ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w08 15/10 стр. 17-20
  • „Јехова ми е сила“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Јехова ми е сила“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Ја дознаваме вистината
  • Пионерската служба и благословите од неа
  • Обука на Школата Гилеад
  • „Земја на насмевките“
  • Нов партнер и нова задача
  • Благослови од тоа што служев со ‚силата од Јехова‘
  • „Твојата срдечна љубезност е подобра од животот“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Јехова ме поучи да ја вршам неговата волја
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Исправни одлуки што ми донесоа трајни благослови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
w08 15/10 стр. 17-20

„Јехова ми е сила“

Раскажала Џоен Ковил

Родена сум во јули 1925 год., во Хадерсфилд (Англија). Бев единствено дете и имав слабо здравје. Затоа татко ми имаше обичај да каже: „Ветре да дувне, ти ќе се разболиш“. И навистина изгледаше така!

КОГА бев дете, свештениците горливо се молеа за мир, но кога избувна Втората светска војна, се молеа за победа. Ова ме збуни и во мене роди сомнежи. Токму во тоа време, кај нас дојде Ени Ретклиф, единствениот Јеховин сведок во нашиот крај.

Ја дознаваме вистината

Ени ни ја остави книгата Спасение (Salvation) и ја покани мајка ми на една библиска дискусија што требаше да се води кај неа дома.a Мајка ми ме поведе и мене. Сѐ уште се сеќавам на тој настан. Се зборуваше за откупнината и, на мое изненадување, воопшто не беше здодевно. Добив одговор на многу мои прашања. Следната седмица појдовме повторно таму. Тогаш беше објаснето Исусовото пророштво за знакот на последните денови. Бидејќи бевме свесни колку се тешки условите во светот, и мама и јас веднаш сфативме дека ова е вистината. Истиот тој ден бевме поканети да одиме во Салата на Царството.

Во Салата се запознав со млади пионери, меѓу кои беше и Џојс Барбер (сега Елис), која сѐ уште служи со својот сопруг, Питер, во Бетелот во Лондон. Добив впечаток дека сите што се таму се пионери. Затоа веднаш почнав да проповедам по 60 часови секој месец, иако сѐ уште одев на училиште.

Пет месеци подоцна, на 11 февруари 1940 год., јас и мајка ми се крстивме на еден зонски собир (сега наречен покраински собир) во Бредфорд. Татко ми не се противеше на нашата новопронајдена вера, но никогаш не стана Сведок. Во времето кога се крстив, Јеховините сведоци штотуку беа почнале со практиката да сведочат на улица. Учествував и јас така што носев плакати и торба со списанија. Една сабота, требаше да стојам на најпрометниот дел од една улица со дуќани. Сѐ уште имав страв од човек и, како за беља, ми се чинеше дека тој ден сите школски другари поминаа на аголот каде што стоев!

Во 1940 год., друштвото (како што тогаш се нарекуваше собранието) на кое припаѓавме требаше да се подели. По таа поделба, речиси сите мои врсници останаа во другото друштво. Му се пожалив за ова на слугата на друштвото (сега се вика претседавачки надгледник). А тој ми рече: „Ако сакаш да се дружиш со млади, оди и најди ги на подрачјето“. Токму тоа и го сторив! Кратко потоа се запознав со Елзи Ноубл. Таа ја прифати вистината и ми стана доживотна пријателка.

Пионерската служба и благословите од неа

Откако завршив со школувањето, работев за еден книговодител. Но, кога гледав колку се радосни полновремените слуги, кај мене сѐ повеќе растеше желбата да му служам на Јехова како пионер. Во мај 1945 год., започнав да служам како специјален пионер. Првиот ден од мојата пионерска служба истураше дожд од утро до мрак. Сепак, толку бев среќна што излегов да проповедам што воопшто не ми беше гајле за дождот. Всушност, тоа што секој ден бев излезена во службата и редовно вежбав возејќи го велосипедот многу добро се одрази на моето здравје. Иако никогаш во животот не сум била потешка од 45 килограми, во ниту еден момент не морав да прекинам со пионерската служба. Низ годините, во буквална смисла на зборот чувствував дека „Јехова ми е сила“ (Пс. 28:7).

Како специјален пионер, бев испратена во места каде што немаше Сведоци, за да се основаат нови собранија. Прво служев три години во Англија, а потоа уште три години во Ирска. Додека служев како пионер во Лизберн (Ирска), проучував со еден човек кој беше помошник на пасторот во една протестантска црква. Како што ги дознаваше основните библиски учења, им ги кажуваше на верниците во својата црква. Некои од нив се пожалиле на црковните власти и, се разбира, тие побараа објаснување од него. Тој им кажа дека неговата христијанска должност му налага да му објасни на стадото дека ги поучувал за многу неточни работи. Иако неговото семејство многу му се противеше, тој му го заветува својот живот на Јехова и верно му служеше сѐ до својата смрт.

Во Ларн (Ирска), вториот град каде што служев како пионер, бев сама шест седмици, бидејќи сестрата што требаше да служи со мене беше на конгресот „Пораст на теократијата“ во Њујорк, во 1950 год. Тогаш ми беше многу тешко. Копнеев да сум на конгресот. Сепак, во текот на тие неколку седмици, имав неколку охрабрувачки искуства во службата. Се запознав со еден постар човек кој добил една наша публикација пред повеќе од 20 години. Толку многу пати ја прочитал низ годините што речиси целата ја знаеше напамет. Тој, како и неговите син и ќерка, ја прифатија вистината.

Обука на Школата Гилеад

Во 1951 год., заедно со уште 10 други пионери од Англија, бев поканета да присуствувам на 17. клас во Школата Гилеад во Саут Ленсинг (Њујорк). Колку уживав во библиските поуки што ги добивме тие месеци! Во тоа време, сестрите сѐ уште немаа учество во Теократската школа за служба во матичните собранија, но во Гилеад добиваа задача да изнесат ученички говор и извештај. Имавме голема трема! Во текот на целиот мој прв говор, раката во која ги држев белешките постојано ми се тресеше. Инструкторот, брат Максвел Френд, на шега рече: „Не само што имаше трема во почетокот, како и сите други добри говорници, туку имаше трема до самиот крај“. Во текот на Школата, сите ја подобривме нашата способност за зборување пред класот. Времето што го минавме на обуката ни летна за миг! На крајот сите добивме задача да служиме во некоја странска земја. Јас бев доделена да служам во Тајланд!

„Земја на насмевките“

За мене беше вистински дар од Јехова тоа што Астрид Андерсон ми стана мисионерски партнер во Тајланд. Патувавме седум седмици на товарен брод за да стигнеме до таму. Прво нешто што ни падна во очи по пристигнувањето во главниот град Бангкок, беа бучните пазари преполни со луѓе и мрежата од канали со вода кои, всушност, беа главни улици во градот. Во 1952 год., во Тајланд имаше помалку од 150 објавители на Царството.

Кога за првпат видовме Стражарска кула на јазикот таи, се прашувавме: ‚Како ли ќе го научиме овој јазик?‘ Особено ни беше тешко да ги изговараме зборовите со исправна интонација. На пример, зборот кхау̀, кога се изговара со висока интонација која нагло се спушта, значи „ориз“, но кога се изговара со ниска интонација значи „вест“. Па така, кога одевме да проповедаме во почетокот, со жар им кажувавме на луѓето дека им носиме „добар ориз“ наместо „добра вест“! Сепак, постепено — и по многу смеење — успеавме да го научиме јазикот.

Жителите на Тајланд се многу мили. Затоа му одговара и името што му е дадено — „Земја на насмевките“. Нашата прва задача беше да проповедаме во градот Корат (сега Након Ратчасима), каде што служевме две години. Подоцна бевме доделени во градот Чијанг Маи. Повеќето жители на Тајланд се будисти и не знаат многу за Библијата. Во Корат, проучував со управникот на поштата. Зборувавме за патријархот Авраам. Бидејќи човекот го имаше слушнато името Авраам од порано, воодушевено кимаше со главата. Но, наскоро сфатив дека не мислевме на истиот Авраам. Тој цело време мислел дека зборувам за Абрахам Линколн, поранешен претседател на САД!

Со задоволство ги поучувавме искрените Тајланѓани за Библијата, но истовремено учевме од нив како да бидеме среќни водејќи едноставен живот. Тоа беше скапоцена лекција бидејќи, во првиот мисионерски дом во Корат, немавме ни струја ни вода. На таквите задачи ‚научивме како да бидеме задоволни и кога имаме изобилство и кога сме во немаштија‘. Исто како апостол Павле, од прва рака увидовме како ‚можеме да правиме сѐ со помош на оној што ни дава сила‘ (Фил. 4:12, 13).

Нов партнер и нова задача

Неколку години пред тоа, во 1945 год. отидов во Лондон. За време на таа посета, го разгледав Британскиот музеј заедно со неколку пионери и бетелци. Меѓу нив беше и Ален Ковил, кој кратко потоа присуствуваше на 11-тиот клас на Гилеад. Беше доделен да служи прво во Франција, а потоа во Белгија.b Подоцна, додека сѐ уште служев како мисионерка во Тајланд, ме побара за жена, и јас се согласив да се омажам за него.

Се венчавме во Брисел (Белгија) на 9 јули 1955 год. Ми беше животен сон да одам во Париз на меден месец, па затоа Ален испланира следната недела да одиме таму на еден конгрес. Но, откако пристигнавме, веднаш го викнаа да помага како толкувач во текот на целиот конгрес. Секој ден, тој мораше да излезе рано наутро, а се враќавме заедно доцна навечер. Значи, бев на меден месец во Париз, но главно го гледав Ален оддалеку — на подиумот! И покрај тоа, бев среќна што мојот маж им служеше на браќата и на сестрите на овој начин, и воопшто не се сомневав дека навистина ќе бидеме среќни ако Јехова е во средиштето на нашиот брак.

Бракот значеше и ново подрачје за проповедање за мене — Белгија. Речиси сѐ што знаев за Белгија беше дека во неа се воделе многу битки во неколку војни, но наскоро увидов дека Белгијците, всушност, се многу мирољубив народ. Новата задача значеше и учење на францускиот јазик, кој се зборува во јужниот дел на земјата.

Во 1955 год., во Белгија имаше околу 4.500 објавители. Скоро 50 години, јас и Ален служевме во Бетел и во патувачкото дело. Првите две и пол години, патувавме со велосипед, горе-долу по ридовите, по сонце и дожд. Низ годините, ноќевавме во повеќе од 2.000 домови на нашите браќа! Честопати имав можност да се запознаам со браќа и сестри што не беа физички јаки, но сепак му служеа на Јехова со сета сила. Нивниот пример ме охрабри да не се предавам во службата. На крајот од секоја посета на некое собрание се чувствувавме охрабрени (Рим. 1:11, 12). Ален ми беше вистински другар. Колку се вистинити зборовите од Проповедник 4:9, 10: „Подобро им е на двајца отколку на еден... зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој“!

Благослови од тоа што служев со ‚силата од Јехова‘

Низ годините, јас и Ален доживеавме голем број убави искуства додека им помагавме на другите да му служат на Јехова. На пример, во 1983 год., посетивме едно француско собрание во Антверпен. Таму бевме сместени кај едно семејство кај кое престојуваше и Бенџамин Бандивила, млад брат од Заир (сега Демократска Република Конго). Бенџамин се беше преселил во Белгија за да студира на факултет. Тој ни рече: „Ви завидувам на животот што го водите. Навистина сте потполно посветени на Јеховината служба“. А Ален му одговори: „Велиш дека ни завидуваш, а сепак си се одлучил за световна кариера. Зарем не ти се чини дека тоа е противречно?“ Тој директен одговор го натерал Бенџамин да се подзамисли што прави со својот живот. Подоцна се врати во Заир, почна со пионерска служба и сега служи како член на Одборот на подружницата.

Во 1999 год., имав операција на чир на хранопроводот. Оттогаш имам само 30 килограми. Навистина сум кршлив ‚земјен сад‘. Сепак, благодарна сум што Јехова ми дава „сила, која ја надминува нормалната“. По операцијата, Тој ми даде сила повторно да го придружувам Ален во патувачкото дело (2. Кор. 4:7). Потоа, во март 2004 год., Ален умре на спиење. Иако многу ми недостасува, ме теши помислата дека е во Јеховиното сеќавање.

Денес, на 83 години, размислувам за над 63-те години што ги поминав во полновремена служба. Сѐ уште активно учествувам во службата, водам библиска студија кај мене дома и секој ден користам прилика да зборувам со другите за Јеховината прекрасна намера. Понекогаш се прашувам: ‚Каков ќе ми беше животот ако не станев пионер во 1945 год.?‘ Тогаш се чинеше дека моето слабо здравје е оправдана причина да не го сторам тоа. Сепак, колку сум благодарна што станав пионер уште кога бев млада! Ја имав предноста да почувствувам на своја кожа дека, ако го ставиме Јехова на прво место, тој ќе биде нашата сила.

[Фусноти]

a Книгата Спасение беше издадена во 1939 год. Повеќе не се печати.

b Животната приказна на брат Ковил излезе во англиското издание на Стражарска кула од 15 март 1961 год.

[Слика на страница 18]

Со Астрид Андерсон, мојата партнерка во мисионерската служба (десно)

[Слика на страница 18]

Во патувачкото дело со маж ми (1956)

[Слика на страница 20]

Со Ален во 2000 год.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели