Африкански играчки без пари
Од дописникот на Разбудете се! од Сиера Леоне
Облечено само во избледени жолтокафеави кратки панталони, едно малечко момче се шета и си го влече своето камионче за играње — рѓосана конзерва од сардини. Внатре му е товарот — купче ситни каменчиња.
Малку погоре по патот една група босоноги момчиња игра фудбал. Топката им е изврзана од крпи. Стативите се од камења.
Таму, едно тригодишно девојче си ја гушка кукличката — кафеава прачка завиткана во мека, црвена крпа.
Тоа се вообичаени глетки во африканските земји. Сепак, можеби изгледаат чудни за читателите кои живеат во индустријализираните нации. Можеби мислите (како што ве навела рекламната индустрија да мислите) дека играчките се нешто што се купува. Меѓутоа, долго време пред ерата на фабрички произведените играчки, децата сами си ги правеле своите играчки. А во Африка креативната традиција е многу развиена.
Играчки за момчиња
Уште од древни времиња, момчињата биле пленети од возилата. Грчките и римските момчиња си играле со минијатурни запрежни коли. И затоа не изненадува што механичките транспортни средства сѐ уште ја пленат и возбудуваат креативноста на момчињата.
Абрахам, ученик од Гана, сече гранки од кокосови палми со еден долг нож. Од нив прави товарен камион. Тркалата му се од колца исечени од стара пластика.
Во Лесото, едно момче кое се вика Чепа прави ландровер од пивски конзерви и жица. Ги отвора конзервите, ги израмнува, ги сече по димензии и ги свиткува преку жичен костур за да ја направи каросеријата на колата. Половинки од пивски конзерви ќе бидат тркалата на ова возило.
Да, од конзерви, трски, картони, жица и бамбус, африканчињата прават авиони, автобуси, велосипеди, трактори, автомобили и кануа. И никогаш нема две идентични играчки!
Жичен автомобил
Таа досетливост можеби е најдобро изразена во она што се нарекува жичен автомобил. Тоа се возила направени од остатоци од жица и од лимени конзерви.
Но прво, оној што прави жичен автомобил мора да се снабди и со материјалите. На пример, Тамба излегува од дома рано наутро за да започне со потрагата. Еден сосед му дава неколку стари закачалки за облека — идеални за шасијата и за главниот дел од каросеријата. На едно ѓубриште наоѓа електрична жица. Капачиња од конзерви од 8 сантиметри ќе послужат како тркалца. На патот за дома, Тамба добива дозвола да земе дебела жица од една распадната ограда, долга околу еден метар.
Сега следи фазата на конструирање. Откако ќе го скицира приближниот план на едно картонче, Тамба е подготвен да започне со самото градење. Користејќи ги клештите на татко му, тој ги сече, свиткува и ги врзува закачалките според замислата. Откако каросеријата е завршена, тој додава оски и тркалца од капачиња од конзерви. Потоа доаѓаат деталите — вратите, подот, седиштата, рамките на прозорците, решетки, браници и светла. Се разбира, колата на Тамба ќе има и некои детали, како мало парче огледало и малку тепих за подот. Проѕирната хартија од бонбони служи како „стакло“ за прозорците.
Сега е време да се прицврсти дршката за управување, која минува низ кровот и назад преку самата кола па сѐ до неговата половина. Тамба го обликува овој крај во волан, што ќе му овозможи да ја „вози“ својата кола со туркање. Колку време е потребно за да се направи? Два дена. Но сега следува вистинската забава — возењето! Со раката на воланот, Тамба го турка својот автомобил и вешто го управува околу препреките. А за ноќно возење, некои момчиња вградуваат фарови на батерии, односно светилки од џебни ламби.
Африкански кукли
Куклите се наречени „најстарите играчки на човештвото“. Меѓутоа, африканските кукли се многу поинакви од купечките.a Замислете си, на пример, кукла од банана! Тие се популарни меѓу западноафриканските девојчиња. Откако ќе му нацртаат на овошјето две очи, уста и нос, ја облекуваат куклата на соодветен начин. Некои дечиња дури ги носат на грб своите „деца“ за играње — исто како мама!
Јужноафриканските девојчиња знаат да прават „бебиња“ и од кочани од пченка. Се додаваат стапченца за раце и нозе. За облека служат неколку парталчиња. А свилата од пченка е идеална за плетенки.
Синтија, едно девојче од Сиера Леоне, оди од кројач до кројач и собира остатоци од материјали за уште еден вид на кукла. Тоа е кукла од парчиња, односно кукла од крпи. Од мајка си позајмува ножици, игла и конец, го исечува материјалот и ја сошива куклата. Малите парчиња материјал се користат за полнење или од нив се шијат очи, нос и уста.
Времињата се менуваат
Но, во последниве години во Африка има прилив на евтини, изработени играчки од Далечниот Исток. На пример, во Западна Африка, пластичните кукли можат да се купат за само 40 центи. Поради тоа што се трајни и повеќе личат на вистински бебиња, девојчињата повеќе ги сакаат нив отколку кочаните или куклите од крпи.
Една тинејџерка која се вика Сафи, на една тезга на улица во Фритаун, главниот град на Сиера Леоне, продава кукли од крпи кои имаат човечки облик. Се продаваат по скромна цена од 2,50 долари. А кои се нејзини муштерии? Сафи признава: „Тоа се најмногу туристи од Америка и Европа кои сега сакаат кукли од крпи. Африканските деца повеќе сакаат пластични бебиња“.
Но дали момчињата повеќе ги сакаат играчките што се продаваат во продавница? Тринаесетгодишниот Рејмонд штотуку потрошил цела седмица во изработката на еден прекрасен жичен камион. „Кога некој би ти понудил изработен камион за играње во замена за твојот камион“, го запрашавме, „дали би го заменил?“ Веднаш одговори: „Се разбира! Повеќе личи на вистински камион“.
Да, возилата направени дома ја губат популарноста додека фабричките автомобили-играчки стануваат сѐ помногубројни. Патриша Дејвисон, во списанието African Arts, наведува: „Се чини дека лошите општествено-економски услови кои се вообичаени за заедниците кои ги произведуваат овие играчки, го стимулирале овој вид на креативно изразување, и обратно, таа креативност може да биде спречена со материјалното изобилство“.
Според тоа, дали во Африка фабричките играчки на крајот ќе ги заменат играчките направени дома? Времето ќе покаже. Занимливо, повеќе организации ширум Африка се обидуваат да ја одржат жива традицијата на домашни играчки со тоа што спонзорираат натпревари во правење на играчки. Исто така, некои музеи собираат примероци на оваа уметност за нивните изложби. Сепак, кога им се дава да изберат, децата скоро секогаш ги избираат фабричките играчки, бидејќи се поблику до реалноста.
Можеби тоа е жалосно, зашто за разлика од купечките, домашните играчки ја стимулираат креативноста, оригиналноста, досетливоста, уметноста и фантазијата. Забавно е кога се прават и даваат чувство дека нешто е постигнато. А трошокот е незначителен.
[Фуснота]
a Африканските статуи изрезбани од дрво, кои во минатото биле поврзани со религија и спиритизам, африканските деца ретко ги користат како играчки. Г-н Х. У. Коул, директор на Музејот Сиера Леоне во Фритаун, за Разбудете се! изјави дека поради влијанието од Запад, таквите ликови сѐ повеќе се користат за декоративни цели.
[Истакната мисла на страница 19]
Далеку пред ерата на фабричките играчки, децата сами си ги правеле играчките