Има ли решение за криминалот?
„Според истражувањата, дури и откако ќе излезат од затвор, повеќекратните престапници честопати и понатаму се закана за општеството, нанесувајќи му огромна штета која не може да се надомести со пари“ (Д-Р Стентон Семенау).
СЕЕДНО во кој дел од светот живееш, се чини дека секој ден можеш да чуеш за сѐ пошокантни злосторства. Ова наметнува едно многу логично прашање: Дали сегашниве мерки против криминалот — строгите казни, затворите итн. — даваат вистински резултати? Дали затворските казни ги превоспитуваат криминалците? Што е уште поважно, дали општеството презема мерки за да ја отстрани главната причина за криминалот?
Осврнувајќи се на напорите што се прават за да се спречи криминалот, д-р Семенау пишува: „Откако ќе биде пуштен на слобода, [криминалецот] станува полукав и попретпазлив, но и понатаму живее на туѓ грб и продолжува да врши злосторства. Статистичките податоци во врска со рецидивизмот [повторното вршење кривични дела] се само показател дека криминалецот не бил доволно внимателен, па бил фатен“. Според тоа, затворите се, всушност, школи за криминалци во кои ненамерно им се помага да си го испечат занаетот. (Види ја рамката „,Школи за криминалци‘?“, на страница 7.)
Освен тоа, бидејќи честопати успеваат да се извлечат без казна, криминалците доаѓаат до заклучок дека им се исплаќа да го кршат законот. Тоа ги прави посурови и порешителни. Еден мудар владетел напишал: „Бидејќи пресудата за зло дело не се извршува брзо, срцето на синовите човечки решително прави зло“ (Проповедник 8:11).
Биле принудени или избрале?
Дали, за да преживеат, на некои луѓе не им преостанува ништо друго освен да бидат криминалци? „Сметав дека криминалот е речиси нормална, ако не и оправдана реакција [на криминалците] притиснати од крајна сиромаштија, нестабилност и очај“, признава Семенау. Но, го сменил мислењето откако спровел едно обемно истражување. „Криминалците избираат дали ќе бидат криминалци“, заклучил тој. „Причина за криминалот е размислувањето на [едно лице], а не средината... Постапките зависат главно од размислувањето. Размислувањето е вклучено во секоја наша постапка — пред да ја направиме, додека ја правиме и откако сме ја направиле.“ На крајот, тој заклучил дека криминалците не се жртви, туку „злосторници кои намерно избрале да бидат такви“.a
Вреди да го истакнеме зборот „избрале“. Неодамна, во еден британски весник излезе статија со наслов: „Криминалот — омилена кариера на градските младичи кои сакаат подобар живот“. Луѓето имаат слободна волја и можат да изберат по кој пат ќе тргнат, дури и кога се во тешка ситуација. Факт е дека секој ден, милиони лица се жртви на социјални неправди и сиромаштија, или живеат во семејства со нарушени односи, па сепак, тоа не ги натерало да станат престапници. „Причина за криминалот се самите криминалци, а не опасните населби, лошите родители... или невработеноста“, вели Семенау. „Криминалот произлегува од нечии мисли, а не од условите во општеството.“
Проблемот почнува во срцето
Библијата покажува дека причината за грев е личноста што се крие во нас, а не околностите. Во Јаков 1:14, 15 стои: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“. Размислувањето за лоши работи ги потхранува погрешните желби, а желбите можат да водат до негативни постапки. На пример, некој што одвреме-навреме гледа порнографија, може да стане опседнат со секс и на крајот да ги оствари своите фантазии, можеби по незаконски пат.
Друг значаен фактор е тоа што живееме во себичен свет кој се интересира само за пари, задоволства и моментално задоволување на желбите. Едно библиско пророштво, кое се однесува на нашево време, гласи: „Во последните денови... луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари,.. сурови, без љубов кон добротата... [и] повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1-5). За жал, за зачестеноста на таквите особини кај луѓето придонесуваат филмовите, видеоигрите, литературата и лошиот пример што го даваат лицата на кои би требало да се угледаме, а тоа, пак, е причина за пораст на криминалот.b Но, ова не значи дека секој мора да подлегне на ваквите влијанија. Всушност, некои од оние што биле под вакви влијанија во минатото, потполно го промениле своето гледиште и својот начин на живот.
Многумина се промениле!
Ако е некој криминалец, тоа не значи дека засекогаш ќе остане криминалец. Во книгата Во светот на криминалецот (Inside the Criminal Mind) стои дека оној што одбрал да живее како криминалец „може да го смени изборот и да научи како да биде чесен и одговорен“.
Искуството покажува дека луѓе со најразлично потекло можат да се сменат.c Сѐ зависи од тоа дали некој е спремен да ги обликува своите ставови, мотиви и мисли според стабилните мерила на нашиот Творец, а не според променливите човечки вредности. Впрочем, може ли некој да нѐ познава подобро од него? Освен тоа, зарем Бог нема право да им каже на луѓето што е добро, а што лошо? Своите мерила ги објавил преку Светото писмо — извонредна книга што ја напишале четириесетина побожни луѓе под негово водство, книга која со право може да се нарече водич до среќен и исполнет живот (2. Тимотеј 3:16, 17).
Бидејќи сме грешни, не е лесно да ги направиме потребните промени за да му угодиме на Бог. Всушност, еден библиски писател го опишал ваквиот внатрешен конфликт како ‚војна‘! (Римјаните 7:21-25). Тој успеал да победи во оваа војна бидејќи не се потпирал на својата сила, туку на силата од Бог, чија вдахновена Реч е „жива и делотворна“ (Евреите 4:12).
Многу е важно да се „храниме“ здраво
За добро телесно здравје, потребна е здрава храна. Таа храна треба добро да се соџвака и да се свари, а за тоа се потребни време и напор. Истото важи и за духовната храна — за да бидеме духовно здрави, треба да ги „соџвакаме“ Божјите зборови и на тој начин да ги всадиме во нашиот ум и во нашето срце (Матеј 4:4). Библијата вели: „Сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте... и Богот на мирот ќе биде со вас“ (Филипјаните 4:8, 9).
Забележи дека мораме да ‚размислуваме‘ за Божјите мисли ако сакаме да ги отфрлиме особините на старата личност и да ги замениме со нови. Но треба да сме стрпливи бидејќи не можеме да станеме духовно зрели преку ноќ (Колошаните 1:9, 10; 3:8-10).
Тоа го потврдува и примерот на една жена која како мала била сексуално злоупотребувана. Таа почнала да се дрогира, да се опива и да пуши, а во моментов служи доживотна казна затвор поради неколку кривични дела. Во затворот почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и се трудела да го применува она што го научила. Со каков резултат? Старите особини почнала постепено да ги заменува со нови, христијански особини. Таа веќе не е роб на негативното размислување и на пороците. Еден од омилените стихови ѝ е 2. Коринќаните 3:17, кој гласи: „А Јехова е Дух, а каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата“. Иако се наоѓа в затвор, таа е слободна како никогаш порано.
Бог е милосрден
Јехова Бог никогаш не крева раце од луѓето толку брзо.d Божјиот Син, Исус Христос, рекол: „Не дојдов да ги повикам на покајание праведниците, туку грешниците“ (Лука 5:32). Рака на срце, не е лесно да се направат потребните промени за да се следат библиските мерила. Но, ако си стрплив и ако дозволуваш Бог да ти помага — на пример преку христијаните што се духовно настроени — ќе можеш да успееш во тоа (Лука 11:9-13; Галатите 5:22, 23). Затоа, Јеховините сведоци редовно ги посетуваат затворите и бесплатно ја проучуваат Библијата со искрени лица што во минатото извршиле најразлични злосторства.e Во многу затвори, Сведоците одржуваат состаноци секоја седмица (Евреите 10:24, 25).
Иако некои поранешни криминалци прават коренити промени и стануваат вистински христијани, Библијата отворено ни кажува дека „беззаконието ќе се зголеми“ (Матеј 24:12). Како што ќе видиме во следната статија, ова е дел од едно пообемно пророштво кое зборува за прекрасна иднина.
[Фусноти]
a Причина за некои злосторства може да бидат и некои душевни болести, особено во земјите каде што растроените лица се пуштени да скитаат по улиците и можат лесно да дојдат до оружје. Меѓутоа, целта на оваа статија не е да ја обработи оваа сложена тема.
b Повеќе информации во врска со тоа можеш да најдеш во Разбудете се! од 22 февруари 1998, страници 3-9 (на хрватски), и 8 август 1985, страници 3-12 (на англиски).
c Во ова и во придружното списание, Стражарска кула, беа објавени статии за лица што престанале да се занимаваат со криминал откако ја дознале библиската вистина. Види во Разбудете се! од јули 2006, страници 11-13, и од 8 ноември 2005, страници 20, 21, како и во Стражарска кула од 1 јануари 2000, страници 4, 5; 15 октомври 1998, страници 27-29, и 15 февруари 1997, страници 21-24.
d Разгледај ја статијата „Што вели Библијата — дали Бог простува тешки гревови?“, на страница 10.
e Разгледај ја рамката „Помош да го запознаат Бог“, на страница 9.
[Истакната мисла на страница 5]
Милиони луѓе не се криминалци иако живеат во беда
[Рамка/слика на страници 6 и 7]
„ЗА ДВЕ ГОДИНИ, ПАК ВО ЗАТВОР“
Во статијата со овој наслов, објавена во лондонскиот весник The Times, беше спомнато дека преку 70% од осудените за провала или за кражба во Британија, повторно се осудувани во рок од две години. Многу од овие кривични дела ги вршат наркомани кои се готови на сѐ само за да дојдат до пари со кои ја финансираат оваа скапа и мошне штетна навика.
[Рамка на страница 7]
„ШКОЛИ ЗА КРИМИНАЛЦИ“?
Во списанието UCLA Law Review, проф. Џон Брејтвејт напишал дека „затворите се школи за криминалци“. Во својата книга Во светот на криминалецот, д-р Стентон Семенау вели дека „повеќето криминалци навистина извлекуваат поука од своето минато“, но тоа не е поуката што општеството би сакало да ја извлечат. „Затворениците имаат време на претек и им се нудат безброј прилики да научат како да станат повешти криминалци“, вели тој. „Всушност, некои стануваат уште поуспешни криминалци — длабоко вплеткани во криминал, но и доволно паметни за да не ги фатат.“
Во едно друго поглавје, Семенау вели: „Затворите не ги менуваат криминалците вистински. Сеедно дали е на слобода или в затвор, криминалецот шири познанства со престапници, учи нови финти или им дава предлози на други криминалци“. Еден млад криминалец рекол: „Затворот ми помогна да станам професионалец“.