Само играчки?
ЕГИПЌАНИТЕ ги правеле од рамни дрвени парчиња, Јапонците од превиткана хартија, Германците од порцелан, а Ескимите од фокина кожа. Некои возрасни ги собираат од хоби. А децата лудуваат по нив. Можеш ли да погодиш за што станува збор? Во право си, за куклите.
Во една енциклопедија стои: „Повеќето древни фигури што личат на кукли служеле за магиски и религиозни цели, а не како играчки“ (The World Book Encyclopedia). Древните Египќани цртале облека прошарана со разни мотиви врз мали дрвени парчиња во форма на весло, а потоа ги украсувале со нанижани глинени мониста кои претставувале коса. Ваквите кукли ги ставале во гробниците бидејќи верувале дека во задгробниот живот ќе им бидат слуги на покојните. За да се одмаздат, жителите на Карибите забодувале игли во вуду-кукли во обид да им нанесат зло на своите непријатели.
Во многу култури, куклите се користеле при обреди на плодноста. На пример, во стара Грција, непосредно пред да се омажат, девојките ги оставале своите кукли пред жртвеникот на Артемида, божицата на плодноста. Денеска, жените од племето Ашанти во Гана (Африка) носат кукла на појасот надевајќи се дека тоа ќе им помогне да родат убави деца. Некои девојки во Сирија на своите прозорци закачуваат кукла за да објават дека се слободни да стапат во брак.
Во Јапонија, за време на прославата Хина Мацури, односно Празникот на куклите, кој се одржува на 3 март секоја година, се користат кукли. Според една енциклопедија, оваа прослава, позната и како празник на девојчињата, „влече корен од неколку различни обичаи“ (Japan—An Illustrated Encyclopedia). „Еден од нив е кинескиот обред на прочистување кој се изведувал покрај река, на почетокот на третиот лунарен месец. Во периодот Хејан (794-1185 год.), на третиот ден од третиот месец, дворјаните повикувале гатачи кои им ги отстранувале нечистотиите префрлајќи ги на фигури од хартија... кои потоа ги фрлале во реката или во океанот.“
Кукли што служеле како играчки
Во периодот Едо (1603-1867 год.), детските кукли во Јапонија биле имитација на вистински личности и за нив била изработувана облека во најразлични стилови. Други видови кукли можеле да се движат со помош на жици, пружини, макари и дрвени механизми. Една од овие кукли можела дури и да ги послужува гостите со чај и да им го земе празниот филџан!
До 18 век, во западните земји „немало детство во денешна смисла на зборот“, стои во една енциклопедија. „Децата биле сметани за возрасни и од нив се очекувало да се однесуваат како такви.“ Затоа, се правеле кукли и за деца, а не само за возрасни. Меѓутоа, во текот на 19 век се увидело дека играта има важна улога во процесот на развој кај децата, што довело до расцут на куклената индустрија во Европа.
Уште во 1824 год, во Германија била направена кукла што со помош на посебен механизам можела да каже „мама“ и „тато“. Нешто подоцна биле направени и кукли што одат. Американскиот пронаоѓач Томас Едисон направил мал диктафон со кој изгледало дека куклите зборуваат. Во меѓувреме, Французите направиле кукла која можела да јаде, позната како Bébé Gourmand (бебе со голем апетит). Франција била позната по своите модерни кукли облечени во елегантни костуми. За нив можело да се купи и додатна опрема како, на пример, чешли, крзна, ладала и мебел.
Во 20 век беа произведени многу кукли — повеќе од кога и да било порано. Во 1940-тите почнала да се користи пластика, што овозможило производство на евтини кукли со многу сложени детали. Пластичната барбика е најпродаваната кукла уште откако се појави на пазарот во 1959 год. Продадени се повеќе од една милијарда вакви кукли, а само во 1997 год., од нивната продажба производителот заработил 1,2 милијарди евра.
Кукли во улога на учители
За да ги поучат своите деца за нивните племенски богови, Пуебло Индијанците користат качина-кукли направени од кактусов корен или борово дрво. За време на една посебна церемонија, еден член на племето се облекува и се преправа дека е еден од тие богови. Потоа, родителите им даваат на своите деца кукла што личи на тој бог за да можат да се запознаат со него додека си играат со куклата.
Една енциклопедија вели дека куклите „им даваат на децата можност да ги изразат своите повредени чувства, гневот и другите емоции“ (The World Book Encyclopedia). „Кога си играат со кукли, децата можат да ги испробаат улогите што очекуваат дека ќе ги преземат кога ќе пораснат.“ За време на мајскиот празник Ден на децата, кој се одржува во Јапонија, изложена е една кукла која личи на младич со традиционална воена опрема. Оваа кукла служи како пример за стабилен и ценет член на општеството на кој, според локалната култура, треба да се угледаат момчињата.
Бидејќи децата емоционално се приврзуваат за своите кукли, мудрите родители ќе внимаваат какво влијание можат да имаат куклите врз развојот на нивното дете. На пример, некои тврдат дека изгледот на одредени кукли, како и бескрајниот избор на гардероба за нив, може да се одрази негативно врз девојчињата. Една критичарка смета дека таквите кукли можат да ги расипат „малите девојчиња бидејќи подмолно им упатуваат порака дека изгледот и облеката се поважни од нивниот карактер“.
Секој што гледал како некое дете си игра со кукла може да потврди дека за него куклата не е само играчка — сеедно дали е направена од платно, хартија, дрво, пластика или од некој друг материјал. Тоа ја доживува како пријател со кого може да си игра, да му се довери и да ужива во своето детство.
[Рамка на страница 27]
Оживеан интерес за стари кукли
Собирањето кукли стана многу популарно хоби. Ваквата појава, која зеде замав во 1970-тите години, прерасна во меѓународен бизнис. Колекционерите бараат евтини пластични кукли што вредат само неколку долари или ретки кукли, како што се куклите од Кемер и Рајнхард. Една од овие кукли, која била произведена во Германија во почетокот на 20 век, на една аукција е продадена за 189.600 евра! Музејот Strong National Museum of Play во Рочестер (Њујорк, САД) има најголема колекција од околу 12.000 кукли.
[Рамка/слика на страница 28]
Кукли кријат ли опасности?
Како можат родителите да ги заштитат своите деца од негативното влијание што можат да го имаат некои кукли? Во весникот The Washington Post е изразен следниов тажен факт: „Како што беше случај со тутунската индустрија така е и со индустријата за забава и со компаниите за производство на играчки. Тие не ја преземаат одговорноста, и најверојатно тој став никогаш нема да го сменат“. Очигледно, одговорноста треба да ја преземат родителите.
Библијата им заповеда на родителите секој ден да им пренесуваат на своите деца корисни поуки (5. Мојсеева 6:6-9; Изреки 22:6). Како би можеле да го сторат тоа? Како би можеле да ги заштитат од негативното влијание на некои кукли? Една мајка ѝ го прочитала на својата ќерка стихот од 1. Тимотеј 2:9, каде што станува збор за скромната облека, а потоа ја поттикнала да размислува за него. Еве како течел нивниот разговор:
Мајката: Дали овие кукли ти личат на деца или на жени?
Ќерката: На жени.
Мајката: Зошто мислиш така?
Ќерката: Затоа што имаат тело како жена и носат облека и чевли за жени.
Мајката: Имаш право. А сега, откако го прочитавме стихот од Библијата, дали мислиш дека христијанките треба да носат облека каква што носат овие кукли?
Ќерката: Не.
Мајката: Зошто?
Ќерката: Затоа што сукњите им се многу кратки,.. блузите им се многу отворени,.. и сѐ им е припиено за телото.
Се разбира, треба да вложиш труд за им ги пренесеш на твоите деца Божјите начела и да им помогнеш да дојдат до вакви заклучоци. Но, вреди да го сториш тоа! Книгата Учи од Големиот Учител, издадена од Јеховините сведоци, им помага на многу родители да ги поучат своите деца за Божјите мерила.
И ти можеш да добиеш примерок од оваа илустрирана книга со 256 страници ако пишеш на адреса: Јеховини сведоци, п.ф. 800, 1 000 Скопје. Наведи дека сакаш да нарачаш примерок од книгата Учи од Големиот Учител.
[Слика на страница 26]
Јапонска кукла што послужува чај
[Слика на страница 26]
Француска кукла (бру)
[Извори на слики на страница 26]
Горе: © SHOBEI Tamaya IX; во средина: Courtesy, Strong National Museum of Play, Рочестер, Њујорк; долу: © Christie’s Images Ltd