тебе или не.
Наместо да играш некоја игра само затоа што ја играат твоите врсници, биди цврст карактер и лично донеси информирана одлука. Пред сѐ, послушај го советот од Ефешаните 5:10, каде што стои: „Испитувајте што е прифатливо за Господарот“.
РАЗМИСЛИ
◼ Како ќе реагираш ако некој пријател те викне да играте насилна или неморална видеоигра?
◼ Што можеш да сториш за видеоигрите да не ти го украдат времето што ти е потребно за поважните активности?
[Истакната мисла на страница 19]
Ако играш насилни или неморални игри, исто како да си играш со радиоактивен отпад — тоа неминовно влијае штетно, иако во почетокот можеби не изгледа така
[Рамка на страница 18]
Колку често играш видеоигри?
□ Ретко
□ Еднаш седмично
□ Секој ден
Колку време трошиш кога играш некоја игра?
□ Неколку минути
□ Отприлика еден час
□ Повеќе од два часа
Какви игри најмногу сакаш да играш?
□ Трки со автомобили
□ Спортски игри
□ Игри со пукање
□ Други игри
На празната линија подолу напиши го името на некоја игра што знаеш дека не треба да ја играш.
․․․․․
[Рамка/слика на страници 20 и 21]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
Од она што го прочита во претходната статија можеш да видиш дека денешните видеоигри се многу поразлични од оние што се играле во твоето време. Како родител, на кој начин би можел да му помогнеш на твоето дете да ги препознае и да ги избегне можните опасности?
Нема многу да постигнеш ако ги осудиш сите видеоигри или ако упорно тврдиш дека оние што ги играат само си го губат времето. Имај на ум дека не се лоши сите игри. Меѓутоа, факт е дека можат да предизвикаат зависност и да одземат многу време. Затоа, води сметка колку време троши твоето дете на игри. Размисли и за тоа какви игри сака да игра. Би можел да го прашаш:
◼ Која игра најмногу ја играат твоите сокласници?
◼ Што се случува во неа?
◼ Што мислиш, зошто е толку популарна?
Веројатно ќе се изненадиш колку многу знае твоето дете за видеоигрите! Можеби дури и играло некоја игра што според тебе не требало да ја игра. Ако е така, пази да не избувнеш. Во ваква ситуација имаш можност да му помогнеш на твоето дете да стекне моќ на согледување (Евреите 5:14).
Поставувај му прашања што ќе му помогнат да разбере зошто му се допаѓаат игри што не се за него. На пример, би можел да го прашаш:
◼ Дали мислиш дека не можеш да се вклопиш со врсниците затоа што некои игри ти се забранети?
Како што беше спомнато во почетокот на претходната статија, некои млади играат видеоигри за да имаат што да кажат кога зборуваат со децата на училиште. Ако ова е случај и со твоето дете, веројатно нема да го советуваш на ист начин како кога би дознал дека му се допаѓаат неморални и насилни игри (Колошаните 4:6).
Но, што ако навистина му се допаѓаат лошите работи во игрите? Некои млади веднаш се правдаат дека врз нив не влијаат крвавите сцени. ‚Не значи дека ако тоа го правам во игра ќе го направам и во реалноста‘, велат тие. Ако твоето дете размислува на сличен начин, разгледај го со него Псалм 11:5, кој беше цитиран на 20. страница. Овој стих јасно покажува дека Бог ги отфрла не само оние што се насилни, туку и оние што го сакаат насилството. Истото начело важи и за сексуалниот неморал или за кој и да е друг порок што е осуден во Божјата реч (Псалм 97:10).
Некои стручњаци ги даваат следниве предлози:
◼ Не дозволувај детето да игра игри скриено од погледот на другите, на пример, во спалната.
◼ Постави правила (на пример, дека не смее да игра игри ако не ја напишало домашната задача, ако не сте завршиле со вечерата и слично).
◼ Истакни колку е корисно да се занимава со физички активности.
◼ Гледај ги децата додека играат игри — или, уште подобро, одвреме-навреме играј со нив.
Се разбира, за да им помогнеш на децата да изберат соодветна забава, треба да им дадеш добар пример. Затоа, размисли какви емисии и филмови гледаш. Ако си дволичен, биди сигурен дека твоите деца ќе го забележат тоа!