Најдобрите играчки
Каква играчка да му купам на моето дете? Колку пари да потрошам? Ако сте родител, веројатно многу пати сте си ги поставиле тие прашања. Па, добра вест е тоа што најдобрите играчки можат да бидат и најевтини.
„На децата повеќе им користи активно учество и истражување отколку пасивно гледање, па затоа едноставните играчки за кои е потребна фантазија се подобри од блескавите автомобилчиња на батерии или од куклите што зборуваат, кои го ограничуваат она што може да го прави Вашето дете“, стои во книгата Мотивирани умови — да се воспитуваат децата да го сакаат учењето (Motivated Minds—Raising Children to Love Learning). Вторите играчки што ги спомнавме можеби „во почетокот се забавни, но децата обично брзо губат интерес затоа што со нив не можат да експериментираат, да истражуваат или да креираат“.
Во зависност од возраста на детето, во играчки што го стимулираат умот спаѓаат толку едноставни работи како што се коцки, празни кутии, хартија, материјали за цртање, па дури и песок и вода. „Малите играчки, како што се играчките што претставуваат животни од фармата“, стои во Мотивирани умови, „ќе му дадат [на детето] можност да спојува, да групира и да споредува, како и да ги развива своите јазични способности измислувајќи приказни“. Книгата исто така предлага едноставни музички инструменти — ако сте подготвени да ја трпите вревата — затоа што тие им помагаат на децата да ги истражуваат звуците и нивните карактеристики.
Децата имаат бујна фантазија и многу сакаат да учат и да си играат. Затоа, зошто не им помогнете на сите три подрачја со тоа што мудро ќе ги избирате нивните играчки?