Вкусното тајландско мени
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МАЛЕЗИЈА
ЗАМИСЛИ СИ дека се шеташ низ некоја од прометните улици во Бангкок (Тајланд). Вниманието ќе ти го привлече неодоливиот мирис што допира од некоја кујна под отворено небо, во која се приготвуваат типични тајландски јадења. Привлечната миризба и пријатните бои просто те принудуваат да ја пробаш оваа вкусна храна.
Тајландските специјалитети се неодоливи благодарение на внимателно избраните зачини, корења, листови и семиња што се користат за нивно приготвување. Тешко е да ја игнорираш примамливата мешавина од сладок, кисел, солен, горчлив и лут вкус и мирис што ги создаваат овие состојки. На што се должат ваквите необични комбинации во тајландската кујна? Подалечната историја ни го дава одговорот на ова прашање.
Туѓи влијанија
Тајланд е главен крстопат на Азија. Тука со векови навраќале патници од Кина, Лаос, Камбоџа, Индонезија, Европа и други места, а многумина од нив одлучиле тука и да се населат. Овие народи со себе ја понеле и храната што е карактеристична за нивните земји, па така во Тајланд се одомаќиле вкусовите и аромите на нивните јадења.
Многу одамна, патници од Индија им покажале на Тајланѓаните како да готват со кари. Во 16 век, Португалците ги донеле феферонките, а можеби и доматите. Тајландската кујна денес е многу разновидна, но најзастапени во неа се различните жолти, зелени и црвени феферонки, како и сос од кари во истите бои. Ваквата мешавина од кари и феферонки им го дава на овие јадења јакиот вкус што е карактеристичен за источната кујна.
Различни јадења, различни вкусови
Еден типичен тајландски оброк се состои од неколку јадења — на пример, супа, салата, нешто пржено, јадење со кари и сосови за макање. Но, ниту еден оброк не поминува без бел врел ориз. На крајот следува десерт, чии главни состојки може да бидат шеќерот и јајцата, но за правење десерти се користат и кокосовото месо и млеко.
Основен услов за една храна да биде добра, сеедно за која кујна станува збор, е да биде приготвена од свежи продукти, а нив во Тајланд ги има на секој чекор. На градските пазари може да се најде свежо овошје, зеленчук, риба и разни зачини, како што се лимонската трева, коријандерот, лукот, ѓумбирот, кардамонот, тамариндот и крстестиот ким, како и изобилство од феферонки и зелени лимони (лимети), кои се многу застапени во тајландската кујна.
Сеедно дали планираш да отидеш во Тајланд или да пробаш тајландска храна онаму каде што живееш, не пропуштај го специјалитетот том јам гонг, една луто-кисела супа од ракчиња. Нема да згрешиш ни ако пробаш зачинета салата од папаја, фиде од соја со печена кокошка или патка, исецкано свинско месо или маринирана риба. Ма хо, што во превод значи „коњи во галоп“ е смеса од свинско месо, морски ракчиња и кикиритки истурена врз свеж ананас и гарнирана со црвени феферонки и листови од коријандер. За крај, пробај десерт од леплив ориз со манго и кокосово млеко.
Како е најдобро да се јаде еден тајландски специјалитет? Традиционалниот обичај кој се следи во некои места во Тајланд е да се јаде со прсти — од посебно приготвениот леплив ориз правиш топче, го макаш во сос, а потоа набрзина го ставаш во уста. Кога јадеш фиде, најверојатно ќе ти биде полесно да се послужиш со стапчиња за јадење. Но, ако не си многу вешт со нив, можеби сепак ќе ти биде најдобро да си земеш виљушка или лажица.
Дали тајландската храна ти отвори апетит? Деликатесите од оваа прекрасна азиска земја можеби ќе те поттикнат да ги пробаш вкусните јадења од источната кујна.
[Слики на страница 23]
1 Том јам гонг
2 Салата од фиде со мелено свинско месо и ракчиња
3 Зачинета салата од папаја
4 Ма хо
5 Леплив ориз со манго и кокосово млеко