Што вели Библијата
Какво битие е Бог?
„БОГ е Дух, и оние што го почитуваат мора да му оддаваат почит со дух и со вистина.“ Оваа изјава од Библијата открива какво битие е Бог, имено дека тој е дух! (Јован 4:19-24). Сепак, во Библијата тој е опишан како личност. Неговото име е Јехова (Осија 12:5).
Некои читатели на Библијата се збунети по ова прашање. Ако е невидлив дух, а не материјално суштество, зошто Светото писмо вели дека има очи, уши, нос, срце, раце, прсти и нозе?a Некој би можел да заклучи дека Бог има тело слично на човечкото бидејќи Библијата вели дека човекот е создаден според неговиот лик. Но, ако подлабоко анализираме што вели Библијата на оваа тема, ќе видиме дека нема место за забуна (1. Мојсеева 1:26).
Зошто е опишан со човечки карактеристики?
Под водство на Бог, библиските писатели го опишувале Семоќниот користејќи човечки карактеристики за да можат луѓето полесно да разберат какво битие е тој. Ваквото „припишување човечки облик или особини“ изучувачите го нарекуваат антропоморфизам. Ваквите изрази се користат поради ограниченоста на човечките јазици да го опишат вистинскиот Бог, Јехова. Целта на ваквиот опис била да се пренесат основни факти за Бог на начин што ќе биде разбирлив за луѓето. Тие не треба да се сфатат дословно исто како што не треба да се сфати дословно кога во Библијата Бог е опишан како „Карпа“, „сонце“ или „штит“ (5. Мојсеева 32:4; Псалм 84:11).
Исто така, за да ја пренесе идејата дека човекот во ограничена мера има особини што се слични на Јеховините, Библијата за него вели дека е создаден според Божјиот лик. Јасно е дека ниту луѓето се духови ниту Бог има облик на човек.
Дали Бог е маж или жена?
Тоа што за Бог се користи машки род исто така не треба да се сфати дословно. Половата поделба е својствена само за физичките суштества, а граматичката категорија род е само јазично средство кое исто така покажува дека човечките јазици се премногу ограничени за да можат детално да го опишат Семоќниот Бог, Јехова.
Кога го користи зборот „Татко“, Библијата ни помага да сфатиме дека нашиот Творец може да се спореди со еден грижлив татко кој нѐ сака и нѐ штити (Матеј 6:9). Ова не значи дека Бог, или кое и да било друго небесно суштество, е машко или женско. Кај нив нема машки и женски пол. Интересно е тоа што Библијата покажува дека оние што се повикани да бидат Христови сонаследници во неговото небесно Царство не очекуваат да го задржат својот пол кога ќе се прослават како Божји духовни синови. Апостол Павле ги потсетил дека, кога ќе станат духовни Божји синови, меѓу нив ќе „нема ни машко ни женско“. Во преносна смисла, тие се наречени и „невеста“ на Јагнето, Исус Христос. Сето тоа покажува дека човечките карактеристики што му се припишуваат на Бог, на неговиот единороден Син и на другите духовни суштества, не треба да се сфатат буквално (Галатите 3:26, 28; Откровение 21:9; 1. Јованово 3:1, 2).
Бидејќи имале исправно разбирање за улогата што треба да ја има еден маж, библиските писатели користеле машки род кога зборувале за Бог. Тие знаеле дека мажите што живеат во склад со библиските начела се соодветна споредба за Јеховината љубезна, татковска грижа кон своите деца на Земјата (Малахија 3:17; Матеј 5:45; Лука 11:11-13).
Божјата најистакната особина
Иако е дух, врховниот Владетел не е ладен, мистериозен и некомуникативен. Фактот што тој е духовно битие не е непремостлива пречка за искрените лица кои сакаат да дознаат повеќе за неговата љубов, моќ, мудрост и правда — особини кои исто така ни помагаат да го запознаеме, а можат да се видат од она што тој го создал (Римјаните 1:19-21).
Сепак, целата Божја личност би можела да се опише со неговата најистакната особина, љубовта. Кај него таа доаѓа до израз толку силно што се вели дека тој е љубов (1. Јованово 4:8). Оваа особина опфаќа и неколку други негови карактеристики, како што се милосрдноста, спремноста да простува и долготрпеливоста (2. Мојсеева 34:6; Псалм 103:8-14; Исаија 55:7; Римјаните 5:8). Јехова е навистина Бог на љубовта кој нѐ повикува да му се приближиме (Јован 4:23).
[Фуснота]
a На пример, види во: 1. Мојсеева 8:21; 2. Мојсеева 3:20; 15:8; 31:18; Јов 40:9; Псалм 10:17; 18:9; 34:15; Изреки 27:11; Езекиел 8:17; Захарија 14:4; Лука 11:20; Јован 12:38; Римјаните 10:21; Евреите 4:13.
ШТО МИСЛИШ?
◼ Кое е Божјето име? (Осија 12:5)
◼ Каде можеме да ги видиме Божјите особини? (Римјаните 1:19-21)
◼ Која е Божјата најистакната особина? (1. Јованово 4:8)