Проповедавме во далечни места
Раскажала Хелен Џоунс
Во почетокот на 1970-тите години, додека се шетав низ еден преполн пазар во Бангалор (Индија), еден индиски бивол одеднаш ме крена со своите рогови и ме тресна од земја. Сигурно ќе загинев ако не ми притрчаше една Индијка. Но, како воопшто се најдов во Индија?
РОДЕНА сум во 1931 год., во прекрасниот град Ванкувер (Канада), каде што и одраснав. Моите родители беа чесни луѓе, но не одеа в црква. Бидејќи имав силна желба да учам за Бог, како дете одев на часови по веронаука, а посетував и летни библиски школи.
Во 1950 год., кога имав 19 години, се омажив за Френк Шилер, кој имаше четири деца од претходниот брак. По две години ни се роди син. Иако сакавме да припаѓаме на некоја религија, ниту една црква не сакаше да нѐ прими бидејќи Френк беше разведен. Тоа толку го погоди што повеќе не сакаше да чуе за религија.
Првиот контакт со вистината
Во 1954 год., брат ми со одушевеност ми кажа колку убав разговор водел за Библијата со некој колега што е Јеховин сведок. Имав многу прашања, но сепак не одев на состаноците на Сведоците иако знаев каде ги одржуваат. Бев свесна дека Френк не можеше да смисли религија. По некое време, двајца Сведоци тропнаа на нашата врата. Бидејќи ме интересираше што вели нивната религија за разводот, тие ја отворија Библијата и ми покажаа која е библиската основа за развод (Матеј 19:3-9). Исто така, ми објаснија дека, ако редовно ја проучувам Библијата, ќе ми бидат одговорени сите библиски прашања.
Френк беше бесен и не сакаше да има ништо со Сведоците. Во 1955 год., присуствував на Спомен-свеченоста со која се одбележува Христовата смрт, и кога се вратив дома воодушевено почнав да му раскажувам што научив од Библијата. „Не е можно!“, се развика тој. „Ако ми покажеш дека тоа навистина го пишува во Библијата, тогаш и јас ќе дојдам на некој од тие глупави состаноци!“
Му ја подадов Библијата, а тој ја зеде в рака со видлива почит. Ги прочитавме стиховите од моите белешки, а јас не зборував многу за да дозволам Библијата да си го каже своето. Тој не се противеше и цела вечер остана замислен.
По извесно време, го потсетив дека ми вети оти ќе дојде на состанок, а тој со половина уста ми одговори: „Ајде... чисто од љубопитство ќе дојдам — ама само сега!“ Во библиското предавање тој ден беше истакнато колку е важно жените да им бидат подложни на своите мажи (Ефешаните 5:22, 23, 33). Ова многу му се допадна. Во тоа време Френк присуствуваше и на состанок кога се проучуваше една статија од Стражарска кула со наслов „Уживај во работата“. Бидејќи беше трудољубив човек, Френк просто се воодушеви од статијата и оттогаш не пропушти ниту еден состанок. За кратко време почна ревносно да проповеда, а јас ја проучував Библијата со лица кои подоцна се крстија. Истата година, јас, Френк, мајка ми и брат ми му го заветивме својот живот на Бог и се крстивме како Јеховини сведоци.
Желба да ја зголемам службата
Во еден говор на обласниот конгрес во Сиетл (Вашингтон, САД) во 1957 год., бевме поттикнати да служиме онаму каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Се сеќавам дека се молев: ‚О Јехова, и јас сакам да одам. Те молам, помогни ни да отидеме некаде каде што има поголема потреба‘. Но, Френк беше загрижен како ќе го издржуваме семејството (1. Тимотеј 5:8).
Следната година, нашето семејство присуствуваше на конгресот во Њујорк, кој истовремено се одржа на стадионите Јенки и Поло Граундс. На јавното предавање дојдоа повеќе од 253.000 лица! Она што Френк можеше да го види и да го чуе толку силно влијаеше врз него што, кога се вративме дома, одлучивме да се преселиме во Кенија (Африка), каде што се зборува англиски и исто така има добри училишта за нашите деца.
Во 1959 год. ја продадовме куќата, се спакувавме и заминавме за Монтреал (Канада). Оттаму се качивме на брод за Лондон, а потоа со друг брод стигнавме до Индискиот Океан пловејќи преку Средоземното и Црвеното Море. На крајот пристигнавме во Момбаса (Кенија), град на источниот брег на Африка. Следниот ден фативме воз за Најроби, главниот град на оваа земја.
Благослови во Африка
Во тоа време на Јеховините сведоци им беше забрането да проповедаат во Кенија, па моравме да бидеме претпазливи. Во оваа земја имаа дојдено и други брачни парови од странство и, како странци, добивме дозвола за престој. Бројот на присутни на нашите состаноци не смееше да биде поголем од десет. Од таа причина, нашите семејства, па дури и децата, имаа значаен удел во нив.
Кратко време откако пристигнавме во Кенија, најдовме сместување, а Френк најде работа. Првата жена што ја сретнав сведочејќи од куќа до куќа сакаше да ја проучува Библијата и подоцна стана пионер, како што се нарекуваат полновремените проповедници на Јеховините сведоци. Проучував и со едно девојче по име Гуди, од верата на сиките. Таа задржа цврст став иако членовите на нејзината религија и семејството ѝ вршеа силен притисок да се откаже. Откако ја избркаа од дома, Гуди Лал се пресели кај едно семејство Сведоци, му го заветува својот живот на Јехова, стана пионер и подоцна дипломира на мисионерската школа Гилеад.
Нашето семејство се соочи со неколку проблеми. Најстариот син доби ревматска треска, а Френк се здоби со тешки изгореници додека поправаше еден автомобил, поради што ја загуби работата. Но, по некое време најде работа во Дар ес Салам, главниот град на Тангањика (сега Танзанија), оддалечен 1.000 километри од Најроби. Па така, се спакувавме и тргнавме на ова далечно патување. Во тоа време, во Дар ес Салам имаше мало собрание, кое ни приреди срдечен дочек.
Иако тогаш беше забрането да се проповеда во Танзанија, оваа забрана не беше толку строга. Во 1963 год., имавме посета од Милтон Хеншел, претставник од светското седиште на Јеховините сведоци кое се наоѓа во САД. За време на еден негов говор во Куримји Хол, најдобрата сала во земјата, до мене седна еден постар човек облечен во бедни алишта. Го поздравив и му дадов да следи од мојата Библија и песнарка. На крајот од програмата, го поканив да дојде повторно. Откако си замина, браќата од тоа место веднаш ми притрчаа.
„Знаеш ли кој беше тоа?“, ме прашаа. „Градоначалникот на Дар ес Салам!“ Пред тоа, тој се закануваше дека ќе ни го прекине собирот. Можеби планирал да го искористи како изговор ставот што претпоставувал дека ќе го покажам кон него. Но, беше толку одушевен од љубезноста и од грижата, што дозволи програмата непречено да продолжи. Беа присутни 274 лица, а 16 се крстија!
Додека бевме во Танзанија, државата стекна независност. Оттогаш локалните жители имаа поголема предност да добијат работа отколку странците. Повеќето странци мораа да ја напуштат земјата, но Френк упорно бараше работа и на крајот дозна дека е потребен еден вешт механичар што ќе одржува дизел-локомотиви. Тоа ни овозможи да останеме таму уште четири години. Кога договорот на Френк истече, се вративме во Канада, каде што останавме сѐ додека и најмалото дете не порасна и не се ожени. Но, сѐ уште се чувствувавме млади и едвај чекавме да имаме поголем удел во службата.
Се селиме во Индија
Во 1970 год., на препорака од подружницата на Јеховините сведоци во Бомбај (сега Мумбај), се преселивме во Бангалор — град кој во тоа време имаше 1,6 милиони жители. Овде за влакно се спасив од роговите на индискиот бивол. Во ова место имаше англиско собрание со 40 објавители и една изолирана група што зборуваше на тамилски јазик. Френк проучуваше со неколку лица кои сѐ подобро ја запознаваа Библијата и подоцна станаа старешини. И јас проучував со неколку семејства кои почнаа да му служат на Јехова.
Една жена по име Глорија живееше во многу сиромашна населба во градот. Кога првпат ја посетив, ме покани да влезам внатре. Бидејќи немаше никаков мебел, седевме на подот. Ѝ оставив една Стражарска кула, од кој таа го исече библискиот стих од Откровение 4:11 и го залепи на ѕидот за ѝ биде пред очи секој ден. За неа беа прекрасни зборовите „достоен си, Јехова“, кои се дел од овој стих. По една година, таа се крсти.
Френк беше повикан да работи една година во подружницата во Бомбај и да служи како надгледник при изградбата на првата Конгресна сала на Јеховините сведоци во Индија. Всушност, требаше да се догради уште еден кат врз веќе постоечката зграда на подружницата. Во тоа време, во цела Индија имаше околу 3.000 Сведоци, а во подружницата служеа помалку од 10. Во 1975 год., откако ја потрошивме нашата заштеда, со тешко срце ги напуштивме нашите пријатели кои ни станаа многу драги.
Повторно во Африка
По десет години, Френк се пензионира. Затоа се пријавивме да служиме во меѓународната програма за изградба на подружници. Добивме писмо со кое бевме замолени да одиме во Игедума (Нигерија) за да помогнеме околу еден проект што беше во тек. Додека бевме во Игедума, Френк ја проучуваше Библијата со еден човек од блиското село, кој добро напредуваше и подоцна стана член на подружницата на Јеховините сведоци во Нигерија.
Потоа заминавме во Заир, каде што учествувавме во изградбата на тамошната подружница. По кратко време, проповедањето беше забрането, а пасошите ни беа одземени. При изградбата, Френк доживеа срцев удар, но успеа да закрепне во текот на забраната. Подоцна сите градежни работници мораа да ја напуштат земјата, па бевме испратени да служиме во подружницата во Монровија (Либерија), каде што Френк требаше да го поправи генераторот. Во 1986 год., кога ни истекоа визите, повторно моравме да се вратиме во Канада.
Еквадор — нашата последна станица
Во меѓувреме, чувме дека нашиот добар пријател Енди Кид се преселил во Еквадор и дека службата таму е прекрасна. Енди служел како единствен старешина во тамошното собрание, па честопати морал да ги држи повеќето точки на состаноците. Во 1988 год., тој нѐ покани да ја посетиме подружницата во Еквадор, каде што се чувствувавме како дома.
Најдовме убав стан, но моравме да научиме шпански, а Френк имаше 71 година. Иако шпанскиот не ни одеше баш добро, за две години им помогнавме на 12 лица да се крстат. Френк беше замолен да помогне околу изградбата на подружницата во Еквадор. Исто така, тој ја проучуваше Библијата со сопругот на една од првите сестри во Гвајакил. Тој ѝ се противел 46 години, но подоцна ни стана пријател и духовен брат.
Тешка загуба
Се преселивме близу до гратчето Анкон, покрај Тихиот Океан, каде што можевме да помогнеме околу изградбата на една нова Сала на Царството. За жал, на 4 ноември 1998 год., откако го одржа последниот говор од Состанокот за нашата служба, Френк доживеа срцев удар и почина истата вечер. Браќата и сестрите од собранието ми дадоа голема поддршка. Наредниот ден Френк беше погребан на гробиштата преку патот од Салата на Царството. Нема зборови со кои би можела да ја опишам болката што ја носи смртта на некој што го сакаш.
Повторно морав да се вратам во Канада, овој пат сама, за да средам некои семејни и правни работи. Бев многу ужалена, но Јехова не ме заборави. Од подружницата во Еквадор добив писмо со кое бев поканета повторно да се вратам. Па така, се вратив и изнајмив едно мало станче во близина на подружницата. Тоа што бев зафатена и во подружницата и во службата ми ја ублажи болката поради смртта на Френк, но сѐ уште се чувствував многу осамена.
Се напрегам и понатаму
По некое време се запознав со Џуниор Џоунс. Во 1997 год., тој се преселил од САД во Еквадор за да служи како пионер. Имавме исти цели и интереси. Се зедовме во октомври 2000 год. Бидејќи Џуниор имаше искуство во градежништво, бевме поканети да работиме на довршувањето на Конгресната сала во Куенка, град кој е сместен високо на Андите. На 30 април 2006 год., Џефри Џексон од Водечкото тело на Јеховините сведоци дојде од Њујорк и го одржа говорот за свеченото отворање на кое присуствуваа 6.554 лица.
Кој би помислил дека проповедањето на добрата вест за Царството ќе даде толку добри резултати во сите тие далечни места — Африка, Индија и Јужна Америка! Јас и Џуниор воопшто не помислуваме да престанеме со нашата служба. Иако на Јехова му служам повеќе од 50 години, ми се чини како вчера да започнав со службата. Уверена сум дека, кога ќе дојде новиот свет, ќе ни се чини дека и сегашното време летнало за миг (Откровение 21:3-5; 22:20).
[Карта/слика на страница 15]
(Види во публикацијата)
Места во кои служевме
КАНАДА → АНГЛИЈА → КЕНИЈА → ТАНЗАНИЈА
КАНАДА → ИНДИЈА
КАНАДА → НИГЕРИЈА → CONGO, Д. Р. КОНГО (ЗАИР) → ЛИБЕРИЈА
КАНАДА → ЕКВАДОР
[Други места]
САД
[Слика]
Заедно со Френк одиме на собир (Индија)
[Слика на страница 15]
Заедно со мојот сопруг Џуниор Џоунс