Што вели Библијата
Дали суеверието е во склад со библиските учења?
ЕДЕН новинар цела година не сакал да се качи во авион бидејќи некој гатач му рекол дека ќе загине во авионска несреќа. Луѓе од сите општествени слоеви — политичари, бизнисмени, актери, спортисти и студенти — се суеверни. Кога се несигурни, напнати или загрижени, суеверните постапки им влеваат чувство дека се заштитени од опасност или дека плановите сигурно ќе им се остварат.
За многу луѓе, суеверните обичаи се привлечни стари традиции или, пак, безопасен начин да се најде душевен мир. Антропологот Маргарет Мид рекла: „Суеверието покажува колку силно копнееме да го оствариме она што сме го наумиле или да спречиме да ни се случи нешто лошо. Ако го прифатиме со резерва, суеверието може да дејствува психолошки позитивно врз нас, но нема да му станеме робови“. Сепак, оние што сакаат да ја вршат Божјата волја би требало да се прашаат дали е во ред христијаните да бидат суеверни.
Од каде потекнува суеверието
Општо земено, луѓето отсекогаш се плашеле од многу работи — од смртта, од непознатото, од задгробниот живот итн. Сатана, главниот Божји непријател што се побунил против Него, дава сѐ од себе за да ги држи луѓето под контрола ширејќи злобни лаги со кои сее страв (Јован 8:44; Откровение 12:9). Но, тој не е единствениот што се труди да ги оддалечи луѓето од Бог. Во Библијата, Сатана е наречен ‚владетел на демоните‘ (Матеј 12:24-27). А кои се демоните? Во времето на Ное, голем број ангели се побуниле против Бог заедно со Сатана, и на тој начин станале демони. Оттогаш без престан се трудат да влијаат врз размислувањето на луѓето. Една од методите со кои се служат е суеверието (1. Мојсеева 6:1, 2; Лука 8:2, 30; Јуда 6).
Суеверието се темели на една лага зад која стои Сатана — дека еден невидлив дел од човекот преживува по смртта и дека може да се врати и да влијае врз живите. Но, Библијата ни кажува дека „мртвите не се свесни за ништо“ и дека за нив „нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10).
‚Одвратен му е на Јехова‘
Многумина избираат да веруваат во лагите на Сатана. Меѓутоа, многу одамна, Бог јасно им го кажал на Израелците својот став во врска со суеверието. Во Божјата реч стои: „Кај тебе нека не се најде никој што... гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци, ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите. Зашто, секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12).
За жал, Израелците честопати го занемарувале ова предупредување. На пример, во времето на пророкот Исаија, некои верувале дека, ако сакаат да имаат добра жетва, треба да му угодат на „богот на Среќата“. Ова суеверие водело до тешки последици за Израелците. На крајот ги изгубиле Божјиот благослов и неговата милост (Исаија 65:11, 12).
Јехова не го сменил својот став кон суеверието ни во ерата на христијанството. Апостол Павле ги поттикнал суеверните жители на градот Листра ‚да се обратат од тие ништожни работи [„суети“, Превод на д-р Д. Константинов, „празноверија“, Превод на МПЦ — ревидирано издание] кон живиот Бог, кој ги создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив‘ (Дела 14:15).
Ослободи се од прангите на суеверието
Постојат безброј суеверија, но едно им е заедничко на сите — за нив нема логично објаснување. Освен тоа, суеверните лица честопати знаат да се правдаат дека ги снашла некаква неволја затоа што „ги бие малер“, наместо да преземат одговорност за своите постапки.
Сепак, утешно е што мнозина успеале да ги раскинат прангите на суеверието. Исус рекол: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Клементина од Бразил, која се занимавала со гатање 25 години, вели: „Се издржував само со гатање. Но, библиската вистина ме ослободи од суеверието“. Ако редовно ја проучуваме Библијата и сесрдно му се молиме на Јехова Бог, тоа ќе ни даде внатрешна сила. Ќе бидеме во состојба да размислуваме логично и смирено, а тоа, пак, ќе ни помогне да донесуваме разумни одлуки. На тој начин ќе избегнеме многу неволји и нема толку да се плашиме (Филипјаните 4:6, 7, 13).
Во Библијата стои: „Какво заедништво има светлината со темнината? Освен тоа, може ли да постои складност меѓу Христос и Велијар [Сатана]?“ Значи, вистинските христијани не смеат да бидат суеверни (2. Коринќаните 6:14-16).
ШТО МИСЛИШ?
◼ Наместо да имаат доверба во Бог, на кого се надевале суеверните Израелци во времето на Исаија? (Исаија 65:11, 12).
◼ На што ги поттикнал апостол Павле суеверните жители на Листра? (Дела 14:15).
◼ Треба ли вистинските христијани да бидат суеверни? (2. Коринќаните 6:14-16).
[Слики на страница 10]
Суеверието им дава на луѓето лажно чувство на сигурност