Смртта — дали е крај на сѐ?
ВО ФЕВРУАРИ 1987 год., еден 85-годишен човек решил да прекине со дијализата која го одржувала во живот. Две седмици подоцна, мирно починал во својот дом додека син му единец стоел покрај него.
Овој последен заеднички момент им дал можност да размислуваат за едно прашање за кое дискутирале и порано — постои ли живот по смртта? Таткото, кој инаку имал високо образование, се сомневал во тоа. Бил под влијание на учењето за еволуција и се гадел од лицемерството во религијата. Се сметал за агностик, т.е. верувал дека постоењето на Бог не може да се спознае.
Бидејќи сакал да го утеши и да му влее надеж, син му изнел неколку докази дека животот по смртта не е само сон. Непосредно пред да умре, таткото му признал дека би сакал да живее повторно и да има исто здравје и сила како порано.
Желбата за живот
Кога би можеле да живеат во свет во кој владее мир, и да се здрави и силни како во младоста, повеќето, ако не и сите би сакале повторно да живеат. Луѓето не се како животните, кои во Библијата се опишани како „неразумни“, или „созданија по инстинкт“ (2. Петрово 2:12, Превод на МПЦ — ревидирано издание). Ги погребуваме оние што ни умреле. Размислуваме за иднината. Не сакаме да старееме, да се разболуваме и да умреме. А, сепак, тоа е дел од реалноста.
Нѐ депримира и самата помисла дека ние или некој близок треба да умре. Меѓутоа, Библијата нѐ поттикнува храбро да се соочиме со смртта. Таа вели: „Подобро е да одиш во куќа каде што плачат отколку во куќа каде што се гоштаваат... Кој е жив, нека го земе тоа присрце“ (Проповедник 7:2). Зошто би требало смртта да ја земеме присрце, т.е. длабоко да размислуваме за неа?
Една причина е тоа што имаме вродена желба да живееме и да уживаме во животот во мир и безбедност. Никој не би сакал да умре и да го загуби животот. Многу ни е тешко да се помириме со фактот дека ќе престанеме да постоиме. Еве како Библијата објаснува зошто: „И мисла за вечноста [Бог] вградил во човечките срца“ (Проповедник 3:11, Радосна вест). Ние сакаме да живееме, а не да умреме. Размисли: Дали оваа желба ќе беше толку силна ако нашиот Творец никогаш немал намера да живееме вечно? Дали воопшто е можно човек што ќе умре повторно да живее и да биде здрав и среќен засекогаш?
Зошто да веруваме
Минатата година, во AARP The Magazine, списание кое го издава Американското здружение на пензионерите, беше објавена статија со наслов: „Живот по смртта“. Беа интервјуирани многу луѓе што се постари од 50 години, а резултатите покажаа дека „речиси три четвртини (73 отсто) се согласиле со изјавата: ‚Верувам во живот по смртта‘“. За разлика од нив, речиси 25 отсто се согласиле со изјавата: „Верувам дека со смртта завршува сѐ“. Но дали луѓето навистина сакаат да веруваат во тоа?
Во истата статија се известува дека еден католик од Њујорк по име Том рекол: „Нѐ учат дека, кога ќе умреме, пак ќе сме живееле. Луѓето може да си кажат сѐ и сешто. Секој треба сам да одлучи во што ќе верува. Одам на миса. Живеам како да има живот по смртта, но не верувам во тоа. Сепак, нема да имам ништо против дури и да испадне дека немам право“.
Многу луѓе се скептици, исто како Том. Човекот спомнат на почетокот од оваа статија честопати му велел на синот: „Религијата е за оние што не можат да се помират со смртта“. Но, и тој и други скептици, на крајот, доаѓаат до заклучокот дека многу чуда можат да се објаснат само ако признаеме дека постои семоќен Творец.
Еве еден пример за такво чудо. Само три седмици по зачнувањето, почнуваат да се оформуваат мозочните клетки на ембрионот. Понекогаш овие клетки се размножуваат многу брзо — и до 250.000 во минута! По девет месеци се раѓа бебе со неверојатен потенцијал да учи нови работи. Молекуларниот биолог Џејмс Вотсон го нарекол човечкиот мозок „најсложеното нешто што досега сме го откриле во нашата вселена“.
Кога размислуваат за ваквите чуда, повеќето се исполнети со страхопочит. Дали истото е случај и со тебе? Дали тоа ти помага да дојдеш до одговор на прашањето што го поставил еден човек што живеел многу одамна: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак?“ Тој со доверба му одговорил на Бог: „Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам. Ќе копнееш по делото на своите раце“ (Јов 14:14, 15).
Имаме добра причина да ги разгледаме доказите што нѐ уверуваат дека е можно да се живее по смртта.