Дали оние што играат се во опасност?
Дванаесетгодишното момче „притеснило в ќош еден невооружен непријател и му го вперило пиштолот директно во главата. ‚Нема каде да бегаш!‘, рекло детето со манијачки потсмев, исмевајќи му се на ликот на екранот. ‚Мој си!‘ Детето го притиснало копчето и го застрелало ликот в лице. Белиот мантил на ликот се испрскал со крв а тој се превртел и паднал. ‚Готов си!‘, рекло детето смеејќи се“.
ОВОЈ пример на ситуација од некоја компјутерска игра, цитиран во статијата „Компјутерско насилство: Дали Вашите деца се во опасност?“ од Стивен Бар, го покренува прашањето од насловот на оваа статија. На пазарот постојат преку 5.000 различни компјутерски и видеоигри. Дел од нив се сметаат за поучни и за безопасна забава.
Во една таква игра се учи географија; а во друга се учи како да се лета со авион. Во трета, пак, играчот се обучува да размислува логично и да решава проблеми. Постојат дури и такви игри што се наменети да влијаат врз играчот како терапија. На пример, една игра е наменета да им помогне на оние што имаат проблеми со читањето. Исто така, некои игри можат да им помогнат на младите да стекнат поголемо знаење за компјутерите, што станува сѐ поважно во оваа ера на технологија.
Стручњаците посочуваат на темната страна
„Во дел од игрите се прикажуваат антиопштествени теми на насилство, секс и вулгарен говор“, вели Дејвид Волш, претседател на Државниот институт за медиумите и семејството. „За жал, изгледа дека тоа е делот што е особено популарен кај децата на возраст од 8 до 15 години.“
Едно истражување во Соединетите Држави покажало дека речиси 80 проценти од видеоигрите што им биле омилени на младите содржеле насилство. Рик Дајер, претседател на Virtual Image Productions, вели: „Тоа повеќе не се само игри. Тоа се машини за учење. На најневеројатен начин ги учиме децата како изгледа да се притисне чкрапалото . . . Она што не го учат е какви се последиците во вистинскиот живот“.
Уште во 1976 имало јавен протест против насилничките игри како реакција на играта Death Race што се играла во флиперниците. Концептот на играта бил да се прегазат пешаците што минувале низ екранот. Победувал играчот што ќе прегазел најмногу пешаци. Новите, пософистицирани игри имаат подобра графика и му овозможуваат на играчот да учествува во уште пореалистични чинови на насилство.
На пример, во играта Carmageddon играчот ќе згази и ќе убие 33.000 луѓе додека ги помине сите нивоа. Еден опис на продолжението на оваа игра гласи: „Вашите жртви не само што се смачкуваат под гумите и го испрскуваат со крв предното стакло, туку клекнуваат на коленици и молат за милост или, пак, се убиваат. Ако сакате, можете и да ги распарчите“.
Дали сето ова инсценирано насилство е безопасно? На оваа тема биле спроведени приближно 3.000 истражувања. Многу од нив укажале на тоа дека постои врска помеѓу насилството во игрите и зголемената агресивност кај играчите. Случаите на насилство меѓу младите честопати се сметаат за доказ дека постои ваква врска.
Некои специјалисти го потценуваат влијанието на овие игри, велејќи дека мора да се земат предвид и други фактори, како што е веројатноста дека такви игри ќе изберат децата што веќе имаат насилнички склоности. Но, можно ли и насилничките игри да имаат свој удел? Изгледа нереално да се инсистира на тоа дека врз луѓето не влијае она што го гледаат. Ако е така, зошто корпорациите трошат милијарди долари годишно на телевизиски реклами?
„Вештина и желба да се убива“
Воениот психолог Дејвид Гросман, автор на книгата On Killing (За убивањето), тврди дека насилството во компјутерските игри ги обучува децата на ист начин како што воената обука ги учи војниците да ја надминат вродената одбојност кон убивањето. На пример, војската открила дека е можно да се скрши овој отпор кај голем процент лица во пешадијата едноставно со тоа што во текот на стрелачките вежби ќе се замени вообичаениот центар на метата со мета во облик на човек. На сличен начин, тврди Гросман, насилничките игри ги учат децата на „вештина и желба да се убива“.
Според истражувањето што излезе во Journal of Personality and Social Psychology, насилството во компјутерските и во видеоигрите може да биде уште поопасно од насилството што се прикажува на телевизија и во филмовите, бидејќи играчот се идентификува со ликовите што го вршат насилството. Телевизијата може да нѐ направи гледачи на насилство; компјутерските игри можат да придонесат да се чувствуваме како учесници. Освен тоа, на детето можеби ќе му требаат околу два часа за да изгледа еден филм, но може да потроши цели 100 часа за да се усоврши во една обична видеоигра.
Некои земји вовеле систем на класификација чија цел е да се истакне дека игрите со многу насилство се само за возрасни. Но, таквиот систем е корисен само онолку колку што се применува во пракса. Едно истражување во Соединетите Држави покажало дека 66 проценти од анкетираните родители не ни знаеле за овој рејтинг-систем. Директорот на Одборот на класификација на софтверот за забава вели дека главна цел на овој систем не е да се спречат децата да набавуваат извесни игри. Тој објаснува: „Нашата улога не е да го диктираме вкусот. На родителите им даваме начин да одредат што сакаат или не сакаат за своите деца“.
Заразни игри?
Новите онлајн игри, кои се играат на Интернет со луѓе од целиот свет, му овозможуваат на секој играч да избере да ја игра улогата на некој лик, кој може да оди напред совладувајќи различни предизвици, а тоа му дава на играчот чувство дека е сѐ поуспешен. Времето што играчот го минува со својот лик станува влог, играчот се чувствува награден и се враќа да игра повторно. За некои луѓе играњето е скоро како зараза — можеби тоа е една причина зошто некоја онлајн игра може да трае со месеци, па дури и со години.
Списанието Time известило дека неодамна во Јужна Кореја имало голем интерес за онлајн играта наречена Lineage. Учесниците во оваа игра се борат за победа во средновековна околина. Играчот оди напред низ различни нивоа настојувајќи да достигне посебен ранг. Некои млади играат по цела ноќ и следниот ден им е тешко да останат будни на училиште. Родителите се загрижени, но не знаат секогаш како да се справат со овој проблем. Во едно интервју, еден млад играч објаснил: „Кога луѓето ќе ме сретнат на мрежа мислат дека сум фин и паметен, но кога ќе ме сретнат во живо, ми советуваат да ослабам“.
Корејскиот писател Јунмо Квон објаснува зошто играта Lineage стекнала толкава популарност: „Во реалниот свет, во Кореја морате да ги потиснувате своите нагони и скриени желби. Во играта тие излегуваат на површина“. На тој начин, младите бегаат од реалноста во светот на фантазијата. Еден остроумен коментатор ги опишува играчите на следниов начин: „За играчот, светот на игрите е многу попривлечен од реалноста. Реалноста е само место каде што се заработуваат малку пари, кои се потребни за да се продолжи со играта“.
Влијание врз здравјето
Статистичките податоци од Соединетите Држави покажуваат дека еден просечен шестоодделенец гледа телевизија по четири часа на ден — а во тоа не е ни вклучено времето што го минува на игри загледан во компјутерскиот монитор или во телевизискиот екран. Во една анкета спроведена во 1995, повеќе од 60 проценти од децата признале дека честопати играле подолго отколку што имале намера. Затоа лесно може да се запостави учењето. Едно истражување во Јапонија покажало дека компјутерските игри стимулираат само ограничен дел од детскиот мозок. Според истражувањето, на децата им треба повеќе читање, пишување и математика. Но, за целосно да им се развие мозокот, потребна им е и стимулацијата што ја добиваат кога играат надвор со другите деца и кога контактираат со други луѓе.
Се известува дека околу 40 проценти од децата во САД на возраст од пет до осум години страдаат од клиничка дебелина. За овој проблем најверојатно придонесува и недоволното вежбање затоа што се троши премногу време пред телевизорот или пред компјутерот. Една фирма направила дури и опрема за вежбање што може да се користи додека се играат компјутерски игри. Но, очигледно би било многу подобро да се ограничи времето што се троши на такви игри, а да се остави доволно време за други активности што му помагаат на детето да се развие во комплетна личност.
Уште еден проблем поврзан со здравјето: Ако предолго се гледа во мониторот, можат да настанат проблеми со очите. Анкетите покажуваат дека најмалку една четвртина од сите компјутерски корисници имаат проблеми со видот. Една причина е тоа што поретко трепкаат и затоа окото се суши и се иритира. Трепкањето го прочистува окото на тој начин што го стимулира создавањето на солзи и ги измива нечистотиите.
Бидејќи не се доволно свесни за себе, децата можат со часови да играат компјутерски игри правејќи многу малку паузи. Ова може да доведе до напрегање на очите и проблеми со фокусирањето. Стручњаците предлагаат да се прават редовни паузи од неколку минути по секој час користење на компјутерот.a
Еден глобален бизнис е во подем
Изгледа дека интересот за онлајн игрите се зголемува во целиот свет. На сѐ повеќе места се отвораат Интернет кафеа. Тие се опремени со многу компјутери, а посетителите плаќаат за да играат поврзани на компјутерската мрежа. Не е ништо невообичаено младите да трошат по 200 долари месечно во такви кафеа.
Без сомнение, индустријата на игрите е во подем. Се очекува бизнисот за онлајн игри да порасне за повеќе од 70 проценти во следните пет години.
Но, јасно е дека оваа индустрија што е во процвет си има и темна страна. Опасностите се реални. Никој од нас не може да си дозволи да го загрози своето здравје, да троши претерано многу време и пари или да се навикне на насилство и убивање. Нашите деца уште помалку можат да си го дозволат тоа. Затоа, не би можело баш да се рече дека компјутерските игри секогаш се поучни, безопасни или забавни. Дејвид Волш, цитиран претходно, предупредува: „Веројатно медиумите се помоќни отколку што сме свесни за тоа“. Тој додава: „Ако родителите се одговорни да се грижат за своите деца, тогаш нашата дефиниција за грижа мора да биде во чекор со променливиот свет на медиумите“.
Навистина, како што вели Библијата, „се менува сцената на овој свет“ (1. Коринќаните 7:31). А изгледа дека ништо не се менува толку брзо како медиумите на забавата. Многу родители се чувствуваат преоптоварени и од самата помисла да бидат во чекор со трендовите и влијанијата што постојано се менуваат, а кои секојдневно ги бомбардираат нивните деца. Но, не обесхрабрувајте се. Многу родители успешно ги подигнале своите деца помагајќи им да се сосредоточат на она што е навистина важно. Децата, како и сите други, треба да знаат дека нашите најголеми потреби никогаш не можат да бидат задоволени со забава — сеедно дали преку компјутер, ТВ или преку некој друг медиум. Како што рекол Исус во една прилика, вистинска среќа чувствуваат оние што се „свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).
[Фуснота]
a Освен тоа, некои препорачуваат сите компјутерски корисници да ги одмораат очите на секои 15 минути со тоа што ќе го свртат погледот од мониторот и ќе гледаат во оддалечени предмети. Други предлагаат да седите на оддалеченост од најмалку 60 сантиметри од мониторот и да не го користите компјутерот кога сте уморни.
[Рамка на страница 6]
ЕЛЕКТРОНСКИ ИГРИ — кус преглед на опасностите
▸ Играњето насилнички компјутерски и видеоигри може да потстрекне на агресивно однесување.
▸ Со електронските игри можете да бидете нешто повеќе од гледач на насилство; тие се наменети да придонесат да се чувствувате како учесник.
▸ Кај оние што лесно паѓаат под влијание, игрите можат да ја замаглат разликата помеѓу реалноста и фантазијата.
▸ Како што е случај со секоја друга зараза, поради игрите може да се запостават важни обврски и односи.
▸ Игрите би можеле да го одземат времето што децата треба да го поминат во други важни активности, како што се учење, контакти со другите и креативни игри.
▸ Ако се гледа во мониторот долго време, може да дојде до напрегање на очите.
▸ Недоволното вежбање, кое е можна последица од играњето игри, може да води до дебелеење.
▸ Игрите можат да Ви ги украдат парите и времето.
[Рамка/слика на страница 8]
Еден начин да се ослободите од таа навика
Томас, 23-годишен христијанин, раскажува: „Кога бев ученик, тоа што играв игри многу се одрази врз моите домашни задачи. Подоцна во животот тоа се одрази и врз други работи. Продолжив да играм дури и откако станав полновремен доброволен министер. Конечно сфатив дека тоа ми одзема премногу време и енергија. Понекогаш кога играв пред да одам во служба или на христијански состанок, ми беше многу тешко да се концентрирам. Речиси секогаш мислев на тоа како да решам извесен проблем во играта кога ќе си дојдам дома. Страдаше мојата лична студија и редовното читање на Библијата. Мојата радост во службата за Бог почна да се намалува.
Доцна една ноќ, додека лежев в кревет, имав чувство дека едноставно не можам да продолжам така. Станав, го вклучив компјутерот, ги селектирав сите игри и го притиснав копчето за бришење. Ги снема за миг! Навистина ми беше тешко. Сфатив дека бев поприврзан за игрите отколку што мислев. Но, имав и огромно чувство на победа затоа што знаев дека тоа го направив за мое добро. Признавам дека од тогаш купив неколку игри. Но, сега сум многу построг кон себеси. Штом откријам дека ми е тешко да бидам урамнотежен во играњето, повторно го притискам копчето за бришење“.
[Слика на страница 6]
Некои велат дека постои врска помеѓу насилството во игрите и агресивноста на играчите
[Слика на страница 7]
Сала за играње на Интернет во Сеул (Кореја)