Наскоро криминалот „ќе го снема“
„Уште малку, и злиот ќе го снема“ (ПСАЛМ 37:10)
СПРОТИВНО на она што го тврдат некои, нашиот Творец, Јехова Бог, е живо заинтересиран за луѓето, кои се негова творба (Псалм 11:4, 5). Освен тоа, тој ги гледа сите злосторства и неправди, дури и оние што се скриени од погледот на луѓето. „Очите на Јехова се на секое место и ги набљудуваат и злите и добрите“ (Изреки 15:3). Затоа, можеш да бидеш сигурен дека злите се навистина „на лизгаво место“ (Псалм 73:12, 18).
Но, оние што се чесни и морално чисти ги чека прекрасна иднина, иако можеби сега се материјално сиромашни или обесправени. „Гледај го непорочниот и набљудувај го праведниот“, напишал псалмистот Давид, „зашто иднината на тој човек ќе биде мирна“ (Псалм 37:37). Овие зборови се многу утешни за нас денес, бидејќи во блиска иднина можеме да го доживееме нивното исполнување и тоа во светски размери.
Живееме во последните денови
Пред околу 2.000 години, учениците на Исус Христос му поставиле едно прашање кое требало да стане актуелно по многу време. „Кажи ни“, рекле тие, „кој ќе биде знакот на... свршетокот на овој поредок?“ (Матеј 24:3). Исцрпен одговор на ова прашање можеш да најдеш во Библијата во 24. поглавје од Матеј, 13. поглавје од Марко и 21. поглавје од Лука. Во овие евангелија, последните денови на сегашниов свет се опишани како време на војни, глад, болести, силни земјотреси и зголемено беззаконие.
Тешките услови што ги претскажал Исус започнале во 1914 год. Во својата книга Време на крајности (Age of Extremes), историчарот Ерик Хобзбам пишува дека 20 век „дефинитивно беше најкрвавиот век во целата пишана историја“.
Опишувајќи го напредокот на злобата во нашево време, Библијата вели: „Кога злите никнуваат како трева и цветаат сите што прават зло, тоа е за да бидат истребени засекогаш“ (Псалм 92:7). Во едно можеме да бидеме сигурни — тоа што беззаконието го има на секој чекор, слично како што тревата никнува насекаде, покажува дека уништувањето на злите е многу блиску! Зарем ова не е една добра вест? (2. Петрово 3:7).
„Праведниците ќе ја поседуваат земјата“
Во Псалм 37:29 стои: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“. Тогаш нема да се знае ни за криминал ни за неправда. Сѐ што е поврзано со криминалот — аларми, брави, судови, адвокати, полиција и затвори — ќе биде минато. Библијата ветува: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17).
Земјата и човечкото општество ќе доживеат невидена преобразба (Исаија 11:9; 2. Петрово 3:13). Јеховините сведоци стекнале ваква надеж врз основа на сигурни ветувања. Испитај ги и увери се дека наскоро ќе се исполнат. Запомни, Оној што дал да се запише Светото писмо „не може да лаже“ (Тит 1:2).
[Рамка/слика на страница 9]
ПОМОШ ДА ГО ЗАПОЗНААТ БОГ
Во последниве дваесетина години, Јеховините сведоци во САД добија писма од затвореници во 4.169 затвори, болници и центри за лекување на зависници од дрога. Некои затвореници бараат библиска литература, а други сакаат бесплатно да ја проучуваат Библијата. Со нив контактираат искусни Сведоци. Низ целиот свет, Сведоците редовно ги посетуваат затворите за да ја проучуваат Библијата со затвореници од двата пола кои сакаат да учат за Бог. Многу од нив направиле извонредни промени во својата личност, биле крстени како христијани и повеќе не го кршат законот.