Зошто мрежите се празни
„Сум видел и добри и лоши години, но уловот никогаш не бил толку слаб како сега“, вели Џорџ, 65-годишен рибар кој лови во близина на североисточниот брег на Англија. „Нема што да се лови. Нема ни лосос, ни бела риба, ни бакалар, ни јастог — ништо!“
ВАКВИОТ проблем не го мачи само Џорџ. Во слична состојба се сите други мориња во светот. Аугустин од Перу е капетан на еден рибарски брод од 350 тони. „Сардините почна да ги снемува пред 12 години“, вели тој. „Порано во Перу вриеше од риби, и тоа преку цела година, но сега се случува со месеци ништо да не уловиме. Никогаш не се оддалечувавме од брегот повеќе од 25 километри, но сега мора да преминеме и до 300 километри за да најдеме нешто.“
Антонио, кој живее во Галиција (Шпанија), вели: „Рибар сум повеќе од 20 години и можам да видам дека, малку по малку, рибите ги снемува од морето. Ги ловиме многу побрзо отколку што можат да се намножат“.
Намалувањето на бројот на рибите во морињата е реалност, иако не може да се забележи на фотографија како што се забележува уништувањето на прашумите. Организацијата на ОН за храна и земјоделство неодамна објави едно предупредување во врска со прекумерниот риболов во кое, меѓу другото, беше речено и следново: „Ситуацијата е особено лоша и загрижувачка со оглед на тоа што во околу 75 отсто од ловиштата низ целиот свет се лови до максимум, преку тој максимум или, пак, веќе се исцрпени“.
Рибите се главен извор на белковини од животинско потекло за една петтина од светското население. Тоа значи дека е загрозен еден од најважните извори на храна. Освен тоа, не се сите мориња подеднакво богати со риба. Всушност, во поголемиот дел од океаните речиси нема жив свет. Најмногу риби можат да се најдат во близина на брегот или на места каде што од дното на океанот извира вода богата со хранливи материи. Со нив се храни фитопланктонот, кој е појдовна алка во синџирот на исхрана во морето. На кој начин рибарите ги уништуваат истите ловишта од кои им зависи лебот? Делумен одговор ќе добиеме ако ја разгледаме историјата на едно од овие ловишта.
Како почнало големото истребување во Гренд Бенк
На патот од Англија преку Атлантскиот Океан, италијанскиот морепловец Џон Каботa го открил ловиштето Гренд Бенк во плитките мориња покрај канадскиот брег, со што започнала еден вид златна треска. Ова се случило само пет години по историското патување на Кристифор Колумбо во 1492 год. За кратко време, стотици рибари почнале да го препловуваат Атлантскиот Океан за да ловат во Гренд Бенк. Ниеден Европеец немал видено море што е толку богато со бакалари.
Бакаларот нудел добра заработувачка. Ценет е по белото и посно месо, и сѐ уште е многу баран на пазарот. Атлантскиот бакалар обично тежи од 1,5 до 9 килограми, но некои од бакаларите во Гренд Бенк биле големи колку човек. Во текот на наредните неколку векови, рибарите почнале да користат големи мрежи и долги јажиња на кои биле закачени илјадници јадици.
Последиците од индустрискиот риболов
До 19 век, некои Европејци изразиле загриженост дека бројот на рибите, особено харингите, се намалува. Меѓутоа во 1883 год., професор Томас Хаксли, кој во тоа време бил претседател на Британското кралско друштво, ја дал следнава изјава на Меѓународниот саем за риболов: „Има толку многу риби што количината на уловот е релативно безначајна... Затоа, сметам дека ловиштето за бакалари... а најверојатно и сите други големи морски ловишта се неисцрпни“.
Повеќето го прифатиле мислењето на Хаксли дури и откако во Гренд Бенк бил воведен индустриски риболов со паробродови. Побарувачката на бакалари се зголемила, посебно откако, во 1925 год., Кларенс Бирдси од Масачусетс (САД) пронашол метод за брзо замрзнување на рибите. Ова ги поттикнало рибарите да ловат уште поголеми количини со помош на големи рибарски бродови на дизел-мотор. Сепак, тоа било само почеток.
Во 1951 год., еден британски брод со необичен изглед дошол по риба во Гренд Бенк. Бил долг 85 метри и имал максимална носивост од 2.600 тони. Тоа бил првиот рибарски брод во кој уловената риба се пакувала и се замрзнувала на самото место. На задниот дел имал рампа по која можела да се крева огромната мрежа со помош на макари, а на подолните палуби биле поставени машини кои автоматски ги одвојувале коските, а потоа ги замрзнувале рибите. Со помош на радар и ултразвучни бранови, бродот ловел деноноќно, и тоа во период од неколку седмици.
И други земји сфатиле дека ова е добар бизнис, и за кратко време морето почнале да го чешлаат стотици слични бродови, а некои од нив успевале да уловат и по 200 тони риба секој час. Меѓу нив имало бродови со максимална носивост од 8.000 тони, опремени со мрежи што биле доволно големи за да соберат голем патнички авион.
Буре без дно?
„При крајот на 1970-тите години, многу луѓе сѐ уште живееја во заблуда дека океаните се неисцрпни“, стои во книгата И океанот си има граници (Ocean’s End). Во Гренд Бенкс почнаа да ловат сѐ повеќе бродови, и тоа продолжи и во 1980-тите години. Научниците предупредуваа дека бакаларот ќе го снема. Но, дотогаш од овој занает се прехрануваа илјадници луѓе, а политичарите не сакаа да донесат одлука со која би станале омразени. Најпосле, во 1992 год., научниците објавија шокантен податок, имено дека за 30 години бројот на бакаларите бил намален за 98,9 отсто. Ловењето бакалари во Гренд Бенк беше забрането, но предоцна. Едно од најбогатите ловишта во светот беше потполно исцрпено за само петстотини години откако било откриено.
Рибарите се надеваа дека бакаларот повторно ќе се намножи. Меѓутоа, неговиот животен век е нешто повеќе од 20 години, и му треба многу време за да достигне зрелост. А повторниот пораст, кој се очекува уште од 1992 год., сѐ уште е само сон.
Светска криза за риба
Случајот со Гренд Бенк е предупредувачки пример што се однесува до глобалниот проблем со кој се соочува рибната индустрија. Во 2002 год., британскиот министер за животна средина изјави дека „на 60 отсто од сите ловишта во светот им се заканува уништување“. На удар се туните, сабјарките, ајкулите, рибите што живеат на камено дно и многу други видови.
Многу од развиените земји бараат нови, далечни ловишта бидејќи ги имаат уништено своите. На пример, бреговите на Африка се едни од најобилните риболовни подрачја. Многу африкански политичари се принудени да издадат дозвола за риболов бидејќи тоа е главен начин на кој државната каса се полни со девизи. Не изненадува тоа што мештаните се огорчени што во нивните мориња има сѐ помалку риба.
Зошто не се преземаат никакви мерки?
За еден лаик, решението е едноставно — да се намали риболовот. Но, тоа не оди така лесно. Многу луѓе имаат вложено големи средства во овој бизнис. Од таа причина, секој рибар се надева дека другите ќе престанат да ловат за тој да може да продолжи и, на крајот, никој не престанува. Овој проблем го зголемуваат и самите влади, кои исто така инвестираат во риболовот. Списанието Научни и технолошки спорни прашања (Issues in Science and Technology) вели: „Секоја земја смета дека целите [на ООН] за заштита на риболовните терени важат за сите други земји, само не за нив“.
Дел од овој проблем е и спортскиот риболов. Коментирајќи за едно американско истражување, списанието New Scientist спомна дека „64 отсто од пријавениот улов на загрозени риби покрај Мексиканскиот Залив му се припишуваат на спортскиот риболов“. Бидејќи и спортските и комерцијалните рибари имаат големо влијание, на политичарите им е поважна поддршката од страна на гласачите отколку заштитата на рибите.
Дали ловиштата ќе бидат заштитени? Во својата книга Живиот океан (The Living Ocean), Бојс Торн-Милер вели: „Живиот свет во океаните не може да биде спасен ако луѓето не го сменат својот став, и тоа од корен“. Сепак, утешно е што Јехова Бог, кој создал сѐ, втемелил Царство под кое ќе биде заштитена целата Земја (Даниел 2:44; Матеј 6:10).
[Фуснота]
a Во 1480-тите години, Џон Кабот, кој во родната Италија бил познат како Џовани Кабото, се преселил во Бристол (Англија), од каде што тргнал на своето патување во 1497 год.
[Истакната мисла на страница 21]
Живиот свет во морињата се уништува исто колку и прашумите
[Истакната мисла на страница 22]
„Во околу 75 отсто од ловиштата низ целиот свет се лови до максимум, преку тој максимум или, пак, веќе се исцрпени“ (Организацијата на ОН за храна и земјоделство)
[Истакната мисла на страница 23]
Рибите се главен извор на белковини од животинско потекло за една петтина од светското население
[Слика на страница 23]
Камбоџа
[Слика на страница 23]
Комерцијален риболов, Алјаска
[Слика на страница 23]
Демократска Република Конго
[Извор на слика на страница 20]
© Janis Miglavs/DanitaDelimont.com
[Извори на слики на страница 22]
Горе: © Mikkel Ostergaard/Panos Pictures; во средина: © Steven Kazlowski/SeaPics.com; долу: © Tim Dirven/Panos Pictures