Променливиот свет на електронските игри
„Најпродавана видеоигра мината година“, според списанието Newsweek, „беше Grand Theft Auto 3“. Целта на оваа игра е да се напредува во една криминална организација со тоа што ќе се учествува во различни криминални дела, како што се проституција и убиство. „Секоја Ваша постапка носи последици“, забележува Newsweek. Ако убиете пашаци со својот украден автомобил, полицијата Ве гони. Ако застрелате некој полицаец, се вклучува ФБИ. Ако убиете агент на ФБИ, војската Ве бара за да Ве убие. Иако играта е наменета за лица над 17-годишна возраст, понекогаш се случува во некои продавници да им се продава и на помали деца. Се известува дека дури и 12-годишници покажуваат интерес да ја играат.
ПРВАТА современа компјутерска игра, Spacewar, беше измислена во 1962. Цел на играта: одбрана од астероиди и од непријателски вселенски бродови. Со текот на времето се појавија безброј слични игри. Кога во 1970-тите и 1980-тите насекаде се рашири користењето на појаки персонални компјутери, компјутерските игри станаа сѐ повообичаени. Имаше авантуристички игри, квизови, стратешки игри и акциони игри. На пример, во еден вид стратешки игри се бара играчот да го испланира и да управува со растот на градови или цивилизации. Во многу игри се симулираат спортови, како што се хокеј на мраз и голф.
Постојат и игри што се фалени поради својот поучен и забавен карактер. Во некои од нив можете да се обидете да слетате со џамбо џет, да возите тркачки автомобил или локомотива, да возите сноуборд или да патувате околу светот. Меѓутоа, некои акциони игри, како што се игрите со пукање, честопати се критикувани поради нивната насилна содржина. Вообичаена цел на играчот е да избере оружје и потоа да стрела и да убива различни непријатели, вклучувајќи луѓе и други суштества.
Онлајн игри — нов тренд
Земјата Бретанија има околу 230.000 жители. Меѓу нив има секакви луѓе — војници, кројачи, ковачи и музичари. Тие водат војни, градат градови, отвораат продавници, се женат и се мажат, и умираат. Сепак, оваа Бретанија не постои во реалноста. Таа е виртуелен средновековен свет, место каде што играчите што се поврзани на компјутерска мрежа се натпреваруваат и контактираат во исто време — еден вид на компјутерска игра, наречена онлајн игра, чија популарност станува сѐ поголема и се очекува да биде „следниот хит“ во компјутерските игри. Воведена во 1997, Ultima Online — која ја вклучува измислената земја Бретанија — беше прва игра на Интернет. Оттогаш се појавија уште многу други Интернет игри, а се измислуваат уште повеќе.
Што е поинакво во овие игри? Различните ликови што ги сретнувате во играта не ги контролира компјутер туку други играчи што истовремено играат на Интернет. Во истата игра можат да учествуваат илјадници луѓе. На пример, се вели дека Ultima Online имала играчи од 114 земји што учествувале во исто време. Популарноста на овие игри можеби многу зависи од друштвените контакти што се вклучени во нив. Играчите можат да „разговараат“ еден со друг и на тој начин да се чувствуваат како дел од една глобална заедница.
Голем бизнис
Индустријата за електронски игри е многу оптимистична во врска со својата иднина. Во 1997, годишниот приход на американската индустрија на компјутерски и видеоигри достигна 5,3 милијарди долари, а светската продажба изнесуваше најмалку 10 милијарди долари. Нема никакви знаци дека овој тренд ќе се намали. Се очекува во претстојните пет години бизнисот да порасне за 50 до 75 проценти.
Според Forrester Research, секој ден преку еден милион луѓе се вклучуваат на различни Интернет игри и се вели дека интересот за онлајн игрите ќе се зголемува со ширењето на broadband-от, еден вид многу брза Интернет врска. Кај децата што пораснале со компјутерски игри нема знаци дека ќе престанат да играат кога ќе пораснат. Еден долгогодишен играч вели: „Играњето компјутерски игри стана начин на дружење со пријателите од целиот свет“.
Дали сите вакви игри се безопасна забава или, пак, во нив се вклучени и некои опасности? Да видиме.